Жените не знаат грчки и поздравуваат со „добровечер“

Жените не знаат грчки и поздравуваат со „добровечер“

Кота го придружуваат неговиот чирак Симос Јоанис Грацис од Арменско, Илиас, Митру Гадушис или Сидерис од Желево, Василис Коле Рабов, или Рамос од Оштима. Единицата ја дополнуваат Павлос Киру од Желево (како заеднички старател-преведувач) и уште двајца, познаници на Пирзас. Пред тргнувањето на единицата, четворицата офицери го посетуваат, по негова покана, престолонаследникот Констандинос, кој им зборува за значајноста на нивната мисија.

На 29.2.1904 година целата група се наоѓа на грчко-турската граница, во селото Велемисти, каде што почнува нејзиниот обид да ја помине границата. Вечерта на 29 февруари спроти 1 март, таа тргнува кон станицата на Аспроклисја со водич еден безумен водник, според зборовите на Мелас, кој не можел воопшто да се снајде. Пешачевме преку дабови шуми, со стрмни угорнини и надолнини и со често паѓање на момците. Луѓето даваат една комична слика, која личи на се друго само не на андартска чета. За овој страшен марш Павлос Мелас ќе и напише на својата жена Наталија (...) ненадејно го загубив Колокотронис пред мене. Тој падна во еден доста длабок ендек. Го гледав како на најкомичен начин се бори да стане под неговиот непропустлив мантил и товар. Се смеев целиот, но ненадејно ја загубив рамнотежата и паднав и јас долу (...), па падна ненадејно и војводата Скуртис (Кондулис) од една мала страница и остана обесен за едната нога.

На грчкиот одред ќе му биде потребна една недела за да ја помине границата! Надвор од своите штапски канцеларии, офицерите се како риба на копно. Немирот и лошата состојба што е на видело ќе го натераат Мелас да и напише на 8.3.1904 година на Наталија: (...) требаше да им покажеме и на нашите војници и на Македонците што беа со нас дека ние не сме војводи на слатката вода.

За лажливоста на зборот, по два дена, Мелас раскажува за новата несреќа на поручникот Колокотронис, при неговиот обид да ја помине реката Венетико: (...) го слушам Колокотронис како ме вика. Се свртив и го гледам кутриот Гого – Панос (како што самиот се нарекува) целиот нашироко во реката, а над него коњот (...), едната рака и едната нога му беа под коњот. Значи, беше невозможно самиот себеси да си помогне. Одвај главата му беше над водата. Лицето му беше спокојно како и секогаш, но толку беше комично сето тоа, така што не можев без да се насмеам, пред да му помогнам.

Грчката единица влегува во Костурската каза на 13 март и се сместува во планината надвор од Богашко во црквата „Свети Атанасиј“. На 15 април се најде во манастирот на „Свети Никола“ во Чирилово и вечерта на 15-ти спроти 16-ти почнува, според Кондулис, опасната работа на обиколката во околијата на Корешта.

Прва станица во таа ноќ се гробиштата во македонското село Шестеово, каде што ја сретнале вдовицата на Јанакос Станскос (поранешен припадник на Кота, кого го убиле автономистите). Овде грчките офицери се залагаат да покажат добро лице и да им делат пари на сиромашните селани. На вдовицата и дале две лири, огромна сума за тоа време. Замисли, пишува изненадено богатото дете Мелас, тука нема никој да раситни една лира.

Во продолжение преминуваат од разурнатото македонско село Черновишта, кое на Илинден е опожарено целосно од страна на Турците, а в зори пристигнуваат во Габреш.

Во Габреш Колокотронис и Мелас продолжуваат да делат пари: еден златник од пет франци и две меџити. На Мелас му станува јасно дека жените не знаат ниту еден грчки збор и затоа ги поздравуваат со „добровечер“.

Попладнето офицерите собираат дванаесет општински челници и почнуваат по ред да им држат говори. Леринчанецот Лакис Пирзас вршел превод. Кота, секогаш во согласност со Мелас, мошне живо, убедливо и најуверливо (...) зборува македонски.

На 17 март сите ќе се најдат во Рулја, селото на Кота. Тие ќе бидат пречекани од десетте вооружени на Кота и од заменик-водачот Стојанис. Мелас сфаќа дека и тука ниедна жена не зборува грчки. Учителот во училиштето, за да ги задоволи офицерите, им кажал на учениците да запеат една македонска песна, но ние не разбравме, продолжува Мелас, дали јазикот беше македонски или грчки. Лакис Пирзас, во објавениот цензуриран (од зетот на Папастаматис) дневник, признава дека додека Кота бил отсутен во Атина неговата чета ограбила еден Евреин од Костур и дека офицерите го изразија своето огорчување за преседанот со Евреинот. Забележува исто така дека јас бев користен и како преведувач, бидејќи офицерите не можеа да се разберат со селаните.

Мелас забележува дека и во Рулја се делат пари. Кондулис, кој го посетил домот на некој селанец, ранет во несреќен случај, оставил три меџити (...), огромна сума за селаните. Мелас им ја објаснува на насобраните жители грчката позиција во однос на Отоманската Империја и борбата на бунтовниците: Кажуваме дека не сакаме востание.