Британски документи за Македонија (1994-1945), телеграма 20

МЕМОРАНДУМ ОД КАНЦЕЛАРИЈАТА НА ПОЛИТИЧКИОТ ПРЕТСТАВНИК НА ВЕЛИКА БРИТАНИЈА ВО БУГАРИЈА, ДО ФОРИН ОФИС

Реф: 102/3/44

Канцеларијата на британскиот политички претставник, Софија

27 ноември1944.

Почитуван оддел,

Во вашата телеграма бр. 918 од 22 ноември до Бари е предадена телеграма со текст на англиски адресирана до грчкиот Прв министер од Влаховиќ, потпретседател на Антифашистичкото собрание на народното ослободување. Во врска со фуснотата на страна 7 Меморандумот на И/стражувачкиот/ О/ддел/ на Форин офис го замоливме полковникот Бејли, со оглед на неговото големо балканско искуство, да ни даде мислење дали Влаховиќ и Влахов се едно исто лице. Доставуваме и копија од неговиот Меморандум кој се надеваме може да биде интересен за вас. Ни се чини дека одлучувачки фактор сигурно ќе бидат годините на Влаховиќ, доколку е околу 65 тој мора да биде Влахов.

/Потпис нечиток/

"А"

ДИМИТАР ВЛАХОВ

1. Димитар Влахов е роден околу 1880 во Приштина (Југославија) во тоа време во рамките на Отоманската империја.

2. Малку е познато за неговото детство и школување; но во врска со 5 и 6 подолу тој мора да има факултетско образование и дури може да има и докторат по правни науки како квалификација за влегување во дипломатска служба.

3. Прво Влахов стана познат по македонските работи кога тој се вклучи и победи во трката на првите турски избори во 1908 во изборната единица Приштина, што беше дел од реформите наметнати на Отоманската империја од големите сили и притисокот од младотурците во време на првите години од овој век. (Овој Парламент никогаш не се состана и според тоа Влахов никогаш не седна во него). Заедно со другите многу познати македонски лидери (Сандански, Пеев, Паница и Хаџи-Димов) беше основоположник на "Народната федерална македонска партија" чии цели секако се рефлектираа во нејзиниот наслов.

4. Подоцна тој стана еден од поручниците на Сандански; станува член на Централниот комитет на ВМРО во 1911 и беше награден од оваа работничка класа со поставување на местото Областен гувернер за областа Приштина во време на бугарската окупација на Источна Србија во 1916-1918. (Во тоа се состои единствената слаба точка во идентификацијата на Влахов со Влаховиќ бидејќи во ова својство Влахов мора да е одговорен за некои од ужасните злосторства извршени од Бугарите против српското население. Но оваа сегашна противречност е разбирлива и може да се објасни со условите дека, општо земено, Титовото национално собрание не е просрпско и според тоа српската чувствителност сигурно ужива поддршка од него).

5. По 1918. Влахов, кој во тоа време ја прими бугарската националност, влезе во бугарската конзуларна служба. Земајќи го предвид неговото гувернерство во Приштина секако тој беше реrѕоnа nоn grаtа во Југославија во било кое својство или националност. Неговото прво назначување беше во Одеса, каде тој остана од 1919 до 1922, стекнувајќи, очигледно многу пријатели болшевици.

6. Во 1923. Влахов беше поставен (како конзул) во Виена тогашен главен центар на Македонската револуционерна активност надвор од Балканот. Овде, веќе НИКОЛА ХАРЛАКОВ бугарски комунист, го печатеше весникот "Federation Balkanique" кој се застапуваше за федерална солуција на македонскиот проблем.

7. Влахов го задржа својот интерес кон македонското движење и контактираше со него за време на неговата конзуларна служба. Со време стана неповратен приврзаник на федералистичката идеја.

