А) Административно-централистички систем

а) Администратиавно-централистички систем

Од половината на 1946 година започнува процесот на силно изразена бирократизација на односите во врска со подготовките за премин кон планирање и центализирана акумулација. Како единствена алтернатива Комунистичката партија ја имаше изградбата на ново општество во земјата: создавање на општонародна односно државна сопственост, нејзино централистичко раковоење преку системот на државните органи, потоа - планирање од диригиран карактер, како вид на административна интервенција во општеството во целина. Овој систем не беше остварен непосредно по ослободувањето, туку постепено и во зависност од меѓународните и внатрешните околности. Нова Југославија требаше најпрвин да добие меѓународно признавање, а потоа и уставноправно да се потврдат придобивките од Резолуцијата. Требаше во сферата на општествнео-економските промени да се создадат основните претпоставки за создавање на државно стопанство и премин кон планска индустријализација. Пред очите на конструкторите на југословенскиот систем постоеше само еден пример - системот во Советскиот Сојуз. Југословенските комунисти во тоа време, го глорификуваа советското уредување, пресадувајќи го доброволно, како што истакнува Ј. Б. Тито, низ установи и решенија. Иако масовната доброволна работа имаше корени и во југословенската револуција, системот на натпреварување на кој се' повеќе се преминуваше имаше образец во советскиот систем, се разбира, со некои незначителни модификации. Раководителите на КПЈ тогаш нема претстава дека централистичкото раководење на стопанството може да доведе до тешки општествени деформации во форма на бирократски централизам.

Според оценките на француските претставници, “политичкиот режим во Македонија е заеднички за сите републики во југословенската федерација... за тоа е комунистичкиот..., во кој слободата на мислење, на печатот, на работа, на религија... ова е прашање кое е бескорисно да се постави бидејќи реално нема слобода...”

Карактеристично е да се одбележи дека во периодот на административното управување на стопанството од ослободувањето до 60-тите години на нашиот век, исклучиво државата имаше компетенции во непосредното раководење на стопанските гранки и облати. Во таа насока, заради полесно раководење и решавање на стопанските проблеми, се пристапи кон издвојување на оперативните сектори во тогашните министерства и отворање генерални и главни дирекции, како органи на државната управа - министерства за тешка, за лесна индустрија итн. Во зависност од општественото значење, претпријатијата и фабриките беа раководени од државните, републичките и локалните органи на државната управа.

Централистичкото раководење што бешше воспоставено во земјата во условите непосредно по војната речиси во целокупната литература во земјата - историска, политичка, правна, социолошка и економска - се сметаше дека било нужен систем. Притоа се поаѓа од воените разорувања, меѓународниот притисок, остатоците од старите граѓански сили се бараат и наведуваат слични оправдувања за неговото постоење и организираност. По правило се истакнува фаталистичката страна на оваа појава, без согледување на нејзините субјективни компоненти, односно се нагласува нужноста на која се укажувало во проценките на КПЈ. Ако се усвои оваа теза што ја истакнуваат владејачките субјекти во Македонија и Југославија пошироко, тогаш би морале да се запрашаме, не ли се објективни гледиштата дека 1949 година беше далеку потешка и посложена, кога југославија се најде под целосна економска и политичка блокада од Исток, кога раководството избра да тргне по патот на децентрализација.

Основните одлики на овој централистички систем се согледуваат во семоќната позиција на сојузните и централните оргнаи на власта и управата, изградени врз строгиот принцип на хиерархиската подреденост од врвот до дното. Една од суштествените карактеристики на југословенскиот централизам во овој период претставува постоењето на федеративната државна структура. Меѓутоа, југословенската федерација ги носи во себе сите карактеристики на централистичка федерација од 1945 година до почетокот на нејзиното развластување во процесот на децентрализација. Во 1945/46 година републиките имаат формална политичка и економска самостојност, а сите одлуки се донесуваат на ниво на највисоките југословенски органи, со партиципација на претставниците на републиките.

Втора карактеристика на југословенската федерација претставува правото на уставно санкционирање и приоритетноста на федерацијата над своите федерални единици, кои се изведуваа така што доброволно и' беа отстапени компетенциите на сојузната влада.

