ВЛАСТ СО КРАТОК ЗДИВ

Со наредба од 2 декември, а која стапила на сила на 7 декември 1912 година било формирано Македонско воено губернаторство. Тоа веднаш било организирано во четири окрузи: Серскиот, Драмскиот, Штипскиот и Солунскиот, кој од 12 декември 1912 година бил преименуван во Кукушки. Окрузите биле поделени на околии, чии граници се поклопувале со турските кази. Драмскиот округ ги вклучувал Драмската, Кавалската, Правишката, Саршабанската и Рупчоската околија. Серскиот округ ги вклучувал Серската, Зилјаховската, Нигритската, Демирхисарската, Петричката, Мелничката, Горноџумајската, (Благоевградската), Разлошката и Неврокопската (Гоцеделчевската) околија. Солунскиот (Кукушкиот) округ се состоел од Солунската, Лагадинската, Кукушката, Дојранската и Гевгелиската околија, и Штипскиот округ ги вклучувал Штипската, Кочанската, Пехчевската, Радовишката и Струмичката околија.

За окружни управници биле доведувани луѓе од Бугарија или биле поставувани лица кои од порано ја спроведувале бугарската пропаганда. Во почетокот на 1913 година генералот В'лков формирал комисија во состав: д-р Богдан Филов и проф. Атанас Иширков, што ќе ги посети македонските градови и села за да се запознае со културните и со историските знаменитости. Потоа, голем дел од овие мошне значајни експонати од македонската историја се пренесени во Бугарија.

Со оглед на бројните спорни прашања, во февруари 1913 година била формирана мешана бугарско-грчка, а нешто подоцна и бугарско-српска комисија за да се решат особено територијалните прашања. Тие комисии не успеале да се договорат поради стремежите на сите три војски да заземат поголеми делови од Македонија. Во Солун на 24 февруари во 1913 година бил одржан таен состанок меѓу Грција и Србија, на кој била постигната спогодба за поделба на Македонија и за заедничко настапување против Бугарија.

Тоа претставувало крај на нивното лојално однесување кон Бугарија. По тој состанок започнале непријателствата кон Бугарија. Од своја страна, бугарската Врховна команда го започнала предислоцирањето на бугарската војска од Тракија во Македонија. Прво било префрлено Македонско-одринското ополчение од тракиското на македонското боиште со цел да се бори против српската и против грчката војска, против поделбата на Македонија и за нејзино целосно присоединување кон Бугарија, надевајќи се дека од неа ќе ја добие ветената автономија на Македонија.