8. Иван Михајлов подоцна потврди (1927), во обид да го дискредитира Влахов, дека последниот бил испратен од Александров во Москва во 1923. Таму тој ги образложил целите на ВМРО и се обидел да обезбеди советска помош претставувајќи ја ВМРО како единствена организација способна да и се спротивстави на политичката доминација на Стамболиски во Бугарија. Советскиот одговор - ако е веродостојно - е интересен и може да се каже дека фрла сенка за во иднина. А тој е дека тие навистина нема да и дадат на ВМРО помош се додека на бугарските комунисти не им се даде еднакво учество во управувањето со организацијата.

9. Во почетокот на 1924 многу познати федералисти, дотогаш во непремостлива шизма со врховистите одржаа серија конференции во Виена. Како резултат на овие дискусии беше составен Манифест за публикување во "Р.В." Манифестот беше потпишан од Тодор Александров, Паница, Протогеров, Атанас Чаулев и Влахов. Со него ВМРО се обврзуваше за формирање на независна автономна Македонија во рамките на општа балканска федерација. Таа исто така и објави војна на сите балкански влади кои се спротивставуваа на реализирањето на таа идеја вклучувајќи ја и бугарската влада која ја подржуваше идејата на врховистите за вклучување на целата македонска земја во рамките на бугарската држава.

10. Во Манифестот исто така се истакнува дека во нејзината борба за реализирање на оваа идеја таа би ја примила помошта и би соработувала со сите балкански револуционери и прогресивни европски движења, а особено со Советска Русија. Фактички во Виена, Влахов веќе беше во контакт со Албанските, Црногорските (републикаци) и Хрватските (Павелиќ-усташи) револуционери и советски претставници за кои се истакнува дека и лично присуствувале на разговорите.

11. На крајот Манифестот им објавува војна до смрт на југословенскиот, бугарскиот и грчкиот шовинизам и империјализам.

12. Манифестот очигледно бил комплетиран на 29 април 1924., но неговото публикување беше одложено и висеше во воздух во очекување на Александровото враќање во Софија за да ги консултираат другите партии таму.

13. По пристигнувањето во Софија на Александров му станало сосема јасно дека публикувањето на Манифестот во суштина 6и значело потпишување на сопствен смртен налог имајќи ја предвид неускладеиоста со врховистичките цели. Неговите следбеници го убедиле да го повлече својот потпис во интерес на самата ВМРО која не би смеела да си дозволи да изгуби толку способен лидер во тој критичен момент.

14. Александров поради тоа го известил Влахов и Чаулев да го суспендираат објавувањето и на Манифестот и на "Ф.Б." и веднаш да се вратат во Софија. Срамниот удар против федералистите во Софија и Петричко, како и да е, беа причина Влахов и Чаулев на враќањето во Софија да гледаат со недоверба. Инструкцијата била игнорирана и Манифестот бил обнароден на 22 јули1924.

15. Обнародувањето предизвика поплава на демантирања од сите места. Влахов беше отповикан како конзул од бугарската влада и заедно со Атанасов, Паница и Чаулев беше лишен од бугарската националност. Тој исто така беше отповикан и од федералистите - иако тоа не го спаси Александров кој подоцна, во 1924 беше убиен од Михајлов на иницијатива на Волков (тоагашен министер за војна и моќен човек во владата). Ова го означува почетокот на опаѓањето на влијанието на ВМРО, практично започнувајќи со атентатот над Протогеров во 1928.

16. По ова општо денунцирање, Влахов, Атанасов и Паница продолжија извесно време да соработуваат на иста линија.

Во 1924, на границата со Албанија, под руско претседателство (и италијанско премолчено одобрување!) се одржа заедничка конференција со другите балкански бунтовници.

17. Таа соработка беше со краток век. Атанасов откри дека Влахов "е премногу црвен" за неговите убедувања. Влахов и Чаулев се држеа заедно и со Атанасов и Паница формираа многу умерено дисидентско крило.

