ИЗИГРУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКИТЕ ИНТЕРЕСИ

Сличното чувство го доживеал и Јане Сандански, кога во Солун бугарските офицери му се заканиле дека за зборовите автономија за Македонија јазици ќе сечат. На тој начин, македонските дејци и сиот народ и покрај бројните жртви и штети во Балканските војни, ја доживеале и најголемата измама. Немањето единствена национална и политичка програма и меѓусебната недоверба, биле најголема пречка за обединување на разединетите и спротивставени сили во македонското револуционерно движење непосредно пред Балканските војни. Разединетоста во македонското ослободително движење со години била поттикнувана од соседните држави и потоа, кога ги разединиле и ги скарале македонските дејци, лесно се договориле за поделбата на Македонија уште пред почетокот на војната. Дури по завршувањето на Првата балканска војна, на ВМРО и на Јане Сандански им станало јасно дека нивните меѓусебни кавги оделе во полза на соседите и дека токму тие ја пропуштиле можноста да се обединат и да го предводат народот во борбата за ослободување и за создавање самостојна држава Македонија.

По завршувањето на Првата балканска војна, а по протерувањето на Србија од Албанија, во јануари 1913 година, Србија барала од бугарската влада да се изврши ревизија на договорот од 13 март 1912 година. Подоцна, на 22 февруари и на 25 мај 1913 година Србија упатила ноти, во кои предлогот за ревизија се образложува со следните причини: 1. при потпишувањето на спогодбата, на 13 март 1912 година Србија особено сметала дека ќе добие слободен излез на море поради независниот економски развој, но со интервенцијата на големите сили била принудена да ја повлече својата војска од Албанија; 2. Бугарија не го дала со договорот предвидениот контингент трупи за Вардарското боиште, бидејќи на интервенција на Бугарија, пред почетокот на војната тој договор бил изменет; 3. Србија и’ упатила помош на Бугарија од една армија со тешка артилерија, што според договорот не била обврзана, а тоа барало пошироко ангажирање на Србија, која и самата водела војна на Вардарското биоште.

Така изменетите услови, според мислењето на српската Влада, барале ревизија на договорот. Притоа, таа мислела на компензација во Македонија, за да добие непосредна граница со Грција, со цел да го користи пристаништето во Солун. Бугарската влада не се согласила со српското сфаќање на договорените обврски и во нотите од 18 март и од 19 април 1913 година го отфрлила барањето за ревизија.

Бугарија не се сметала обврзана да направи територијални отстапки во Македонија по повлекувањето на српската војска од Албанија, поради тоа што Србија тоа го направила по одлука на големите сили, а не во спогодба со Бугарија. Според бугарското гледање на договорените обврски, Србија била должна да испрати помош кај Одрин. Тогаш дошло и до различни гледања на таканаречената спорна зона. За Бугарија таа зафаќала дел од Македонија, што според договорот требало да и’ се отстапи на Србија, а Србите за спорна зона ја сметале цела Македонија.