ВОСПОСТАВУВАЊЕ НА СРПСКАТА ВЛАСТ
Првата привремена административно-територијална структура на новоосвоените територии била изработена на 15 октомври 1912 година. Проектот го подготвиле претседателот на владата Никола Пашиќ, полицискиот комесар Милорад Вуичиќ и други министри. Со овој документ бил согласен и генералот Радомир Путник, односно Врховната команда. Документот не ги опфаќал само освоените, туку и оние територии што биле во план да се освојат. Се предвидувало создавање осум окрузи со 28 околии.
Од овие, три округа со 11 околии се во Косово, еден округ со четири околии во Албанија и четири округа со 13 околии во Македонија. Овој проект во Македонија ги опфаќал: Кумановскиот округ со Кумановската, Прешевската, Кратовската и Кривопаланечката околија; Скопскиот округ со Скопската, Качаничката и со Велешката околија; Тетовскиот округ со Бродската, Гостиварската, Горнополошката (со центар во Кичево), и Долнополошката (Тетово) околија; Дебарскиот округ со Дебарската и со Радомирската околија. Од наведениве две околии (Качаничката и Радомирската) не припаѓаат во етничките граници на Македонија, туку на Косово и на Албанија.
Оваа територијална поделба била соодветна со достигнатата етапа на воените освојувања. Таа граница речиси се поклопува со границата во тајниот анекс на Српско-бугарската спогодба од 13 март 1912 година. Меѓутоа, со воените освојувања растеле и апетитите на српската Врховна команда, па се проширувале и интересите во Македонија. По победата во Битолската битка и со навлегувањето на српската војска во Западна Македонија и во Средното Повардарје, биле создадени два нови округа Битолскиот и Неготинскиот, што подоцна бил преименуван во Кавадарски.
Во почетокот на 1913 година, административно-територијалната структура на српскиот окупациски систем била организирана во шест округа: Кумановски, Скопски, Дебарски, Тетовски, Битолски и Неготински (Кавадарски) и во 23 околии. Во составот на Битолскиот округ влегувала и Леринската околија, што била ослободена од страна на македонските чети, а потоа преземена од српската војска.
Меѓутоа, на 3 јуни 1913 година со спогодбата за одредување на демаркационата линија меѓу српската и грчката војска, што всушност ја претставува идната српско-грчка граница, на Грција и’ биле предадени 132 села, од кои во Гевгелиската околија осум села, во Леринската 20, во Битолската седум, во Преспанската 38 и во Охридската околија 59 села. Од Леринската околија останале четири села: Бач, Добровени, Долни и Горни Кремен, кои биле приклучени кон Битолската околија, поради што била укината Леринската околија.