18. Во октомври 1925 Влахов ги приклучи Шалев и Занков како свои приврзаници и се изјасни за автономна Македонија во федерација на балканските социјалистички републики по моделот на СССР. Оваа тешка комбинација опстојуваше до 1928 (продолжувајќи да го објавува "Ф.Б." и основајќи весник на мајчин јазик "МАКЕДОНСКО ДЕЛО") кога Влахов виде дека Шалев и Занков се премногу неактивни. Тие беа исклучени и Влахов тогаш влезе во отворена соработка со Бугарската комунистичка партија, а со цел да го реализира социјалистичкиот македонски идеал.

19. Конечното разијдување помеѓу Влахов и Атанасов се случи во 1929. кога последниот на конференцијата во Истанбул категорички го обвини Влахов дека е пред се комунист, а помалку македонски револуционер.

20. Од 1930. по се изгледа сликата на Влахов почна да бледнее и јас не можам да откријам понатамошни детаљи за неговиот живот.

21. Тоа што тој сега се појави како Југословен претставува случај, а не изненадување, како на пример Паница кој зеде југословенско државјанство по неговото лишување од бугарската националност. Општо земено југословенските влади беа премногу среќни да му ја дадат оваа привилегија на било кој Бугарин, за кого тие сметаа дека може да биде употреблив против Бугарија (на пример Коста, Тодоров и многу други земјоделци).


Д-р ВЛАХОВИЌ

1. Документот за Македонија од 26 август 1944 од истражувачкиот оддел на Форин офис во параграф 25 и забелешката за тоа дека извесниот ВЛАХОВ, кој беше обелоденет како претседател на Југословенското партизанско националноослободително собрание формирано во Јајце во ное/мври/ /19/43 можеби е идентичен со Македонецот со исто име кој го започна во 1924. македонското движење со кое Александров некое време соработуваше, а чија цел беше формирање на автономна Македонија во рамките на Балканска федерација.

2. Во прилогот "А" има многу поединости за неговиот живот отколку што можев да откријам јас.

3. По мое мислење следниве точки одат недвосмислено во прилог дека овој човек навистина може да биде авторот на отвореното писмо испратено до грчкиот прв министер, прикажано со телеграмата на Форин офис бр. 139-Р 18866/18457/92.

а) Фактот дека е роден во Приштина, најјужниот град на српска Македонија.

б) Неговите врски со таа област, во интервали во период од скоро 20 години.

ц) Неговата долгогодишна соработка со различни македонски движења и организации.

д) Неговата верност кон концепцијата за автономна Македонија одделена и од Југославија и од Бугарија но во рамките на Балканска федерација за која Титова Југославија треба да биде претходница.

е) Неговата долга поврзаност со-

1) третата интернационала и општо со комунистичките револуционери.

2) незадоволните елементи од 1919-1941 во Југославија, на пример Хрватите, црногорските републиканци и општо дисидентите (Тито е Хрват).

4. Мене ми се чини дека, можеби, за време на неговиот егзил во Виена и на друго место Влахов дошол во контакт со луѓе како Тито, ако не и лично со Тито кои исто така биле принудени да бараат азил надвор од Југославија.

5. Разликата меѓу имињата ВЛАХОВИЌ и ВЛАХОВ не е од значење бидејќи за Македонците е вообичаено да го прилагодуваат југословенскиот или бугарскиот стил, а според изворот на нивната помош во тој момент.

6. Вистинското име на ВЛАХОВ е Димитр. Србизираното би било ДИМИТРИЈЕ. Ако навистина се земе дека тоа е името на авторот на отвореното писмо, тоа според мое мислење би го утврдило идентитетот на овие две личности без било какви сомнавања.

(Во телеграмата на Форин офис ВЛАХОВИЌ е именуван како "Д-р" што сигурно е вообичаената кратенка за доктор; не би можела да се отфрли и претпоставката дека ова би можело да биде и скратена форма од "Димитр").

7. Јас се согласувам со завршните забелешки на вашиот допис до мене. Ако навистина ВЛАХОВ и ВЛАХОВИЌ се исти личности, тогаш, настрана од сегашните импликации кои фрлаат црвена светлина на Тито и неговата македонска автономија, би било интересно да се знае каде и во какви услови ВЛАХОВ живеел во 1930 и како успеал да се врати во Југославија додека таа беше под германска окупација и да му се придружи на Тито.

