Итар Пејо и стариот арамија

Итар Пејо и стариот арамија

уреди

Некој си прочуен арамија слушнал за итроштините на Пеја итроманецот и решил да го испроба во својот - арамискиот занает. Го нашол еден ден во чаршија и му предложил да го научи да краде. -Добро, -му одговорил Пејо, мислејќи си во себе дека не е лошо човек да знае нешто повеќе, и тргнал со арамијата. Подкраднале што подкраднале ситни работи по чаршијата, отишле и во село. И тука украле по некое јагне, јаре, кокошка, јајца и арамијата видел дека ќе го бидува Пеја и за оваа работа, решил да го подложи на најзрел испит па му рекол:

-Знајш што Пејо.Ти го испече донекаде мојот занает , но денеска треба уште нешто да ти кажам и да те испробам , па ако излезеш и тука како што треба, ќе ти дадам диплома од занаетот . Ене ондека на врбана има страчкино седело, во него има јајца на кои лежи страчката. Гледај ти како ќе ги украдам јајцата, а да не сети страчката и да летне. -И се качи стариот арамија, го продупил седелото одоздола и ги украл сите јајца на страчката без да го забележи и да летне. Арно ама, во тоа време Пејо се качил по него. Дури арамијата занесен во кражбата, Пејо му ги одврзал бечвите и полека му ги избутнал , та слегол и ги скрил во трњето крај врбата. Кога слегол арамијата и се видел без бечви, му ја подал раката на Пеја и му рекол: Дај ми ги, Пејо бечвите и оди ми си со здравје. Го положи и овој испит одлично. Така Пејо добил уште еден занает, но никогаш со него не се користел зашто не бил арамија по душа.