КАРЛ МАРКС
Карл Маркс е германски интелектуалец, основач на т.н. марксистичка теорија за општеството наречена историски материјализам. За него општеството е арена на конфликти во која предност имаат оние кои се веќе привилегирани. Историјата на општеството за него е постојана борба за општествени придобивки помеѓу доминантната група (експлоататорите) и експлоатираните групи во општеството. Според него, во сите општества каде постоеле две доминантни класи, постоела и диспропорција на моќта. Во древна Грција и Рим, основната борба била меѓу слободните луѓе и робовите. Во средновековните држави, доминантни групи биле благородништвото, свештенството и земјопоседниците наспроти кметовите и селаните. Во негово време борбата се водела меѓу буржоазијата и пролетаријатот. Маркс утврдил дека корените на моќта на владејачките групи во секоја од овие историски епохи лежат претежно во сопственоста над средствата за призводството. Значи, какви односи ќе има општеството зависи од начинот на производство. Од овие причини, во неговото учење примарно место заземаат социо-економските односи. Маркс тврдел дека досега секој општествен поредок, секој економски систем, развива во себе внатрешни спротивности. Тие, пак, еден момент стануваат толку силни што не можат да се контролираат од постојниот поредок. Кога ќе се случи ова, постоечкиот поредок се заменува со друг.