Трета карактеристика на овој систем претставува ограничувањето во законодавната сфера на претставничките дела. Притоа им беа одземени оној дел од надлежностите на републиките а во корист на владата, кои ја регулираа материјата од областа на стопанството и финансиите, односно уредбите со законска сила.

Четврта одлика на централизмот претставува поделбата на претпријатијата во земјата на сојузни, републички и локални, со тоа што најмоќните и најразвиените претпријатија во економски поглед беа од сојузен карактер, што му даваше економска основа на централистичкото владеење.

Југословенскиот централизам содржи во себе етатистичка суштина, бидејќи целокупното стопанство беше подржавено, односно се наоѓаше во рацете на државата. Државата успеа да воспостави економски монопол по пат на низа сукцесивни, експропријациони мерки. Во април 1948 година дражвата, преку дополнителна национализација, ги подржави, односно ги претвори во државна сопственост ситната трговија и локалното стопанство. Некои теоретичари (како В. Дедиер) сметаат дека оваа национализација била предизвикана од тенденцијата да се отапи критиката на Информбирото и да се докаже сопствената “правоверност”. Ваквата теза би можела да се усвои, со оглед на моментот на извршување на дополнителната национализација, која несомнено ја имаше таа мотивација, но не може да се оспори дека, независно од нападите на Информбирото, КПЈ имала концепт за подржавување на целокупното стопанство, како едне вид социјалистички облик на стопанството.

Врз основа на економската сопственост на монополот, државата управуваше со целокупното стопанство преку државните органи - министерства и специфичните органи на овие министерства во областа на стопанството. генералните и главните дирекции. Општиот примерок - урнек на овој модел, потекнува од Советскиот Сојуз. Без оглед на извесните југословенски специфичности, карактеристиките на овој модел се согледуваат во следново: претпријатијата се наоѓаат под управа на генералните и главните дирекции. Тие се инкорпорирани во државниот, стопанскиот и управниот апарат. Покрај тоа, тие се плански диригирани преку плановите на производството, расподелбата, набавката на суровини и друго. Директорот на претпријатието имаше огромни овластувања и тој е всушност претставник на државата во стопанството. Овој модел е изготвен кон кајот на 1946 година и тој се заснова врз централизирана акумулација (добивката од стопанството), нормираност на цените, централизираност на банкарскиот капитал, планска и насочена инвестиција. Највисок степен на ингеренција во стопанството државата го достигна преку донесувањето на централизираниот Петгодишен план во април 1947 година. Процесот на подржавувањето ја смалуваше работната иницијатива, доведувајќи до згаснување на производствените советувања. Основно беше да се остварат планските задачи преку користење на државната економска политика и екстензивно стопанисување.

Ефтината работна рака претставуваше главен извор на акумулацијата. Квантитативните показатели беа основно мерило во реализацијата на планските задачи, а сите другите битни фактори имаа второстепено значење. Независно од зголемувањето на обемот на производството, беа присутни многубројни негативни појави. Флуктуација на работната рака, натрупување на работните маси на едно место, нерационална организација на производството, владење на субјективните критериуми и проценки по повод изборот на клучните стопански и нестопански објекти (како на пример, Страхил Гигов кој ја наметна изградбата на топилницата во Велес, Никола Минчев при наметнувањетона изградбата на Фени во Кавадарци итн.), сиромашен асортиман на стоката, зголемување на количествата, шкарт и друго. Насоченоста кон развој на тешката индустрија доведе до диспропорција во двата правци. Запоставување на земјоделското стопанство и заостанување кај преработувачката индустрија. Последниве две беа најсуштински за развојот на Македонија, бидејќи со нив, односно само со развојот и унапредувањетона земјоделието, и сточарството и индустриската преработка на нивните производи Македонија далеку повеќе ќе напредуваше отколку со определбата за развој на тешка и средна индустрија. Овој систем сепак функционираше бидејќи штотуку беше воспоставен, а се засноваше врз моралните поттикнувања, кои се' уште не беа докрај изгаснати, врз малите потреби на работништвото во областа на стандардот и врз уверувањето дека со победата на социјализмот ќе се создадат непосредни услови во иднината. Со нападите на Информбирото овој систем доживува највисока точка во својот развој. Меѓутоа, во процесот на одбраната на независноста на земјата ќе доживее и своја негација. Максималниот развој на централистичките тенденции може да се согледа преку низата акции што КПМ и КПЈ воопшто ги преземаше во текот на 1948-1949 година.< Други пленум ЦК КПЈ - Седница Централног комитета КПЈ 1948-1952. Извори за историју СкЈ, Београд, “Комунист”, 1985, 5-287. >

