Извештај на рускиот амбасадор за состојбата во Македонија во 1945
Документи: руски извори од 1945 година, Нова Македонија <хттп://њњњ.новамакедонија.цом.мк>, 13/14 Јули 1998
Бегалци од Егејска Македонија
Секојдневно границата ја поминуваат големи групи Македонци кои бегаат од грчкиот терор. Македонија ги прифаќа и ги удостојува сите што ја поминале границата
ИСТОРИЧАРОТ д-р ВЛАДО ИВАНОВСКИ, меѓу поголемиот број новооткриени документи во Историско-документарниот оддел на Министерството за надворешни работи, поточно во Архивот за надворешна политика на Руската Федерација, го регистрира и Извештајот (со забелешка дека не смее да биде објавен) на В.П. Григорев и И.Н. Агеев, кои од 13 до 23 јули 1945 година ја посетиле Македонија и притоа посебно се задржале на состојбата на границата со Грција, во тоа време жешка точка на југословенско-грчките односи. Овој документ првпат е објавен во магазинот Македонско време од каде што го преземаме.
Заради невидениот терор на грчките воени и полициски власти над населението од Егејска Македонија, Македонци - стари и млади, мажи и жени, ги оставаат своите родни огништа и масовно ја минуваат границата и се префрлаат на југословенска територија.
Според податоците што ни ги даде претседателот на АСНОМ, Методи Андонов - Ченто, до овој момент од Егејска Македонија пребегале повеќе од 20.000 бегалци - Македонци. Бегалците секојдневно пристигнуваат. Интересно е дека, заедно со Македонците, од теророт во Југославија пребегуваат и многу Грци. Според податоците на претседателот на Народниот комитет на Битолскиот округ, Крсто Симовски, само на територијата на оваа околија до 17 јули пребегале околу три илјади луѓе. Како по правило, сите бегалци што ја минуваат границата пристигнуваат полуголи, полубоси и изнемоштени од тешкиот пат. Народот и органите на југословенската народна власт на бегалците им укажуваат добар прием. На пример, во градот Битола за нив е отворена менза и се опремени специјални простори. Работоспособните бегалци се распределуваат на работа по селата и градовите. Неработоспособните, главно старци, се сместени во специјални приемни домови, каде што им е обезбедена храна и облека. Разговаравме со неколку бегалци во повеќе места. На пример, во село Дупени, Преспанска околија, Битолски округ, на 16 јули 1945 година: селанец - Македонец, 65-годишниот Глигор Богоја Балја, пребегал во мај месец од селото Раби, Леринска околија и округ (Грција). Во Грција му останало семејството: жената, синот, снаата и нивните две деца. Самиот тој ги помагал партизаните. Причина за пребегувањето: терор, гонење на сите кои ги помагале или симпатизирале партизаните. Од селото Раби (составено од 120 македонски куќи и 40 грчки), само во селото Дупени пребегале 20 мажи.
- Селанец - Македонец, 80-годишниот Никола Стефанов-Казаковски, од село Раби (Леринска околија), пребегнал во месец мај заедно со 35-годишниот син. Другите членови од нивното семејство останале во Грција. Причини за нивното пребегување: ги помагале партизаните, ги криеле и лекувале ранетите, за што сега грчките власти ги гонат. Тој ни кажува дека од неговото село се уапсени 13 мажи и се однесени во Лерин.
ЌЕ СЕ ВРАТИМЕ САМО ВО ОБЕДИНЕТА МАКЕДОНИЈА
Бегалците зборуваат: Ние ќе се вратиме дома само во случај ако Егејска Македонија биде присоединета кон Македонија (Југославија)!
Збогувајќи се со нас, Казаковски ни рече: Нека живее Сталин и нека ни помогне нам, на Македонците од Егејска Македонија, да се ослободиме!.
