Британски документи за Македонија (1994-1945), телеграма 31
БЕЛЕШКА ОД ВИНСТОН ЧЕРЧИЛ, ПРЕМИЕР НА ВЕЛИКА БРИТАНИЈА, ДО АНТОНИ ИДН, МИНИСТЕР ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ НА ВЕЛИКА БРИТАНИЈА
До секретарот за надворешни работи
Кога архиепископот ќе ја формира или додека ја формира неговата влада, оваа вест може да му помогне во стекнувањето на чувство на единство на кое дури може да одговори и поголемиот дел на Е.Л.А.С. Ќе го информираме за тоа, но ве молам да размислиме каква ќе биде нашата корист или загуба од тоа.
31. XII/19/44
(Белешки)
Ве молам видете го прилогот белешка бр. 1255/4 од 31 декември од Првиот министер. Телеграмите до Вашингтон и Москва на кои се осврнува Првиот министер покажуваат дека ние правиме се што можеме да го заштитиме интегритетот на грчката територија и да спречиме било каква закана на грчка Македонија од развојот на ситуацијата. Веста дека ние заземаме толку цврста линија во корист на Грција секако ќе го задоволи архиепископот и другите грчки политичари и може да промовира единство меѓу нив. Од друга страна ние мора да бидеме свесни дека ако информацијата му се даде на архиепископот и ако му се дозволи да ја обнароди, таа веднаш ќе стане јавна сопственост. Јас се сомневам дали ова е пожелно додека ние не разбереме дали владите на Соединетите Американски Држави и на Советскиот Сојуз се согласуваат со нас. Постојат безброј извештаи за пропагандата која се води во корист на независна Македонија и препади на југословенско-бугарските партизани на грчка територија. Скоро сите извештаи нагласуваат дека ЕАМ се во непосреден контакт со овие словенски сили и дури постои доказ дека бугарските единици учествуваат во нападите на Зервас. Ако Е.А.М. навистина помага или дури ги снабдува овие промакедонски активности, тие ќе изгубат голем дел од помошта дури и меѓу нивните членови. Во моментот народот во Атина и во многу други области на Грција има толку многу за размислување што тие не можат да обрнат внимание на настаните на север, но кога ќе се соочат со словенската опасност за Грција ќе се свртат со сите сили против Е.А.М., а во корист на грчкото единство.
И.С. Ласки
2 јануари 1945.
Јас исто така мислам дека би било непријатно за нас во случај оваа информација да стане достапна за јавноста пред ние да разбереме дали владите на Соединетите Американски Држави и Советскиот Сојуз имаат некои приговори. Освен тоа ние се уште не сме го известиле Тито или Бугарите за нашите погледи.
Хауард
2/1 /1945/
FО 371/48181 НР 00297 R 729/11/67