ВОЕНО ПОЛИТИЧКИ КАРАКТЕР НА РЕЖИМОТ

Македонското население кон крајот на 1912 и во првата половина на 1913 година немало конкретни сознанија на која држава и’ припаѓа и каде се границите. Во Лерин и во околните села, откако биле протерани македонските чети, дошло до вооружени судири меѓу претходниците на грчката и на српската војска. Меѓутоа, нешто подоцна во Лерин навлегле една српска и четири грчки дивизии. Тие биле главен аргумент српската војска спогодбено да се повлече, а грчката војска да ја воспостави својата власт.

Во Прилеп власта ја воспоставила српската војска. Неколку селани од Витолишта и од Палчишта дошле кај командантот на градот, мајорот Михајло Ненадовиќ, да бараат објаснување на која држава им припаѓаат селата во Мариово преку Црна Река. Командантот М. Ненадовиќ и началникот Ж. Брајовиќ не знаеле на која држава и’ припаѓаат овие села, па ги препратиле селаните во Воден. Грчките власти, кои, исто така, не знаеле чии се овие села, на селаните им рекле дека се грчки и веднаш испратиле еден баталјон војници кои зазеле неколку села во Мариово и се доближиле на 10 километри до Прилеп. Српските власти веднаш ги активирале четниците на Василие Трбиќ кои ги пресретнале грчките војници и во жестока борба ги протерале преку Црна Река кон Меглен.

Состојбата во Гевгелија била мошне неизвесна. Сите три сојузнички војски српската, бугарската и грчката претендирале да воспостават своја власт. Секоја војска истакнувала дека прва влегла во градот. Поради тоа бил воспоставен специфичен тристран кондоминиум, односно тројна власт српска, бугарска и грчка. На 2 април 1913 година Гевгелиската и Дојранската околија влегле во состав на Србија.

Српската државно-административна власт во Македонија била под Управата на цивилниот комесар на кралската влада при Врховната команда на српската војска, односно инспекторот на нејзиното Полициско одделение Милорад Вуичиќ, кој му бил директно потчинет на началникот на Штабот на Врховната команда, војводата Радомир Путник и индиректно на Владата, односно на ресорните министри. Првите акти на таа управа биле наредби, а власта била воспоставена со Привремената уредба за уредување на власта во новоосвоените земји. Оваа уредба била донесена на 14 декември 1912 година, а во сила останала до воведувањето на новата Уредба за воспоставување на власта на ослободените територии од 18 август 1913 година, што била формално укината со Кралскиот указ од 20 ноември 1913 година, со што било извршено присоединување на Македонија кон Кралството Србија. Со тоа се сметало дека Македонија ја добила својата национална управа.

Наведениве акти имале воено-полициски карактер, каков што всушност бил и српскиот режим во Македонија. За одржување на редот биле формирани жандармериски и полициски единици. Според инструкциите, секој окружен началник требало да има еден жандармериски одред од 20 души, а околиските началници одреди од по 30 души. Во почетокот, жандармеријата имала околу 1.000 души, од кои 600 биле од старите краеви на Србија, а 400 од лојалните граѓани од новоосвоените земји.

Полициските сили биле задолжени да одржуваат постојана врска со воените команданти по местата. При недостиг на полициски и на жандармериски сили, окружните и околиските началници имале право да се обратат за помош до воените команданти. Во исто време била извршена и паричната реформа, со што наместо турските биле воведени српски пари. Една турска лира се проценувала на 22,60 златни динари, една четвртина сребрена меџидија на 1 динар, 1 грош на 20 пари и 1 металик на 5 пари. По донесувањето на уредбите и соодветните наредби, била организирана власта. Кандидатите за најодговорните места биле доведувани од Србија, а потоа биле избирани поранешните учители, свештеници и други агенти на српската пропаганда и оние од српските чети кои во Македонија дејствувале до Балканските војни.