Во Битола, на 17 јули 1945 година:
- Селанецот - Македонец, 84-годишниот Анастас Панчев од село Вишени, Костурски округ и околија. Пребегал во Битола на 17 јули 1945 година. Грчката полиција на 11 јули во селото Вишени го претепала, божем, дека водел пропаганда. Всушност, селанецот само добронамерно зборувал за Југославија, за присоединувањето на Егејска Македонија кон неа. На неговата глава и на лицето се забележуваат траги од мавање. Оттргнувајќи се од рацете на полицијата, тој побегнал во планините, а оттаму, пеш, влегол во Југославија. За неколку дена пропешачил повеќе од 80 километри.
- Јоанис Теодоридис, Грк, стар 28 години, од село Ливера, Козанис. Според неговите зборови, тој бил секретар на месниот комитет на Компаратијата, во околијата Козанис. Грчката полиција, со цел да ја обезглави комунистичката партија, ги уапсила партиските работници. Нему му се заканувало апсење. Затоа решил да пребега во Југославија.
Понекогаш, во Македонија пристигнуваат Македонци - бегалци од Тракија, со воз, преку Бугарија. Една таква група од околу 200 луѓе сретнавме во село Градско, 20 километри од Велес. Бегалците ни изјавија дека се од селата Горенце и Просочен, Драмска околија, од каде што пребегале на бугарска територија уште кон средината на април месец годинава. Според нивните зборови, во Бугарија, во градовите Пловдив, Пазарџик и Неврокоп, се наоѓаат до 10.000 бегалци од Егејска Македонија. Сите тие луѓе ќе бидат префрлени во Југославија. По тоа прашање во Бугарија работи југословенската комисија.
Бегалците раскажуваат дека царистите ги протеруваат од Грција сите Македонци. Грчките власти го ограбуваат македонското население. Тие собираат од него жито, добиток, пари. Бегајќи од Тракија, бегалците таму го оставиле сиот свој имот со сета покуќнина. Меѓу бегалците има стари луѓе, жени и деца, во повеќе случаи цели семејства. На пример, селанецот Крсто Димитров Бончев (36 година), од селото Просочен, Драмска околија, пребегал во Југославија со трите деца, кои имаат шест, десет и дванаесет години. Селанецот Иван Ангелов Паскалев (36 години), од село Горенце, пребегал со жената и трите деца од шест, тринаесет и седумнаесет години.
Селанецот Кочо Рамсулев (46 години), од село Просочен, пребегал сам, оставајќи ја дома жената со децата.
Бегалците од Егејска Македонија во Југославија се сретнуваат со целосно добредојде. На 2 август во Македонија се празнува националниот празник Илинден (Ден на востанието против Турците). На тој ден низ цела Македонија ќе бидат организирани доброволни прилози за бегалците - браќата од Егејска Македонија. Македонската влада пуштила во продажба специјална лотарија, чиј приход ќе биде внесен во фондот за помош на бегалците.
ЕКОНОМСКАТА ПОЛОЖБА ВО МАКЕДОНИЈА
Во економскиот живот на Федерална Македонија главно место зазема селското стопанство со кое се занимава 74 проценти од општиот број на населението. Основни култури на селското стопанство се тутунот, пченката, афионот, кој се извезува за изработка на опиум, маслодајните култури, овоштарството. Освен тоа, големо место во селското стопанство зазема сточарството. Природните услови: планините, честата суша, недостигот од обработливо земјиште, ги прават површините засеани со житни култури нерентабилни. Производството на сопственото жито во Македонија до новата жетва не ги обезбедува потребите на населението. На пример, во селото Љубојно, Преспанска околија, Битолскиот круг (60 километри од Битола) повеќето од селаните се сопственици на земјиште до еден хектар, еден селанец има пет хектари, а 60 отсто од обработливото земјиште се наоѓа по планините. Во ова село, по правило, производството на сопствена пченица им е доволно на селаните само за наредните пет-шест месеци, а годинава, според изјавата на селаните, резервите на пченица не ќе траат повеќе од четири месеци. Основно занимавање на селаните е овоштарството и производството на тутун.
