Британски документи за Македонија (1994-1945), телеграма 80

ПИСМО ОД АРЧИБАЛД КЕР, БРИТАНСКИ АМБАСАДОР ВО СССР, ДО МОЛОТОВ, КОМЕСАР ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ НА СССР

(122/43/45) .

МОСКВА

13 март 1945.

(Почитуван господин Молотов),

Во вашето писмо од 28 февруари за предложениот договор за пријателство и сојуз Вие изразивте желба да ја продолжиме дискусијата за ова прашање во Москва.

2. Јас сум задолжен од мојата влада да го разгледаме тоа со Вас и господин Хариман штом ќе Ви биде згодно на вас двајцата.

3. Би било корисно да го рекапитулирам овде ставот на мојата влада по овој предмет. Тоа нашироко е опишано во писмото на господин Балфор до вас од 1 јануари. На 10 февруари, за време на Кримската конференција, господин Идн се осврна на него подетално. Ќе се потсетите дека господин Идн истакна дека, додека мојата влада би била задоволна да слушне дека советската влада не го смета за актуелно во моментот прашањето за југословенско-бугарската федерација и дека ја смета работата не од голема практична важност, тие се вознемирени што слушаат дека во тек се преговори за договор за сојуз и меѓусебна помош меѓу Југославија и Бугарија и дека ставот на советската влада спрема овие преговори е позитивен.

4. Господин Идн додаде дека мојата влада мора да смета дека преговорите кои се водат за договор можат да наидат на истите пречки кои тие ги имаат во однос на можната федерација. Според нив, непријателска држава чиј статус се уште е регулиран со режим на примирје мора да се спречи да влезе во посебни мировни договори со друга држава, особено со друга држава со која таа технички се уште е во војна, освен со експлицитна дозвола на сите победнички сили со кои примирјето е потпишано.

5. Надвор од ова прашашање што е генерално, господин Идн ја спомена и загриженоста на мојата влада за последиците од преговорите за договор меѓу Југославија и Бугарија за интересите на Грција која се уште ги нема примено целосно репарациите од Бугарија со кои таа е поврзана со роковите од договорот.

6. Како што објасни господин Идн и како што истакнав јас во моето писмо до вас од 20 февруари, мојата влада поради тоа смета дека една комуникација треба да се испрати до бугарската влада од сите победнички држави со кои таа неодамна склучи примирје, нагласувајќи дека тие не можат да се согласат таа да влегува во посебни мировни односи со Југославија во оваа фаза и дека целосни репарации мора да и се дадат на Грција пред да се постави прашањето за продолжување на таквите преговори.

7. Постои уште едно прашање кое јас би сакал да го покре-нам кога ќе дискутираме за овој предмет, Писмото на господин Балфор од 1 јануари го покренува прашањето за предлогот за формирање проширена македонска држава. Мојата влада се уште сака да го дознае ставот на советската влада по тоа прашање и јас се надевам дека ќе биде можно вие да ме информирате кога ќе се сретнеме.

(Искрено ваш)

(Потпис)

Арчибалд Кларк Кер

FО 371/48183 НР 00297 R 4110/67