Грчка окупациска власт
Грчката воено-административна власт во Македонија била воспоставувана на истите принципи како бугарската и српската. Правото на силата бил единствениот фактор што одлучувал чија власт ќе се воспостави во кој дел од Македонија. Потчинувајќи ја својата воена стратегија целосно на политичките цели, грчката Врховна команда им наредила на своите вооружени сили што побрзо да влезат во Солун и таму да воспостават своја власт, со оглед на тоа дека Јужна Македонија веќе била окупирана од грчката војска уште во почетокот на војната, односно до првите денови на ноември 1912 година. Грчката воено-административна власт му била потчинета на Главниот штаб на грчката војска, кој се стационирал во Солун. На чело на штабот бил престолонаследникот Константин, кој ја вршел и функцијата врховен управник на окупираната област.
Локалната власт ја претставувале командантите на гарнизонските и на помалите единици стационирани во градовите и во селата. Во Солун постоела фиктивна окружна управа на чело со П. Артиропулос. Таквото уредување на грчката окупаторска власт се задржало до крајот на октомври, а на 31 октомври 1912 година, грчкиот крал Ѓорѓи на предлог на претседателот на владата Елефтериос Венизелос го поставил министерот за правда Константин Д. Рактиван за врховен раководител и управник-гувернер во Македонија, која била заземена од грчката војска.
Истовремено, со специјалниот брод Аркадија, од Пиреја кон Солун била упатена новоформираната грчка управа засилена со десетина конзулски службеници и со 168 критски жандарми на чело со потполковникот А. Момфератон. Солунското пристаниште било ставено под француско знаме и затворено за грчките бродови. Со турските и со другите бродови во солунското пристаниште командувал францускиот конзул. Поради тоа, Рактиван со бродот Аркадија, како и со други бројни бродови, меѓу кои и бродот на кралицата, бил присилен да се укотви во малото пристаниште Елефтерхорион.
Рактиван се обидел на разни начини и по обиколни патишта да влезе во Солун, но откако бил оневозможен, претседателот на владата Венизелос го известил во Солун да влезе со моторен брод под француско знаме. Под француска заштита, на 30 октомври 1912 година Рактиван пристигнал во Солун. Веднаш, со помош на англискиот конзул било овозможено влегувањето на грчките бродови во Солун, односно воспоставување на административниот апарат и ангажирање на критската жандармерија, што била позната по своето антимакедонско расположение и по свирепоста во извршувањето на задачите.