Според изјавата на секретарот на Окружниот народен одбор во Битола, Кулјач, поголемиот број од селаните во Македонија се сопственици на обработлива површина најмногу до 1,5 хектар што не обезбедува пченица за целата година, па селаните се надеваат дека таа ќе биде донесена од Војводина. Заради дезорганизираниот транспорт, нарушената трговија и врската меѓу градовите и селата, населението во Македонија постојано чувствува крајна потреба од храна. Истото тоа ни го изјави претседателот на Народноослободителниот одбор на град Прилеп. Според податоците на весникот Село, во Македонија, Косово Поле, Метохија и Санџак до војната имало вкупно 231.964 семејства (од нив во Македонија 172.700), кои располагале со 1.203.116 хектари обработливо земјиште (во Македонија таа бројка изнесувала 650.000 хектари).
Во просек на едно семејство во Македонија, Косово Поле, Метохија и Санџак доаѓа нешто повеќе од пет хектари обработливо земјиште. Во Македонија, пак, на едно семејство доаѓа нешто повеќе од четири хектари по семејство.
Во земјоделското стопанство на Македонија видно место зазема културата тутун. Безразлично што со оваа култура е засеана на само еден отсто од вкупно обработливо земјиште, кое опфаќа 6,5 илјади хектари, со обработка на тутунот ангажирани се повеќе од десет илјади луѓе или 40 отсто од вкупно вработените во Македонија.
Земјоделството во Југославија е релативно заостанато. Земјоделството, пак, во Македонија е најзаостанато во Југославија. Дрвените плугови и воловите се основното орудие на македонското земјоделство мошне ретко во полето може да се види метален плуг, додека пак, други земјоделски машини воопшто нема. Поминувајќи ја долината на реката Вардар, Битолското Поле и полето околу Преспанското Езеро, никаде не слушнавме работа на земјоделски машини. Забележавме само рачна работа. Коњи има малку. Магарињата и воловите се основните транспортни средства во земјоделството. Селаните живеат бедно. Ретко забележавме селанец кој не беше во износена облека и обувки под кои се гледа голотија. Разнобојните закрпи ја скриваат бојата на материјалот од кој е сошиена облеката. Нечистотија. До 75 отсто од населението во Македонија е написмено. Овој процент по селата е забележително поголем. Во цела Македонија работат само шеесет лекари и триесет медицински сестри, а во селата во кои бевме, никаде не видовме амбуланта или болница. Селаните ја почитуваат новата власт, меѓутоа, забележуваат дека таа се уште ништо не им дала. Подготовки за реформи не се забележуваат. Секретарот на НОФ на Битолскиот округ околу ова прашање се ограничуваше на општи фрази, изјави, што се имаат селските семејства кои ја почувствувале аграрната реформа, меѓутоа колку земја е опфатено со аграрната реформа, каков максимум обработлива површина ќе остане кај селаните, колкав е вишокот на земја, тој не знаеше да каже. Ние бевме во селската кооперација на едно погранично село на Битолскиот округ. Продавницата празна. Селото добило само 24 српа и шест коси. Селото има 88 домаќинства. Кооператорот ни рече дека поделбата на срповите и косите меѓу селаните ќе ја направат по пат на лотарија. Секој човек добива по 20 грама сол за секоја овца. За колку време е дадена солта никој не знае.
Индустријата во Македонија е мошне слаба и е сконцентрирана по градовите. На пример, во Битола има две текстилни фабрики, неколку помали еснафски работилници. Во Скопје има пиварница, монопол и неколку мали текстилни фабрики. Во планините меѓу Скопје и Битола има резерви на јаглен. Опремата на јагленокопите е примитивна. Најконкретно за состојбата на индустријата во Македонија зборуваат следниве бројки: во индустријата се ангажирани 25.000 луѓе, од нив на преработка на тутунот - 10. 000.
Трговијата во Македонија е речиси парализирана. Сите индустриски производи се делат со белешки, што ги издава Министерството за трговија и другите компетентни институции. Приватна иницијатива, при неумеење и немање можности се организира државна трговија, не е дозволена.
