Живожарица, 1990
Јован Котески
Живожарица
Издавач: Култура, Скопје
1990
Во спомен на сестра ми Елена
Задоцнет славеј
уреди
(елегија за себе)
Чистата варијанта на гласот на славејот
е минато.
Сега гласот на славејот е раскапан
(како кога паѓа лапавица),
лапа невкусни слогови
и истура шаржери – преквачени акорди!
Гласот на славејот е
дословна цавкутница,
(разлабавена иронија на природата),
се’ повеќе мекнее,
но за споредба со ѕвездените полилеи
веќе не е.
Гласот на задоцнетиот славеј е
за во некое складиште
натрупано старудии,
тој е распарчено сино камче
фрлено среде ружопрсто отворање на зората
брилијант со музејска вредност!
Бројки за споредба
уреди
На моите деца Васил и Јасна
Во време на робијата
мојот затворенички број беше: 6412.
Во Хомеровата „Илијада“
стихот 6412 гласи:
„Сега за татко ви ваш
ќе ја платите грдата грешка“.
Понекогаш нештата
во времето и во просторот
се римуваат и без наша волја.
Што се може.
Орнамент
уреди
Не очекувајте од мене да ви зборувам
дека морето е сребрен меч
опточен со златни нитки,
со ѕвезди.
Медалјон
уреди
(Музата Мелета)
На грлицата со грсти и’ давам
јадри зрна пченица.
Што можам? Таков сум
и таква споредба
со тебе правам!
Сознание
уреди
На златната терезија од Зевс
пафтаат раширени крилја
и Вселената полетува
со пурпурно зрно во клунот.
Сипче
уреди
Сипче, безумно пиленце!
кажи уште колку ќе трае зимава,
колку ќе наврне снег?
Ти смрзнало клунчето,
ти се фатило крилцето,
само душа ти сипе, ти пее
Римувана песна
уреди
Во палатата на крал Пријам
Касандра слекува саја
сама.
Во плевната во Криволаки
Стамена растура копа
слама.
- Две жени,
два сјајни лика на светла кама! –
Зрнца
уреди
Градите на Андромаха-
нетресени круши горнички
О леле, окаен сум
пред една миризлива смрека
сонувајќи модри и црвени боболки,
модри и црвени зрнца, Алте
за многудрежна жена.
Чучулига на бедемот
уреди
По рабовите на крилјата нагрна
дел од посна земја
и топла морница
Оживеа
на брановите од воздухот
угреа сјајна зорница
Копче
уреди
Шлемот на глава брани,
мечот преку рамо се спушта
и блеска.
Колку може да поврзе
едно обично, ситно копче,
со рецка?!
Загина Аписаон Хипасов
уреди
Треба да се сложат дарежливите останки на природата
во таква непоматена хармонија
што пред и да полета гулабот на смртта
нека го колвне зрното со страст.
Запис
уреди
Му се здроби снагата
божилакот преку него пие
синоока нежност од реката.
Сарпедон, Ликиецот
уреди
Светлата јадица е фрлена в море.
Дрвото отсечено паѓа и пишти.
Веќе е мртов Сарпедон, Ликиецот.
Грмада од мошти. Земја стежната.
Жалбата на Лета
уреди
1.
Ми донесоа зрела
мисковина диња.
Кобник умира од злоба.
По развеаните розови цутје
чувствувам во сонот
Титие ме вклештил
дива, белозаба свиња.
2.
Крај море самотна смоква цвета
и миризлив ветер се шири
во топли црносини витли.
Растура раскошни зделки!
Две души од устите
се преселуваат во царството на Лета
непогрешно водени по трагата
на две одлетани стрелки.
Пајан
уреди
Копјата се забодуваат в тил,
мечовите ѕвечкаат во оградите на забите
панѕирите се потнат в крвје.
Воините гинат, Пајане,
Колку ќе трае оваа душманска војна?
Ова стопанкино подозрение?
Наусикија
уреди
Наусикија
со разлеани очи
те дочекува
те враќа во живот.
Те одведува со муле
среде миризливи плодови.
Изморен патнику!
По душевните бродоломства
дознаваш и сам
колку е драгоцена
убавината.
Зандана
уреди
Едно око, и уште едно, и уште едно...
и времето се набива во просторот
а просторот е грозно грд, офкање бедно!
Солзи
уреди
Се’ што скока и ползи
со оган во очите пламнат
од уплав и ужас солзи.
И така...
уреди
И така – мој Полидаманте!
не се слушнаа форминги гитари, лири...
Утре е нов ден, но изгледа
борбата никогаш нема да се смири...
Злато
уреди
Бездушник е златото.
Особено од придружна мисла
залисува со студен сјај.
И глеј-
тоа не признава сестринска љубов,
се открива во неодложно предавство
- фарисеј!
Монолог
уреди
Ахил им говори на првенците:
Доста ми е само светлината
од изворите
за да го продолжам својот род
овде и таму
дајте ми капка роса
бакнеж на кремен и огнило,
икра и искра на плисната крв.
Гласниците на смртта молчеа.
Аполон
уреди
На робинките диви ко разгорен оган –
Талеја, Кимодока, Главка,
Халија, Мелета, Агава,
Галатеја, Лимнореја,
Аматеја скраја со кадрици коси
Аполон топли зборови им роси:
„Ако во бела пештера не може да заврзе род,
може да расцути злоба“!
Глина
уреди
Гласот на гулабите
во растопен калај тече
од кај дубравите.
Капините се затрчани легии.
Далеку облаци, луњи, чад...
Не знам како можеле да из’ртат
од пресна глина.
Пенелопа
уреди
Мека и обла како топка
цела зафатена од страст
(како растение од повит)
се виеше
околу корави машки тела
Нагонот и’ влегуваше длабоко во утробата
При создавањето а светот
боговите ја одредија Пенелопа
за постојано потулено жарче
жедта да ја угаснува со жед
Што стори, црн Одисеј?
Зошто почна да го ораш морето?
Плажа
уреди
Густото тело на жената
црпи песок и зраци.
Со жива азбука од школки
меѓу брегот и морето се децата.
Густа, пламната вејавица
шиба од женско тело.
Спокој
уреди
Двајцата влегоа во морето
водата им ги обли телата.
Ветерот молкнат. Божествен
некој спокој.
Во едноличноста на модрината
двајцата воини во истиот миг
не мислеа исто, а едниот
просторот го гледаше со едно око.
Долон
уреди
Од се’ во сознанието остана само еден коњ
и СТРАВОТ на Долон
кој како смарагд од себе блеска.
Истурено е оловото од облаците
и само со крвава кожа од лав
се доразубавува небесната фреска.