Британски документи за Македонија (1994-1945), телеграма 24
ТЕЛЕГРАМА ОД ФИЦРОЈ МАКЛИН, ШЕФ НА БРИТАНСКАТА ВОЕНА МИСИЈА ВО ЈУГОСЛАВИЈА, ДО ФОРИН ОФИС
Бригадир Маклин И. 11.12 а.м. ГМТ 17 декември 1944.
Бр. 54. П. 1.20п.м. БСТ
17декември 1944.
16 декември 1944.
Текстот што следува е повторен до Сагмед со телеграма бр. 649 од 10 декември.
Мојата мисија при партизанскиот главен штаб во Македонија известува, според информациите од печатот од Скопје, дека се одржал состанок на партизанските водачи и делегати од грчка Македонија на 3 декември во Битола каде сега е стационирана грчката македонска бригада. На состанокот Димитар Влахов потпредседател на АВНОЈ (повторувам АВНОЈ), го претставил политичкото тело "за раководење со борбата на Македонците во Грција". Илпиридис, делегат од грчката комунистичка партија, ги повика југословенските Македонци да се обединат со Комунистичката партија на Грција против грчката влада. Британскиот офицер за врска, исто така, известува за кампања во локалниот печат во корист на ЕЛАС и ЕАМ против грчката влада.
2. Мојата мисија понатаму истакнува дека не (повторувам не) постојат конкретни докази дека било какво оружје навистина е пренесено преку границата во Грција иако постојат индиции дека југословенските македонски партизани им пружаат материјална помош на грчките Македонци.
3. Во врска со инструкциите содржани во сигналот даден во телеграмата на генерал Вилсон која упатува на тоа, му обрнав внимание на Тито на настанатата состојба нагласувајќи му дека тоа не е во согласност со уверувањата што тој самиот ми ги даде во однос на предметот и го предупредив уште еднаш да не (повторувам не) биде вовлечен во Грција. Тој одговори дека активностите кои се случиле се случиле без негово знаење и одобрување и вети дека таквите активности ќе ги прекине веднаш.
4. Во меѓувреме на 8 декември мојата мисија при Главниот штаб на Македонија била информирана од домашниот партизански командант генерал Апостолски дека присуството на Британската воена мисија во неговиот Главен штаб повеќе не е пожелна и дека тие треба да заминат. Командантот додал, сосема неточно, дека нивната евакуација веќе била договорена меѓу Тито и мене. Во исто време движењата на мисијата биле ограничени и сите информации кои се однесуваат на воената ситуација и биле ускратени. Слично соопштение било доставено и до локалната американска мисија. Шефот на американската мисија овде и јас веднаш писмено го известивме Тито за тоа. Информирани сме од Тито дека генерал Апостолски постапувал без било какво овластување и му била издадена наредба работите да ги доведе во ред. Според тоа мисиите ќе останат каде што се.
[Крај].
FО 371/43649 HР 21108/1009/67