И Кичево паѓа во српски раце

Борбите за Кичево, кои започнале на 4 ноември 1912 година, особено се засилиле наредниот ден, кога дошло до жесток судир меѓу главните сили на двете војски.-Во вечерните часови на 5 ноември, турските сили почнале да се повлекуваат кон Битола

Турската војска по поразите во Кумановската битка и кај Качаник се повлекувала во паника кон Битола и кон Тетово. Командантот на 7. корпус на Вардарската армија откако му било речено да се откаже од одбраната на Скопје, на 25 октомври го започнал повлекувањето кон Тетово и кон Кичево. Меѓутоа, по наредбата на турската Врховна команда да се организира одбрана на Солун, командантот на западната војска издал заповед и 7. корпус да се повлекува преку Тетово и Гостивар за одбрана на Битола. На 26 октомври, кога турската војска ја натоварила артилеријата на вагоните на железничката станица во Скопје, ненадејно месните чети отвориле оган од пушките, кај турската војска настанала паника, па војската и офицерите со коњски запреги избегале кон Тетово. Покрај натоварената артилерија оставиле уште 30 артилериски орудија од пет хаубички батерии. Мехмед-паша, командант на одредот во Приштина, го известил командантот на Западната војска дека од неговиот одред останале само уште околу 350 војници, другите војници дезертирале. Повлекувањето кон Тетово траело до 29 октомври 1912 година.