Британски документи за Македонија (1994-1945), телеграма 84

ТЕЛЕГРАМА ОД РАЛФ СТИВЕНСОН, АМБАСАДОР НА ВЕЛИКА БРИТАНИЈА ВО ЈУГОСЛАВИЈА, ДО ФОРИН ОФИС

Бр. 73. БРИТАНСКА АМБАСАДА

БЕЛГРАД

Господине,

Во врска со мојата телеграма бр. 19. од 17 април, имам чест да ви испратам некои кратки биографски белешки за членовите на новата македонска влада. Треба да се одбележи дека сите освен тројца се членови на комунистичката партија.

2. Испраќам копија од оваа телеграма на Резидентот министер во Казерта и претставникот на Неговото Височество во Атина и Софија.

Ралф Скрин Стивенсон


Претседател на владата: ЛАЗАР КУЛИШЕВСКИ

Роден во 1914 во Св. Николе во областа Брегалница, Македонија. Студирал во Воениот технички институт во Крагуевац каде станал член на Комунистичката партија. По окупацијата на Југославија Кулишевски се појави како еден од организаторите на илегалното движење на отпорот и на првиот партизански одред во Македонија. Тој е секретар на Комунистичката партија на Македонија.

Прв потпретседател: ЉУПЧО АРСОВ

Роден во Штип во 1910. Студирал на Вишата економска школа во Загреб и работел како службеник во Државната хипотекарна банка во Белград. По инвазијата на силите на оската станал службеник на Бугарската земјоделска банка во Софија. Арсов е стар член на Комунистичката партија и извесно време работел како секретар на Президиумот на АСНОМ. Освен функцијата потпретседател го држи портфелот за финансии.

Втор потпретседател: АБДУРАХИМ МАХМЕД

Македонски муслиман. Роден во Штип во 1892. Пред војната бил член на Демократската партија. Тој е чесен и одговорен човек со современо образование кој се посветил на земјоделството. Им се придружил на партизаните во 1943 и станал потпретседател на Народноослободителниот фронт на Брегалница.

Министер за индустрија и рудници: СТРАХИЛ ГИГОВ

Роден е во 1909 во Велес. Тој е металски работник по струка и член на Комунистичката партија. Бил затворен на неколку пати поради неговата политичка активност, а во почетокот на 1941 беше интерниран во Ивањица. Со партизаните е од почетокот на востанието и е член на македонскиот Главен штаб.

Министер за социјална политика: Д-р НЕЏЕТ АГОЛИ

Роден е во Дебар во 1914. Припадник е на албанскот народ во Македонија. Студирал право во Рим, а потоа посетувал Воена академија во Тирана каде се подготвувал да биде воен судија. Им се придружи на партизаните во 1943 и стана командант на македонско-албанска единица. Подоцна стана политички коме-сар на Дебарската област, потпретседател на АСНОМ и член на Централниот комитет на Националноослободителниот фронт на Македонија.

Министер за внатрешни работи: КИРО ПЕТРУШЕВ

Роден е во село Богданци во близината на Гевгелија во 1895. По професија е графички работник. Им се придружи на пар-тизаните во 1944. од Скопје каде работеше како графички работник под бугарска окуипација. Член е на Комунистичката партија.

Министер за правосудство: ПАВЕЛ ШАТЕВ

Роден е во 1882. во Кратово. Еден е од членовите на правата ВМРО и подоцна соработува со Димитар Влахов во формирањето на ВМРО обединета - инспириран од комунистите. Подоцна го напушта Димитар Влахов и живее главно во Бугарија каде работи како адвокат и државен службеник. По септември 1944 Шатев се пресели од Бугарија во Македонија и се приклучи кон партизанското движење.

Министер за просвета: НИКОЛА МИНЧЕВ .

Роден е во Кавадарци во 1915. Посетувал учителска школа во Скопје и за време на окупацијата работел како учител во бугарско училиште. Припаѓа на Комунистичката партија и им се придружи на партизаните во 1943.

Министер за трговија и снабдување: ТОДОР МОСПАЛ

Роден е во Прилеп во 1895. Пред војната Моспал бил познат со неговите постојани промени на политичката лојалност и општо се сметаше дека е силно пробугарски настроен. Тој е градежен предузимач по професија. Им се придружил на партизаните во 1943 но по се изгледа немаше некоја активност.

Министер за народно здравје: Д-р ВУКАШИН ПОПАДИЌ

Роден е во Гламоч во Босна во 1904. Тој е Србин. Попадиќ студирал медицина во Загреб каде станал член на студентскиот комунистички клуб. Во 1932 беше поставен на работното место бактериолог во Институтот за народно хигиена во Скопје. Подоцна премина во Битола каде остана за време на бугарската окупација. Тој е член на Комунистичката партија но не им се придружи на партизаните на слободната територија се до јуни 1944.

Министер за земјоделство и шуми: БОГОЈА ФОТЕВ

Роден е на 14 август 1900 во село Герман во близината на езерото Преспа. Тој е стар член на Комунистичката партија и како таков беше затворен во 1940 во Сремска Митровица од каде успеа да избега по колапсот на Југославија. Им се придружи на партизанските единици во Фрушка Гора. Од таму премина во Македонија каде беше интерниран од Бугарите. По деветмесечна интернација успеал да избега и се вратил во Битола по што и се придружил на Македонско-косовската бригада.

Министер за градежништво: инжињер ГЕОРГИЈЕ ВАСИЛЕВ.

Роден е во 1908 во Струмица. Студирал Технички факултет во Белград и работел во администрацијата на Државниот монопол. По инвазијата на силите на оската работи во Бугарскиот државен монопол. Член е на Комунистичката партија и им се придружил на партизаните во февруари 1944. Тој е претседател на Народноослободителниот комитет за Струмица.

1 мај 1945.

FО 371/48184 НР 00297 R 8571/11/67