Британски документи за Македонија (1994-1945), телеграма 10

ТЕЛЕГРАМА ОД ХОСТОН БОСВИЛ, ПОЛИТИЧКИ ПРЕТСТАВНИК НА ВЕЛИКА БРИТАНИЈА ВО БУГАРИЈА , ДО АНТОНИ ИДН, МИНИСТЕР ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ НА ВЕЛИКА БРИТАНИЈА

Бр.9 Канцеларијата на британскиот политички претставник,

Софија

Тор ѕесгеt.

Господине,

Во врска со моето писмо бр. 2 од 21 октомври, имам чест да доставам до вас еден превод од изјавата што беше објавена на првата страна на в. "Свобода" од 28 октомври во однос на "Манифестот" за кој се истакнува дека е напишан во Македонија од "Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија" (АСНОМ).

2. Ќе забележите дека исто како и статијата доставена до Вас со моето писмо погоре споменато, Манифестот се однесува на потврдениот состанок од минатиот 2 август кога во "присуство на сојузнички претставници" слободна Македонија беше прогласена во рамките на нова федеративна Југославија.

3. Не постојат индикации колку е вистинит овој "Манифест". Списокот на потписниците на крајот веројатно е вметнат со цел да се отфрли било каков аргумент дека самите Македонци не биле консултирани за нивната иднина, По форма документот е многу во советски стил.

4. Исто така, приложувам копија од еден интересен документ кој е доставен до еден британски член на Сојузничката контролна комисија. Тој содржи голем број прашања поставени од граѓанин на Соединетите Американски Држави на водачот на македонската делегација, спомената во мојата телеграма бр. 19 од 19 октомври, и одговорите на последниот. За несреќа картата на која се повикува на почетокот на документот не е достапна. Но изгледа сосема јасно дека "независна Македонија" како што се планира во картата ќе вклучи делови од грчка територија.

5. Во меѓувреме, овде во последните десет и повеќе денови, Македонија не се споменува во печатот. Можеби водачите на движењето чувствуваат дека отишле предалеку за сегашниот момент. Ќе имам чест и понатаму кратко да Ви се обратам вам по овој предмет. Испраќам копија од ова писмо до резидентот министер во Казерта.

Хостон Босфил

Додаток 2

Прашање 1. Би ви бил благодарен ако ги набележите на приложената карта предложените граници на независна Македонија.

Одговор: Историските, географските, политичките и економските граници на Македонија се претставени на картата, но прашањето не се однесува за една "независна" Македонија туку за федеративна Југославија држава во границите на нова демократска и федеративна Македонија. Независна Македонија е "нон-сенс" од воена, политичка и економска гледна точка бидејќи денеска нациите тежнеат да се групираат заедно, а не да се разделат.

Прашање 2. Кои чекори ќе ги преземете за да ги остварите границите кои ги опишавте? До каде сте спремни да одите? Какви се односите меѓу вашето движење и грчката организација ЕАМ?

Одговор: Обединувањето на македонскиот народ мора да се оствари со добра волја на братска Бугарија и грчката нација. Одговорот на ова пршање е олеснато бидејќи Бугарија денеска има влада на Татковинскиот фронт која е спремна да го ликвидира големо бугарскиот шовинизам. Од поодамна најважната воена и политичка сила во Грција е ЕАМ со кој, во последните три години во нашата борба против германскиот окупатор, ние сме во непосредна соработка. Уште еднаш треба да нагласам дека не постои друг пат, за обединувањето на Македонија, освен со братско разбирлњр меѓу државите и нациите кои се заинтересирани по тоа прашање. За правилното решение на проблемот за обединување на Македонија, не е заинтересиран само македонскиот народ, туку за тоа се заинтересирани сите балкански народи кои изразуваат спремност да ги отстранат еднаш за секогаш недоразбирањата и конфликтите на Балканот. Ние сме цврсто уверени дека постојниот мир и меѓусебното разбирање се искрено посакувани од сите народи на Балканот.

Прашање 3. Каков е вашиот став спрема декларацијата на М.Папандреу дека грчките граници мора да се прошират на север, зад нејзините предвоени граници, со цел да се заштити Грција од напад? Како вие мислите да излезете на крај со овие пречки кон вашите аспирации?

Одговор: Декларацијата на М. Папандреу е израз на тој ист шовинизам кој секогаш беше причина за конфликти на Балканот. Од друга страна, неговата цел е да го сврти вниманието на демократскиот свет од проблемот на обединувањето на македонскиот народ. Ние сме убедени дека таква декларација ќе биде отфрлена од самата грчка демократска нација, за кои слични погледи во минатото значеа судири и војни.

Прашање 4. ...............

Одговор: Како што споменав погоре, тригодишната зедничка борба против фашистичкиот агресор создаде единство меѓу грчкиот и југословенскиот народ. Зедничкото крваво жртвување, за заедничката идеја, се најдобрата гаранција дека постојното пријателство и меѓусебното разбирање ќе продолжи и ќе се унапреди во иднина.

Прашање 5. Во една независна Македонија каков ќе биде статусот на делот од Македонија кој сега е дел од Бугарија?