Втората пленарна седница на ЦК КПЈ во јануари 1949 година усвои нова административн аподелба на државата на области, поделба што има изразито централистички карактеристики. Иако таа од извесни раководители комунисти беше третирана како еден вид децентрализација. Областите беа формирани по партиска линија и по линија на народната власт и масовните општествнео-политички организации. Се сметаше дека со ваквата административна поделба на области би се постигнало подобро и поправилно раководење од страна на националните раководства: “тоа би било едно скалило меѓу околиските и централните комитети, кое би овозможило кадрите што денес брзо израснуваат да можат уште поправилно и побрзо да се издигнуваат и развиваат”. Според оваа одлука од јануари 1949 година, во Македонија се формирани три области: Скопска, од 11 околии со 396.364 жители, Штипска - од 11 околии со 311.228 жители и битолска - од 13 околии со 377.812 жители.< Резолуције Другог пленима ЦК КПЈ... с. 271-287. >

Во периодот на етатистичкиот централистички развој беа издиференцирани две категории на слоеви од населението. управувачи и извршители. Кон ваквиот модел на организација на социјалистичкото општество се упатуваат сериозни критички забелешки. Така, во француските анализи и оценки оправдано се укажува дека, како што на сојузно ниво целокупната власт беше концентрирана во рацете на државнопартиската власт раководеа нивните врвни личности. Така, во Македонија, управувачката моќ во сите сфери на севкупниот општествено-економски и политички живот беше концентрирана во личноста на Лазар Колишевски. Моќта на извршната власт на оваа личност продолжи да се чувствува дури и во првите години од воведувањето на работничкото самоуправување: “Стариот претседател..., избиран со акламација... а најчеста фраза обично е зборот - целата власт на работниот народ..., но власта и влијанието или: и' остануваат на Партијаа или остануваат во Партијата...”.< Archives diplomatique... Nantes... Fond, Етат Генерал... Serie, Скопје, vol. 2. >

Иако наградувањето на вработените изразено преку плати се вршеше прпеку норми и стручни квалификации, не беше стимулативно и имаше негатини последици, бидејќи таквите критериуми на наградување не беа реални затоа што беа поставувани одозгора, наместо тоа да биде одоздола, од самите претпријатија и од непосредните производители, односно да претставува економска и пазарна категорија.

Ваквото целосно административно-централистичко општествнео организирање беше применето не само во обласа на стопанството, туку и во политичкиот, просветно-културниот, социјално-здравствениот или накусо - во целокупниот живот на земјата. Сепак, треба да се одбележи дека бројот на македонското работништво, во споредба со состојбата од пред војната во Македонија, во 1947 година осетно е зголемен на 31.295, а во 1948 дури и на 47.750 работници или за 365% повеќе спрема индекст 100 во 1939 година, што несомнено говори за еден позитивне процес на индустријализација на Македонија.<Политички извештај на ЦК на КПМ. Прв конгрес на КПМ. Извештаи и резолуции. “Култура”, Скопје, 1949, с. 134.>

КПМ беше доминантен политички фактор во македонското општество и во него се наоѓаа сите подлоги на власта. Партијата одигра улога на главен директивен орган, носител на инспирации, давател на многу перспективи. Подоцна установената терминологија: социјалистичка перспектива, социјалистичка изградба, социјалистичко преобразување на општеството и слично, тогаш не беше во употреба. Дури и Првиот петгодишен план ја немаше додавката социјалистички, туку “план за развој на народното стопанство”. На сите поими ознаката “социјалистички” е додадена дополнително, во светлината на идеолошко-политичкиот развој по судирот со Информбирото. Познато е дека Револуцијата во Македонија и Југославија не се нарекуваше ниту социјалистичка, ниту револуција, туку обично таа беше именувана како народна или едноставно народноослободителна борба се’ до 1948 година.