АНТИМАКЕДОНСКИ КАРАКТЕР

Додека договорот од 13 март 1912 година формално бил дефанзивен во духот на препораките на Големите сили, Воената конвенција од 2 јуни 1912 година имала офанзивен карактер во однос на Турција. Овој договор во целост имал антимакедонски, антитурски, антиавстриски и антиромански насоки. Со Договорот, односно со Воената конвенција, било предвидено Србија и Бугарија во случај на офанзивна војна против Турција, да дејствуваат со доволно сили: Бугарија со војска што не може да биде помала од 200.000, а Србија со најмалку од 150.000 војници. Со четвртиот член на Воената конвенција двете страни се обврзале, доколку по претходна спогодба ја нападнат Турција, од својата војска да одвојат најмалку 100.000 луѓе и да ги упатат на Вардарското боиште, ако поинаку не биде утврдено со специјален договор. Во случај Австро-Унгарија да ја нападне Србија, Бугарија се обврзувала да и’ помогне на Србија со најмалку 200.000 војници. Ако Романија или Турција ја нападнат Бугарија, Србија се обврзала дека ќе и’ помогне со најмалку 100.000 војници. Ако Турција ја нападне Србија, Бугарија би упатила најмалку 100.000 војници на Вардарското боиште, а ако ја нападне Романија, Бугарија ќе и’ даде помош на Србија. Ако и Србија и Бугарија ја нападнат Турција, двете биле должни да упатат по 100.000 војници на Вардарското боиште, но, ако ја нападне само една без претходен договор, другата била обврзана само на пријателска неутралност.

Врз основа на Воената конвенција, истиот ден, т.е. на 2 јуни 1912 година била потпишана Спогодбата за воените планови, правците на дејствувањето и операциите против Турција. Поради некои несогласувања во оценката на значењето на Вардарското и на Маричкото боиште во септември 1912 година била потпишана спогодба со која биле намалени обврските на бугарската војска кон Вардарското боиште. Со тоа бугарската војска била претежно насочена кон Маричкото војувалиште, односно во Тракија. Царот Фердинанд жестоко се спротивставувал да го потпише членот 2 од Договорот, односно членот 3 од Воената конвенција што биле насочени против Австро-Унгарија, но под притисок на руската влада и од кабинетот на Гешов, царот го потпишал Договорот. Два месеца по потпишувањето на Договорот, при своите посети на Берлин и на Виена, Фердинанд ја застапувал тезата дека Бугарија не може да се откаже од своите претензии за обединување со Македонија и со Тракија, но дека, во последен момент, откако ќе биде создадена голема Бугарија ќе се пресмета со Србија и ќе му пристапи на Тројниот сојуз.

Бугарско-грчките преговори започнале, исто така, во 1911 година и биле набрзо прекинати поради спорот околу поделбата на Македонија. На иницијатива на грчката Влада преговорите биле обновени во март, а договорот бил склучен во мај 1912 година. Тој бил одбранбен сојуз за меѓусебни помагања и заеднички настапувања спрема Турција и Големите сили. Покрај договорот Грција и Бугарија потпишале и Декларација со која се предвидувала неутралност на Бугарија спрема Грција ако таа, поради Крит, се најде во воена состојба со Турција. Воената конвенција што ја потпишале истата година предвидувала заедничко ангажирање на воени сили на Вардарското и на Маричкото боиште: Бугарија да ангажира најмалку 300.000, а Грција најмалку 120.000 војници. Грчката флота имала задача да го спречи сообраќајот во Егејското Море меѓу Мала Азија и европскиот дел на Турција.