ИНТЕНЗИВНА ПРОПАГАНДНА АКТИВНОСТ

Балканските држави по создавањето на Балканскиот сојуз веднаш започнале интензивно да се подготвуваат за војна против Турција. Настаните што се случиле во летото 1912 година: албанското востание, побуната на гарнизоните во Одрин и во Битола, како и паѓањето на младотурската влада ја засилиле анархијата во Турција. Големите сили сакале да ја задржат постојната состојба во Турција со некои ограничени реформи што немале некое поголемо значење. Поради тоа балканските сојузници одлучиле прашањата со Турција да ги разрешат со оружје. На 20 септември тие и’ упатиле ултимативна нота на Турција со барање да се извршат реформи, да се спроведе административна автономија, да се воведат локални собранија, да се дозволи слободна настава, да се воспостави локална милиција и друго. По таа нота Турција на 23 септември наредила делумна мобилизација во европските провинции, ги запленила грчките бродови во Цариградското пристаниште и воениот материјал во Солун што Србија го купила од западните земји. Сојузниците одговориле со тоа што на 30 септември во 1912 година извршиле општа мобилизација. Утредента тоа истото го направила и Турција. Потоа, на 8 октомври Црна Гора и’ објавила војна на Турција, Србија и Бугарија тоа го сториле на 17 октомври, а Грција на 19 октомври 1912 година. На тој начин започнала Првата балканска војна.

Непосредно пред Балканските војни се вршела интензивна пропаганда со цел да се дигне борбениот дух и антитурското расположение во сите балкански земји. Политичките подготовки за дефинитивното протерување на османлиските сили по пат на војна траеле долго и биле сеопфатни. Поради тоа, балканските народи, особено македонскиот, почетокот на војната го дочекале со максимален борбен набој и со елан за борба. Македонската емиграција во Бугарија, која веќе била организирана во разни организации и здруженија, со голема надеж ја очекувала војната. Бугарската влада во време на интензивната пропаганда и подготовките на Балканската војна максимално ги користела условите за потпишување на српско-бугарската спогодба, особено договорот со кој Бугарија се откажала од решенијата на прелиминарниот Санстефански договор и алтернативата дека на Македонија ќе и’ се даде автономија. Тоа било решавачко за македонската емиграција, интелигенцијата и речиси сето население, да се определи во Балканската војна да учествува на страната на Бугарија. Не знаејќи за тајната конвенција во која Македонија веќе била поделена, одредени луѓе во Бугарија и во Србија ја сметале Македонија за рамноправен сојузник. Единствено Јане Сандански изјавувал дека меѓу Србија и Бугарија може да дојде до спогодба само доколку ја делат Македонија.