БИТКАТА НА БРЕГАЛНИЦА

Битката на Брегалница, односно на фронтот меѓу третата. српска и четвртата. бугарска армија започнала ноќта на 30 јуни 1913 година во 2.00 часот, со ненадеен напад на 8. бугарска дивизија преку Брегалница на центарот на десното крило на Дринската дивизија. Еден час подоцна тргнала во напад и 7. дивизија преку Злетовска река на левото крило на истата српска дивизија. Под притисокот на бугарските единици, претстражните одреди на Дринската дивизија се повлекле на главните позиции. Во 2 часот и 30 минути српските полкови на левото крило и на центарот ги зазеле позициите. На десното крило претстражниот баталјон наместо да ја прифати борбата со предните делови и да создаде време на својата главнина, преминал во противнапад и бил разбиен, по што српските сили биле принудени да се повлечат на дополнителните позиции на 2,5 километри зад главните.

Бугарските напади на Лозјанскиот Рид и на Ежово Поле биле одбиени. На Средниот Рид избиле бугарски трупи и заплениле шест топа на две српски батерии. Со противнапад на српската резерва повторно бил освоен Средниот Рид и вратени шест топа, а бугарските сили биле одбиени на левиот брег на Брегалница. Нападите на 7. Рилска дивизија на Шаренковец и на Руен биле одбиени од 5. пешадиски полк. Поради тешката состојба кај Дринската од првиот повик, командантот на третата. армија ја упатил на помош Моравската дивизија од првиот повик од армиската резерва: еден полк да изврши напад преку село Богословец, еден од правецот на село Врсаково и еден преку село Мустафино кон Судиќ, за да и’ помогнат на Дринската дивизија повторно да ги заземе загубените позиции.

Полковите на Моравската дивизија пристигнале околу 10.00 часот и веднаш биле ангажирани. Настанала жестока битка во која се вршеле три до четири последователни јуриши. Артилеријата од двете страни била масовно употребувана, но без некои позначајни успеси. Во предвечерието борбата стивнала на целиот фронт. Поради големите загуби и премореноста, ноќта не биле вршени напади. На крајното десно крило бугарската војска со две бригади ги зазела Удово и Гевгелија и ја пресекла железничката пруга Солун-Скопје.