БОРБИ ОД СИТЕ СТРАНИ

Кога го известиле за српските движења по Војувалиштенска Река и кон Бел Камен, Зеки-паша донел погрешна процена, па на 15 ноември му наредил на Џавид-паша со 6. корпус веднаш да појде зад Бел Камен и со единиците што пристигнувале од Ресен да го разбие десното крило на првата. армија. Пред вечерта, корпусот стигнал кај сртот Превалец и Џавид-паша и’ наредил на 16. дивизија да го запоседне Бел Камен. Но, поради ноќните услови и планинскиот терен, било решено наредбата да се изврши следното утро.

На 16 ноември 1912 година започнала Битолската битка, односно еден ден порано во однос на планот. Изутрината на 16 ноември, десната колона на Моравската дивизија од вториот повик ги нападнала турските позиции кај селото Гопеш и ги зазела. Истата колона вечерта го освоила преминот кај Ѓавато и ја пресекла отстапницата на турските единици за Ресен и Охрид. Левата колона во утринските часови ги нападнала позициите на Бел Камен и во борбата гради во гради и со студено оружје успеала да го заземе. На достигнатите позиции Моравската дивизија се утврдила и барала помош за да може да ги продолжи настапувањата. На другиот дел на фронтот, единиците ги вршеле последните подготовки за утрешниот напад. Зеки-паша извршил прегрупирање на своите сили, така што 13. низамска дивизија ноќта меѓу 16-17 ноември била префрлена во состав на 6. Корпус, за да ги засили напаѓачката можности, но со тоа ја ослабнал одбранбената линија.

Вториот ден, т.е. на 17 ноември 1912 година, битката започнала со општ напад на првата. српска армија. Десната колона на Моравската втора од линијата Ѓавато-Гопеш нападнала во правецот кон Превалец. Меѓутоа, поради противудар на турските сили, српската војска морала да се врати на почетните позиции. Левата колона на Бел Камен водела тешка борба гради во гради. Џавид-паша се обидувал по секоја цена да го освои ова стратегиско место. Моравската дивизија од првиот повик и Дринската од првиот повик нападале преку падините на Древеник, секоја во два борбени ешалони. Приближувајќи се кон река Шемница тие биле изложени на митралески оган. Артилеријата на двете војски, поради брзината на движењето и земјишните услови, не била употребувана. Надојдената Шемница и турскиот митралески оган го оневозможувале натамошниот пробив на српската војска. Тогаш ненадејно отвориле оган две српски батерии од Моравската дивизија од вториот повик, што се наоѓале кај Бел Камен. Тие ја неутрализирале и турската артилерија, што се наоѓала кај село Габалавци и село Секирани. Веднаш потоа, единиците на првиот ешалон ја прегазиле Шемница. По преминувањето на Шемница, започнала блиска борба, при што српската војска до вечерта избила на линијата село Габалавци-Секирани-село Драгожани. Турците отстапувале на планинскиот терен на позициите Киромарица-Кочиште. Во текот на ноќта двете дивизии ги префрлиле своите ешалони преку Шемница и се подготвувале за продолжување на нападот.

Дунавската дивизија од првиот повик напаѓала во две колони. Десната преку Црна Река и Шемница извршила напад на село Трн. Минувајќи преку мочуришното земјиште, околу 10 часот го зазела село Трн. Со тоа бил пробиен фронтот на 5. турски корпус. Меѓутоа, предноста не била искористена за продолжување на нападот, па Турците успеале да ја организираат одбраната кај село Карамани. Левата (главната) колона не успеала да изврши напад врз турската десна страна. Поради уривањето на мостот на Црна Река, таа останала кај село Новаци. Коњаничката дивизија упатила еден полк кон село Брод за да ги заземе премините преку Црна Река, а главнината била кај село Биљаник. Тимочката дивизија од вториот повик била во армиската резерва. Турската 13. дивизија до вечерта стигнала во село Доленци. Меѓутоа, Џавид-паша, командантот на 6. корпус, бил принуден да ја врати 13. дивизија во Битола поради активноста на македонските месни чети што почнале да ги напаѓаат турските сили. Со тоа ја ослабнал фронтовската линија, која на српската војска и’ овозможило прегрупирање и полесно пробивање на фронтот.