Борбени акции низ цела Македонија

Прилепските чети, на пример, на 20 октомври го ослободиле селото Тополчани, а на 23 октомври 1912 година влегле во Прилеп како ослободители.-Ослободена голема територија и во реонот Костур-Лерин-Воден.-Македонските борци, сепак, беа изложени на големи понижувања, навреди, па и отворени закани од страна на сојузничките команданти

Во котлината на реката Струмешница се организирало месното македонско население. Се формирала селска милиција од околу 700 души, кои на 19 октомври 1912 година успеале да ги ослободат селата Иловица и Сушица. Потоа пристигнале четите на Лефтеров и на Иван Смоларски, па со заеднички сили на 20 декември разбиле еден турски одред. Во прилепскиот реон се борела четата на Крсто Гермов, која била наречена Прилепски летечки одред. Во неа, главно, влегувало месно население и содејствувало со четата на ВМРО на војводата Милан Ѓурлуков. Во Прилепско, на повикот за војна, населението масовно се пријавувало и се формирала месна милиција од повеќе чети. Војводите Мирче и Аргир мобилизирале околу 1.000 милиционери и на 15 октомври 1912 година разбиле еден турски коњанички одред на просторот меѓу Прилеп и Плетвар. На 20 октомври го ослободиле селото Тополчани, а на 23 октомври 1912 година влегле во Прилеп како ослободители. Во меѓувреме содејствувале со српските воени формации.

На Селечка Планина кај Студенчица прилепската месна милиција, дејствувајќи во тилот на турската војска, успеала да заплени големи количества храна и воен материјал. На планината Бабуна прилепските чети овозможиле српската војска да ги пробие турските позиции на Присад, поради што војводата Ѓурлуков добил лично благодарност од српскиот престолонаследник кнезот Александар. Меѓутоа, за кратко време српските власти ја заборавиле помошта од македонското население. Сите чети, без разлика, ги нарекувале бугарски, а војводата Ѓурлуков го прогласиле за штетен за српската политика, па го затвориле.