Илинден е ставен во потребите на грчката пропаганда

Илинден е ставен во потребите на грчката пропаганда

Илинден за Македонците навистина е појдовна точка и симбол на борба, поврзана со националното самоопределување (според современите сфаќања за етногенезата). Претставува врвно дело на антиотоманското народно револуционерно македонско движење, предвесник што ја предизвикува платеничката грчка антиреволуционерна интервенција, односно грчката антимакедонска борба. Во ова поглавје, Илинден се преуредува врз основа на соодветната неиздадена документација на Историскиот архив на грчкото министерство за надворешни работи. Овој материјал го имаат искористено со избрани повикувања и со уште поизбрани затајувања грчките научници Николаос Влахос и Константинос Вакалопулос.

Овие автори се обидуваат, применувајќи го прокрустиот метод, да го постават Илинден во границите на потребите на грчката пропаганда. Информациите на грчките извори покажуваат, сепак, дејства и состојби што го анулираат нивното историско дело и ја потврдуваат неубедливоста на нивниот збор. Првото прашање на кое треба да се одговори во врска со Илинден е прашањето за тоа кои се општествените, економските и политичките услови што го револуционизирале македонското селско население во почетокот на 20 век.

Пезас, конзулот во Монастири (или Битола), пишува соодветно околу една година пред Илинден, на 2 мај 1902 година, во својот извештај до претседателот на грчката влада:

За да се увери Вашата екселенција дека не зборувам бесмислени работи, доволно е да имате предвид дека главните причини што ја создадоа и ја развија оваа состојба остануваат засекогаш непроменливи. Турската администрација ниту се подобри, а ниту постои надеж да се подобри под постојниот систем. Корумпираноста на службениците ќе продолжи како и порано, затоа што не гледам никаков сериозен напор за зауздување на економската парализа на државата, која е главниот повод за корумпираноста на службениците.

И продолжува: Угнетувањата на христијаните од страна на падарите, на беговите и на воените единици, секогаш се на дневен ред, а пак овие грдотии, со кои не може да се справи централната администрација, секогаш ќе ги тераат селаните да бидат наклонети кон какви било лажни совети од четите.

Жалната состојба во која се нашол македонскиот христијански селанец пред Илинденското востание се одразува, исто така, и во акциската програма за 1903 година, на централистите, од левото автономистичко крило на ВМРО:

„Досега турската администрација игнорира што е благосостојба и како се постигнува таа. Даноците, кои христијаните продолжуваат да ги плаќаат, се даноци на ропство. Од нив никаков дел не се издвојува за обезбедување на нивната благосостојба. Патиштата се градат со принудна работа и од нив има корист само владејачката нација. Начинот на собирањето даноци и десеток е од оние начини што во други држави веќе одамна се осудени на смрт. Никаква помош не се дава за образованието на нацијата, која, иако се бори со своите сопствени сили, власта ја спречува на многу начини, зашто осудата на народот на неписменост е еден од многуте интереси на владејачката нација. Мисијата на војската е, пред се, државјаните да се држат во покорност, а не одбрана на земјата од надворешни непријатели. А, пак, целта на судовите и на администрацијата не е доделување правда и обезбедување ред, туку, пред се, опслужување на интересите на владејачката нација и тероризирање на трудбеникот. Надлежните за заштита на животот на државјаните се првите што ги држат постојано во страв и опасност. Човековата права и личната вредност кај христијаните во Македонија немаат никакво значење. Христијаните во Македонија насекаде стануваат предмет на дискредитација и презирање. Еден од условите за прогрес на една нација е одржувањето на нејзината јадрост. Во Македонија и во Едрене не може да стане ни збор за тоа, затоа што во овие земји народот е во многу пониска состојба отколку што се животните во однос на нивните господари“.

Централистите застануваат на чело на Илинден летото1903 година. Но, да ја видиме во истиот документ нивната политичка програма, за која само со полузборови мрморат грчките историчари.

„На народот траба да му се објасни неговата положба и да му се каже дека постои начин таа да се промени. За да успее тоа треба да се знае дека има потреба од доброорганизирана борба, која може да потрае подолго време. Кога ќе се врши агитацијата, таму каде што има и Турци, треба да ги вдахновите дека се стремите кон уставен режим што дава гаранции за владеење на правото еднакво за сите класи и родови и да го свртите вниманието на народот кон таа точка. Кога вршите агитација кај борците не треба да заборавите да им обрнете внимание на македонското прашање од меѓународен аспект. Треба да ги навикнете да не очекуваат никаква помош од Русија, од Австрија, од Бугарија, од Србија или од Грција, туку да се потпираат врз сопствените сили. Треба да им се објасни дека слободата не им се дава како милостина на народите, туку дека таа се добива со оружје“. Но, да поминеме сега на факторот грчка држава. Односно, каква била нејзината политика, преку дипломатијата и нејзините агенти, пред веројатноста за избувнување востание во Македонија.