Везилка – Блаже Конески
- Везилке, кажи како да се роди
- проста и строга македонска песна
- од ова срце што со себе води
- разговор ноќен во тревога бесна?
- - Два конца парај од срцето, драги,
- едниот црн е, а другиот црвен,
- едниот буди морничави таги,
- другиот копнеж и светол и стрвен.
- Па со нив вези еднолична низа,
- песна од копнеж и песна од мака,
- ко јас што везам на ленена риза
- ракав за бела невестинска рака.
- Судбинско нешто се плело за века
- од двете нишки, два созвучни збора,
- едната буди темница што штрека,
- другата буди вкрвавена зора.
2.
- Везилке, крени наведена лика,
- погледај небо во претпладне златно:
- се шари таму и чудесна блика
- твојата везба на синото платно.
- За тебе нема ни вечерен запад,
- ти - морно око на трепетна срна.
- Две бои таму ти горат и капат,
- две шарки твои - црвена и црна.
- Зар не се плашиш од јаркоста нивна,
- и најмил спомен дека ќе ти згасат?
- Зошто се губиш, ти строга, ти дивна,
- дните ти минат, прокоби се гласат.
- - И најмил спомен што в душа ми блеска
- се гаси од нив ко цвеќе без боја.
- Но ти што ловиш звук на чудна песна,
- ти си ја кажа судбината своја.