На 4 ноември 1912 година започнале борбите за Кичево. Нападот го започнал првиот. Коњанички полк, околу 11 часот, а во првите редови на овој полк напаѓала една чета на македонските доброволци. Непосредно зад нив се движел 3. пешадиски полк. Позициите на турските единици биле на височините и било мошне тешко да се стигне до нив. Нападот се вршел од правецот на селото Длапкин Дол. На тие северни позиции на Кичево биле распоредени турската артилерија и митралеската чета. Српската коњаница брзо се повлекла кон селото Раштани, а македонските доброволци биле фатени во вкрстен митралески оган. Всушност, Македонците биле претворени во подвижни мети. За неполн час македонската чета претрпела загуби од 30 мртви и 11 ранети.

Околу 12.00 часот пристигнале и другите српски сили, кои веднаш тргнале во напад од правецот северно од Раштани со три баталјони во првиот ешалон, од правецот на селото Сеанско и од реонот на селото Црвица. Во тие моменти, врз српските сили во тил извршиле напад албанските башибозучки формации од селото Зајас. Користејќи го овој напад, турските сили нападнале од правецот на селото Кнежино. На тие позиции се воделе жестоки борби до пристигнувањето на главнината на Моравската дивизија. По нејзиното пристигнување првиот. пешадиски полк навлегол во селото Зајас, а другите сили во реонот на Падалиште.

Командантот на 7. Корпус, Фета-паша, одлучил да го брани Кичево, па силите ги распоредил на позициите на линијата Осојска Река-северните делови на Кичево-Корија. На тој начин го затворале правецот од Гостивар и доминирале во однос на противникот. Така поставената одбрана на 7. корпус во Кичево имала за цел на Вардарската армија да и’ се обезбеди време, за да се подготви за одбрана на Битола. Командантот на 7. корпус за одбраната на Кичево располагал со 15 пешадиски баталјони, 18 топови и 18 митралези. Од Битола добил засилување во пешадија, коњаница и артилерија.


Главните сили ги распоредил на левото крило, а како доминантна точка се истакнувала Јаворската височина на Цер (кота 1450). Одбраната била организирана скалесто, односно во повеќе позиции. Борбите за Кичево што започнале на 4 ноември, особено се засилиле наредниот ден, кога дошло до жесток судир меѓу главните сили на двете војски. Во вечерните часови на 5 ноември, турските сили започнале да се повлекуваат кон Битола. Српските сили и во нивниот состав македонските доброволци и месни чети, се подготвувале за напад на Битола и натамошно гонење на турските сили.