Меѓу селаните постои тенденција да се бојкотираат градовите - доколку селанецот ги однесе в град своите производи не може ништо да добие за нив. А градовите, пак, чувствуваат недостиг на оние производи кои во нивна близина или гнијат (овошје) или пак се расипуваат (јајца и млеко). Градовите живеат празнично. Во Скопје, Битола и Велес, низ кои поминавме, по големите улици приземјата на куќите се претворени во кафеани и ресторани и друг вид забавувачки дуќани. Нив ги има невообичаено многу. Во некои кафеани, освен празни шишиња или по неколку шишиња кисело вино, нема ништо. Во Битола, на 30.000 жители, со различни работи се зафатени само три илјади луѓе, а другите, исклучувајќи ги децата и старците, се занимаваат со трговија и безделничат.
Реакција, користејќи ги тешкотиите, води скришна пропаганда против народната власт, ја саботира трговијата. Пазарите се празни - насекаде дејствува црната берза. Трговците се страшно незадоволни заради тоа што се гонат контрабандите од Грција и Албанија.
За неколку дена, колку што престојвуавме во Македонија, не видовме ниеден селанец, или селска кола, кои со производи одеа во град, како што тоа го гледавме, на пример, во многу места во Србија. По патиштата можат да се видат само магариња натоварени со дрва или со сено.
ПОЈАВИ НА ШОВИНИСТИЧКО РАСПОЛОЖЕНИЕ
По својот национален состав, Македонија е повеќенационална. Според изјавата на претседателот на АСНОМ, Андонов - Ченто, Федерална Македонија има 1.200.000 население, од кои 1.000.000 се Македонци, а другите се Турци, Албанци, Власи. Во источниот дел на Македонија има Бугари - преселници. Муслиманското население во Македонија брои меѓу 70.000 и 80.000 илјади. Сите национални малцинства се застапени во АСНОМ. Заменик претседателот на Владата е Албанец.
Во разговорите со одговорни лица се чувствува голема нељубезност и национално непријателство кон Србите, кои во одделни случаи добиваат форма на шовинизам. Во разговорот со нас Андонов-Ченто рече дека Срби во Македонија нема, туку има србомани, кои себеси се сметаат за Срби, но, всушност, тие се Македонци Исклучок претставуваат околу две илјади стари српски чиновници кои живеат во Скопје. Српски школи во Македонија нема. Слично на ова изјави и уредникот на весникот Нова Македонија Киро Хаџи Василев. Тој рече: Во Скопје нема српски училишта. Нема зошто да се отворат, нема доволно Срби. Во селата, каде што населението се чувствува српско, а всушност тие не се Срби. Во тие села српски училишта нема, меѓутоа, има српски јазик како наставен предмет. Според изјавата на поручникот на југословенската армија, К.А. Курицки, во Македонија постои силен шовинизам. Тој постои и во армијата, меѓу комунистите - командири и комесари - Македонци, како и меѓу работниците на ОЗНА. Кога во Македонија дошле 22. Дивизија, составена од Срби, Хрвати и Црногорци, во Македонија почна да се зборува за ново насилство на Србите, дека повторно се враќа стариот српски режим, окупација, корупција. Кога бил ликвидиран Главниот штаб на Македонија и формирана Шестата армија, мнозинството на раководниот кадар не биле македонски, па многу Македонци тоа го квалификувале како ликвидирање на македонската армија. Жената на началникот на ОЗНА за Македонија (тој, исто така, е секретар на ЦК на КПМ), полковникот Цветко Узуновски - Абаз, изјавила: Повторно почна српско владеење! Каква е таа слобода за Македонија, кога пак дојдоа Србите...!. За образованието во самостојна Македонија ни зборуваа работникот на Култпропот на ЦК на КП на Македонија, Блаже Конески, и веќе споменатиот уредник на весникот Нова Македонија Хаџи Василев. Во источните делови на Македонија постои тенденција за присоединување кон Бугарија. Карактеристичен е делот од разговорот со Андонов - Ченто што го имавме на 20 јули. Тој не праша