И според грчките архиви – Илинден е народно востание

И според грчките архиви – Илинден е народно востание

Четири месеци подоцна, Цорбаѕоглу, откако беше одблизу запознаен со работите во Источна Македонија (во Серскиот санџак), му ги пишува на премиерот Г.Теотокис, меѓу другото, своите заклучоци за револуционерното движење во Македонија.

Цорбаѕоглу одговара на тоа што самиот го нарекува енигма под името Комитети, енигма што го преокупира целиот свет. И појаснува дека неговите заклучоци се однесуваат како на Централна, така и на источна Македонија, т.е. на сиот простор што го проучил по налог на грчката влада. Според Цорбаѕоглу постојат две струи во редовите на револуцијата: чисто бугарската и чисто македонската. Организациски овие струи доаѓаат до израз преку Бугарскиот и Македонскиот комитет. Бугарскиот комитет има морално и материјално влијание во северните реони на Петрич, Горна Џумаја, Неврокоп и Разлог (денес територии на Бугарија).

За кадрите на Македонскиот комитет читаме дека македонските заменик-команданти, а можеби и самите водачи само поради еден единствен услов од нивниот договор со земјата, условно речено ја извлекоа својата голема моќ досега: од условот да не си постават друга цел, освен ослободувањето на Македонците како Македонци.

За дијаметрално спротивниот политички избор на двата комитети и за нивните меѓусебни судири, Цорбаѕоглу пишува: Но спротивноста во погледите и чувствата од една страна на водачите на бугарскиот комитет и, од друга, на Македонскиот комитет и особено на неговите македонски војводи, не задоцни да дојде до израз преку разновидни начини. Така, паралелно со меѓусебните расправии преку бугарскиот печат на двата комитети, се случија едноподруго и во самата Македонија секакви судири меѓу органите на двата комитети.

Цорбаѕоглу е категоричен кога зборува за отсуство на заеднички политички намери на Бугарите и на Македонците: Како во однос на горенаведената мечта на Македонците, така и во однос на соодветната програма на вистинското востание во Македонија, не вршат никакво влијание на политичките аспирации и волјата на бугарската хегемонија.

Па, дури ја додава значајната информација дека многу бугарски учители дошле во судир со Егзархијата како македонски автономисти: навистина многу од Македонците, бугарски учители соработувале со Македонскиот комитет сосема независно од бугарската егзархија, или, пак, тајно во самите села или со нејзино знаење како прогласени македонски ренегати во планините.

Значи, како што произлегува од документацијата на историскиот архив на грчкото Министерство за надворешни работи, Илинден е едно големо народно востание, во кое масовно учество зема христијанското население од западна Македонија, независно од догмите. Програмата на востанието неоспорно си ставила цел политичка автономија и создавање стратегиски независна македонска држава. Повеќето од ударите на револуционерите беа однапред избрани и носеа класен – антиотомански политички карактер (а не општо антимуслимански). Насилството против востанието било извонредно жестоко. Илјадници паднале како жртви на тоа насилство од страна на војската и на башибозуците. А грчката држава и Патријаршијата се нашле цврсто на страната на отоманскиот естаблишмент, како фанатични прогонувачи на револуционерите.

ДЕСЕТТЕ КРИЌАНИ – ПЛАТЕНИЦИ НА КАРАВАНГЕЛИС

Мај 1903 година. Павлос Мелас добил писмо од митрополитот костурски, Германос Каравангелис, со кое му бара испраќање на една група грчки платеници, за да ги нападне егзархиските села во својот реон. Мелас се обраќа за помош до потпоручникот и негов пријател од Сфакја (место на Крит, н.з.). Јоргос Цонтос (понатаму познат како војвода Вардас).

Цонтос за Каравангелис мобилизирал десет негови познати јунаци од Сфакја и тоа: Едит, Каудис, Г.Перакис или Перос, Г.Диконимос (Макрис), Л.Вранас, Г.Зуридис, Е.Бонатос, Г.Стратинакис, М.Кантунатос, Н.Лукакис и Г.Сејменис. Финансиските трошоци, главно ги презема принцезата Луиза Рианкур, која за таа цел дава три илјади драхми.

Овие десет луѓе од Крит тајно ги префрла потпоручникот на Картографската служба, К.Мазеракис Ењан до Калабака. Оттаму со помош на поручникот Влахојанис, лекарот Рамос, полицискиот капетан Кутрувидас и капетанот Икономидис, се вооружуваат и на 13 јуни со лажни нуфузи (лични карти) тајно ја преминуваат границата.

На 21 јуни тие пристигнуваат во манастирот „Св.Никола“ во Чирилово, Костурско, каде што ќе ги пречека игуменот, кој е човек на Каравангелис.

Наредниот ден во манастирот доаѓа Вангелис Георгиу (или Стребењотис), со петнаесет негови момци, за да ги преземе по налог на митрополитот. Вангелис порано бил член на ВМРО, но бил поткупен од Каравангелис и станал шеф на неговите телохранители (со дозвола на турските власти да ги гони комитите).

Сите 25-мина пристигнуваат на 26 јуни во Лехово, родното место на Зисис Димулиос, десетар на Вангелис, кој исто така има турска дозвола да држи вооружени луѓе во своето село. На 29 јуни, во предвечерјето на Светите Апостоли, во Лехово доаѓа Каравангелис за да одржи литургија, во придружба на воен одред од триесет Туркоалбанци. На чело на одредот е баш-чаушот (постар водник) Рустем Бег од Лесковики (кој завршил гимназија во Атина), а негов помошник е чаушот (водник) Сафхат (кој имал служено како џандар на Крит).

Туркоралбанци-војници, гркомани, Арнатури и криќани-платеници, се обединуваат под наредбите на Каравангелис. Како што пишува самиот во своите мемоари: вечерта на Светите апостоли имавме голема забава со печено месо и со многу вино. Момците од придружбата се опијанија и сите почнаа да се бакнуваат.