Денови – Кочо Рацин

Како на вратот ѓердани
ниски камења студени
така на плешки денови
легнале та натежнале.
Денови ли се? — денови
аргатски маки големи!
Стани си утре порано
дојди се вечер подоцна,
наутро радост понеси
навечер тага донеси —
ај пуст да е, пуст да би
останал живот кучешки!
Роди се човек — роби биди
роди се човек — скот умри,
скотски цел живот работи
за други, туѓи имоти.
За туѓи бели дворови
копај си црни гробови!
За себе само р‘гај си
за себе маки тргај си —
нижи си ѓердан денови
нижи си алки ковани,
нижи си синџир железен
околу вратот навезен.