ИСКЛУЧУВАЊЕТО НА ТУРЦИЈА

Српските и грчките претставници охрабрени со дотогашните победи барале преговорите да се водат во Ниш и на Бугарија да и’ ги диктираат условите за мир. Романија, која ја имала улогата на посредник меѓу големите сили и балканските земји, на Србија и’ го пренела решителниот став на Австро-Унгарија дека нема да дозволи Србија и Грција да се пробиваат кон Софија, како ни српска офанзива кон Видин и Белоградчик, бидејќи Видин не може да биде српски, а ако не биде бугарски, тогаш ќе биде романски. Романија ја предупредила Грција дека доколку не се согласи на потпишување на прелиминарниот мир и на мировниот договор во Букурешт, тогаш таа (Романија ‡ В.С.) ќе стапи во сепаратен договор со Бугарија. Под силен притисок на Романија и на големите сили, Србија и Грција прифатиле да учествуваат на преговорите во Букурешт.

На 25 јули 1913 година, српската Врховна команда наредила да се прекинат сите офанзивни дејства против Бугарите и на достигнатите линии да се утврдат за одбрана. Турција упатила молба да учествува на преговорите во Букурешт. Нејзината молба била одбиена, со изговор дека на конференцијата ќе се разгледуваат прашања поврзани исклучиво со поделба на територија меѓу балканските христијански држави, односно за поделбата и асимилацијата на христијанска Македонија, која со векови опстојувала како цела и засебна од соседите, во рамките на Османлиската Империја.

На 30 јули 1913 година почнала мировната конференција во Букурешт во присуство на претставници на шест големи сили. Делегациите на балканските земји ги предводеле претседателите на владите, освен бугарската. Со конференцијата претседавал претседателот на Романија Титу Мајореску. Конференцијата работела на пленарни седници и во посебни седници на воените делегации. Покрај тоа, за одредени прашања биле формирани посебни комисии и биле одржани одделни седници. Конференцијата се одржувала во мошне заострена состојба, секој час постоела можност да биде прекината поради посебните интереси на големите сили или на балканските земји. Сепак, на 31 јули 1913 година биле прекинати воените дејства и било потпишано прелиминарно примирје под следните услови: 1. демаркационата линија да биде повлечена на еднакво растојание од местата каде што се наоѓале претстражите на 31 јули во 12.00 часот и да биде одбележена со бели знаменца; 2. прекинот на непријателствата ќе трае пет дена и ќе започне на 31 јули напладне по средноевропско време; 3. движењето на трупите и нивното снабдување, од која и да е природа, зад линијата на претстражата нема да се спречува; 4. завојуваните страни, една на друга ќе и’ ги соопштат сегашните позиции за да престанат непријателствата на сите места во исто време; 5. врховните команди на завојуваните земји под итно да ги известат сите единици за прекинувањето на непријателствата за да можат да се издаваат други потребни наредби; 6. да се применуваат одредбите на членовите 40 и 41 од конвенциите кои се однесуваат на копнените војни.