Бугарската воено-административна власт во Македонија

Бугарските воени сили во содејство со српската војска и со одредот на Јане Сандански, до примирјето на 4 декември 1912 година, ја зазеле и се утврдиле на територијата на Македонија источно од линијата: Царев Врв - Гевгелија-Нигрита-Орфански Залив-Егејско Море.-Во оваа област била воспоставена воено-политичка власт на чело со губернатор

Воспоставувањето на бугарската воено-административна власт во Македонија започнало веднаш по освојувањето на населените места и реони. На 10 октомври 1912 година, началникот на 7. Рилска дивизија, генерал-мајорот Георги Тодоров, издал специјална наредба со која се утврдувале значењето и улогата на новосоздадените административни органи во новоосвоените области. За таа должност уште истиот месец се испраќале луѓе од старите краеви на Бугарија.

Бугарските воени сили во содејство со српската војска и со голема помош на македонските чети, особено во содејство со одредот на Јане Сандански, брзо напредувале и до примирјето на 4 декември 1912 година ја зазеле и се утврдиле на територијата на Македонија источно од линијата: Царев Врв-Гевгелија-Нигрита-Орфански Залив-Егејско Море. Оваа територија окупирана од бугарската војска официјално била наречена Македонска област, што административно била уредена според системот на управата на бугарската држава. Меѓутоа, фактички во оваа област била воспоставена воено-полициска власт и била наречена Македонско воено губернаторство на чело со губернаторот генералот Михаил В'лков и главниот секретар Михаил Зелков.