дали сме го слушале соопштението по радио од средбата на тројцата рководители на трите големи држави за тоа дека, наводно, тие дошле до заклучок за неопходноста од создавање самостојна Македонија под покровителство на Америка. Исто такво прашање ни постави и секретарот на АСНОМ, Спиров, кој влезе додека разговаравме со Андонов - Ченто. Спиров го изрази своето мислење дека е прифатлива идејата за протекторат на СССР или Америка над Македонија, само да не се реализира варијантата Македонија под протекторат на Англија. Притоа, тој ја разви мислата за можноста да постои самостојна Македонија под покровителство на Америка, под услов да бидат зачувани денешните органи на државната власт и на армијата. Економската соработка треба да биде база за подем на Македонија. Ченто, во принцип, со ништо не му се спротивстави на својот колега, меѓутоа, изрази сомнение за тоа дека денешните органи на државната власт ќе можат да се зачуваат за време на американскиот протекторат, кога Америка ќе ги земе во свои раце командните места во македонската економија. Меѓутоа, селаните со кои имавме можност да разговараме, сметајќи ја положбата на македонскиот народ трагична, бараат негово обединување во една држава. Безразлично на силно изразените национални чувства, никој од нив не рече дека Македонија треба да биде надвор од Југославија, туку,обратно, некои од нив директно изјавуваат дека таа треба да биде во рамките на Југославија. Се надеваат дека СССР ќе им помогне во тоа.
ОДНОСОТ КОН СССР
Во воените единици на Четвртата бригада на Народната одбрана, кај кои бевме, односот на војниците кон Советскиот Сојуз е исклучително убав. Секој војник сака да личи на црвеноармиец, а нивната татковина на СССР. Недоволно облечени, боси, тие се полни со верба во тоа дека се на правилен пат, на оној пат, по кој своевремено одел Советскиот Сојуз. Тие со презир зборуваат за грчките војници облечени во англиски униформи. На покривот од куќата во која се наоѓа бригадниот штаб се вее црвено знаме со срп и чекан на него. Ние ги прашуваме: Зошто виси црвено знаме?, а тие ни одговараат: Тоа е македонско знаме. Во разговорите селаните се интересираат за животот со Советскиот Сојуз, главно, за животот на селаните.
Меѓутоа, во разговорите со одговорните лица се чувствува некаква резерва, особено затоа што тие го знаат односот кон СССР, кон рускиот човек во Србија. Во Србија се интересира за се што се однесува на Советскиот Сојуз. Се интересира за неговата позиција кон нив, или за другите меѓународни прашања. Ги интересираше прашањето за Трст, позицијата на Советскиот Сојуз во однос на политичките појави во Југославија. Веруваа во силата на Советскиот Сојуз. Сосема друга е работата во Македонија: не добивме ниту едно прашање за тоа како Советскиот Сојуз се однесува кон настантие во Егејска Македонија, за прашањето на Македонија воопшто.
Разговорот со секретарот на Битолскиот окружен НОФ, Марко Кулјач, Црногорец, личеше повеќе на распрашување отколку на разговор. Тој одговараше само на прашања, ниеден збор отповеќе, не поставувајќи ниту едно прашање. Во таков тон мина и разговорот со уредникот на Нова Македонија, Хаџи Василев, како и со секретарот на Друштвото за културна врска со СССР, Конески, во Скопје. Во главниот град на Македонија, Скопје, Друштвото за културна врска со СССР, фактички не работи. Друштвото нема свои простории. Постојната руска библиотека во Скопје лежи во магацин и таа нема свои простории. Раководителите на Друштвото манифестираат целосна инертност, а од ЦК КП на Македонија нема никакви стимуланси за да оживее работата и на Друштвото и да му се помогне да најде потребни простории.
Потпишани: Втор секретар на Амбасадата на СССР во Југославија, Григоров, Аташе на Амбасадата на СССР во Југославија, Агеев 28 јули 1945 година