БУГАРИТЕ АТАКУВААТ

Во меѓувреме, започнале подготовките за преговорите во Букурешт. Биле воспоставени непосреди врски меѓу владите и командите на одредени оперативни единици, тргнувајќи од правното начело дека склучените договори важат само доколку не настапат фактички промени на теренот во врска со исполнувањето на одредбите на договорите. Како резултат на примената на ова начело, во идниот мировен договор што би бил потпишан меѓу сојузниците, секоја сојузничка воена команда настојувала да завладее што поголем дел од територијата на Македонија и во неа да организира своја воено-полициска и административна власт.

Поради таквите цели, царот Фердинанд без консултација на Владата на 30 јуни 1913 година наредил бугарската војска да изврши напад врз српската и врз грчката војска на позициите кај Злетово и Лефтере. Претседателот на бугарската влада Стојан Данев изјавил: Кога е збор за судбината на Македонија, сите треба да знаат дека Бугарија е подготвена на секакви жртви. За тој напад Бугарите биле обвинети од големите сили, а Србите и Грците го дочекале како погоден момент за остварување на сопствените интереси.

На 1 јули 1913 година Стојан Данев му наредил на генералот М. Савов да ги прекине дејствата. Со исто барање на борбените позиции на фронтот се појавиле бугарски парламентарци. Меѓутоа, Србите и Грците не сакале да ги прекинат борбените дејства. Напротив, започнале противофанзива за да заземат што поголема територија од Македонија пред да се вмешаат големите сили. На 1 јули претседателот на Владата на Србија Никола Пашиќ му испратил телеграма на началникот на штабот на Врховната команда, Радомир Путник, со следната содржина:”Грците сметаат дека војната почна и дека настапил решавачкиот момент. И ние им го рековме истото и побаравме нивната Врховна команда со вас да воспостави цврста врска.

По дознавањето дека Бугарите барале прекинување на воените дејства, Пашиќ на 3 јули упатил нова телеграма до Путник, во која се истакнува: По барањето на Бугарите војната да се прекине, се плашам од итна интервенција на големите сили. Забрзајте ја решавачката офанзива. Во врска со значењето на состојбата, грчкиот крал Константин пред својата Влада изјавил: Ние мораме по секоја цена големите сили да ги држиме далеку од нас. Ова е последен момент, ако го испуштиме, пропаднати сме. Бугарскиот цар Фердинанд не се согласувал со прекинувањето на војната поради охрабрувањата од Австро-Унгарија, па барал воените дејства да продолжат.

Потоа Владата на Стојан Данев поднела колективна оставка, но таа не била прифатена. Бугарија ги доживувала најтешките моменти како во Владата, така и на бојното поле. Големите сили зазеле став да не се мешаат во Балканската војна. Русија го зазела ставот дека Европа треба да интервенира само ако една страна се обиде целосно да ја уништи другата страна. Австро-Унгарија останала само на декларативната помош на Бугарија.