8. Што се однесува до минатото, постојат работи како што се учеството на ВМРО во атентатот на кралот Александар што можеби треба да се земе предвид при секоја мировна конференција што го засега овој дел од светот. (Ќе се сетите дека заговорот бил планиран и атентаторот обучуван во Унгарија во близина на југословенската и австриската граница).

9. Од поголем непосреден интерес, и она што особено копка, е дека за време на конференцијата во Јајце во 1943 (во Независна држава Хрватска) никој друг туку Иван Михајлов лично живееше во Загреб како гостин на господин ПАВЕЛИЌ (и како што сум информиран се уште е таму). Не правам никакви инсинуации но сугерирам дека оваа коинциденција може на крајот да бара да се поддржи со најнепосредно истражување.

10. Во заклучокот може да се полемизира дека поодминатите години на ВЛАХОВ (тој мора да е приближно 65) би можеле да бидат хендикеп во неговата активна соработка со Тито: но фактички многумина од приврзаниците на Тито се дури и постари (на пример Иван Рибар, Вукосављевиќ и други). Но моите сомневања и предрасуди повторно читаат нешто злокобно во фактот дека овој човек во години во целост ги претставува демократските елементи на Титовиот националноослободителен фронт: претставниците на екстремното лево крило се многу помлади луѓе (на пр. Ѓилас, Јовановиќ и Велебит).

Софија

25 ное/мври//19/44.

Белешки

Меморандумот на пол/ковникот/ Бејли и неговиот прилог "А" се многу интересни и информативни. Може ли и јас да направам мали додатоци?

Меморандум, пара/граф/ 7; прилог "А" пара/граф/ 20. Верувам дека Влахов живеел во Австрија под името Стојанов се до неговото истерување во 1930. Тогаш тој останал во Швајцарија и по извесно време се префрлил во Париз каде неговиот зет Петар Калев, главниот соработник на "Federation Balkanique" беше заминат пред него. Во Париз, се верува, соработувал со Георги Димитров од Коминтерна во работи поврзани со Шпанската граѓанска војна. (Тито исто така бил преокупиран со тоа). Од Париз заминал за Москва но датата не ми е позната. Последните навестувања за неговиот престој пред летото на 1944, видено од мене, беше во извештајот од "41150" од 10 јуни 1944 од Бугарите во Америка (од ОСС датирано од средината на мај 1944). Се споменува (параграф 4) како "комунист и во моментот се известува дека е во Москва како македонски претставник на владата на Тито".

Појавувањето на Влахов како југословенски политичар можеби е најдобро објаснето со реченицата во извештајот на Јужниот оддел од "11500" (бр. 312 од 5 ноември 1944) кој се однесува на Македонија - "Најзначајниот настан во 1941. беше одлуката на Москва во смисла дека Комунистичката партија во Македонија ќе биде во рамките на Југословенската комунистичка партија наместо во Бугарската комунистичка партија".

Мемо/рандум/: пара/граф/ 8, последниот ред. Дали не би било повистинито да се каже дека "заговорот беше организиран од Италија со премолчено унгарско одобрување"? Во секој случај по се изгледа дека Михајлов може да е поврзан со атентатот, но тешко Влахов.

Ibid!. Пара/граф/ 9. Не ми е јасно што сака да се каже. Михајлов и Влахов 20 години се претставници на крајно спротивни програми: Михајлов во сојуз со бугарските шовинисти и Италија и Павелиќ, а Влахов со Москва.

Ibid. Пара/граф/ 10. Последната реченица на полковникот Бејли. Во постарите "демократи" би можеле да се додадат Смодлака и Сернец, а кон помладите левичари Хебранг, Коцбег, Кардељ и Александар Ранковиќ. Тврдењето дека Влаховиќ е навистина Влахов е без секакво сомневање.

Лафен

З јануари 1945

FО 371/43649 R 20958/1009/67