Одговор: Ние веруваме дека тој дел од Македонија ќе и се придружи на федералната македонска нација т.е. на нова Југославија. Тоа по се изгледа ќе се оствари на мировна конференција. Инкорпорирањето на овој дел од Македонија не е само национално право на македонската нација но исто така е од интерес и за бугарската нација. Со брзото решавање на ова прашање ќе се отвори патот за соработка меѓу бугарскиот народ и народите на Југославија. На тој начин главните пречки за соработка меѓу двете братски јужнословенски нации, Србите и Бугарите ќе се уништат.

Прашање 6. Дали сте спремни да дозволите плебисцит во било кој дел од Македонија кој е оспоруван од надворешна сила?

Одговор:Долготрајните војни од 1912 -1918 и германската окупација на Балканот и Македонија создадоа такви услови што било каков плебисцит би бил нереален. Прашањето за плебисцит може да се покрене кога на сите локални жители кои биле насилно екстрадирани, пред и по војната од Македонија, ќе им се гарантира правото да се вратат на нивното родно огниште и да им се овозможи слободно да гласаат. Каде-каде е голем бројот на Македонците кои емиграа во Бугарија, како резултат на договорот Молов-Кафандарис, кои се уште се несместени и сакаат да се вратат на нивната родна земја. Плебисцит врз основа на оваа насилно создадена институција би била спротивна не само на националните и економските интереси на Македонија, но исто така и на духот на Атлантската повелба. Треба да се нагласи дека анексијата на грчкиот дел на Македонија нема да биде на сметка на грчките емигранти од Мала Азија и Кавказ. Напротив, националните, економските и политичките права на грчките колонисти не само што ќе бидат целосно заштитени и гарантирани во рамките на границите на нова Југославија општо и посебно во слободна Македонија, но и грчкото население ќе постигне економски просперитет.

Прашање 7. До каде се вашите планови во односна формирањето на влада? Дали е избран главен град?

Одговор: Македонската федерална држава, формирана на 2 август 1944, веќе доби Народно собрание (Антифашстичко собрание на народното ослободување на Македонија АСНОМ). Од Народното собрание е формиран Президиум кој има карактер на привремена влада. Во заедничкото народно собрание на Југославија (АВНОЈ) македонските делегати учествуваат со полни права. Седум од четириесетте членови на Президиумот на АВНОЈ се Македонци еден од нив е потпретседател на Президиумот. Еден од министрите член на Националниот комитет (привремена влада на нова Југославија) е Македонец. Привремено главен град на федералната македонска држава е Скопје. По обединувањето на трите дела на Македонија главниот град ќе биде избран според економските, географските и политичките интереси на македонскиот народ. Во минатото (пред 1912) Солун (Салоники) се сметаше за главен град на Македонија.

Прашање 8. Каква влада е формирана во делот на Македонија кој е ослободен?

Одговор: Вистинска демократска влада е формирана во ослободениот дел на Македонија. Органите на оваа влада се наро-дноослободителните комитети формирани во сите села, општини, области и региони. Народното собрание (АСНОМ) е законодавно претставничко и извршно тело. На малцинствата со посебна одлука на народното собрание им се гарантираат целосни национални права. Малцинствата ќе уживаат целосни економски и политички права со македонскиот народ. Исто така се гарантира приватната сопственост, слободата на мислење, јазик и вероисповест.

Прашање 9. Дали го сметате поседувањето на Солун од витален интерес за една независна Македонија?

Одговор:Солун е од витален економски интерес за Македонија. Но тоа не значи дека пристаништето ќе биде затворено за другите народи, посебно за балканските. Слободен Солун е витална економска потреба за народите на Југославија и за остатокот на балканските народи. Само слободен излез на Солун за сите балкански нации од него ќе создаде развиено Средоземноморско пристаниште.

Прашање 10. Дали може да направите краток осврт на настаните кои Македонија ги направи во минатото во однос на независноста?

Одговор:Одговор треба да се даде на некои прашања кои не се поставени, но кои се важни. Народноослободителното движење започна во регионот на Македонија кој е дел од нова Југославија. Постигнатиот успех е резултат од големите жртви за време на тригодишната фашистичка окупација. Тој е исто така резултат од братската помош која останатите народи на Југославија ни ја дадоа. Заедничката борба на народите на Југославија, брилијантно пред-водена од маршал Тито, создаде вечно единство меѓу народите на нова Југославија. Голема е заслугата на маршал Тито кој успеа Југославија од зандана на народите да ја претвори во зедничка, сакана и незаменлива татковина. Тоа може да се разбере само ако се имаат предвид поранешните несогласувања во стара Југославија. За прв пат во својата историја Македонците чувствуваат дека Југославија е нивна вистинска татковина, за чија сигурност и просперитет тие се спремни да направат било каква жртва. Вербата на македонскиот народ во маршал Тито е комплетна и апсолутна. Ние оставаме на маршал Тито да најде солуција за виталниот проблем на нашето обединување. Ние цврсто веруваме дека нашиот вековен идеал наскоро ќе стане стварност. Истовремено ние очекуваме дека големите сојузници ќе заземат правилен став спрема проблемот на нашето обединување и дека тие со нивните чекори ќе помогнат во реализирањето на нашиот праведен идеал.

FО 371/43649 R 19352/1009/67