КРАТКИ ВОЕНО-ТЕХНИЧКИ ПОДГОТОВКИ
Веднаш по потпишувањето на Лондонскиот мир, започнале подготовките за Втората балканска војна. Моралните подготовки биле први, со оглед на тоа дека било неочекувано довчерашните сојузници да војуваат меѓу себе. Освен тоа, војските веќе биле исцрпени, психолошки оптоварени, гладни и недоволно облечени и, згора на тоа, се појавила и колерата со смртност од 90 проценти. Најголемиот дел од војските ја чувствувале оваа војна како авантуристичка и завојувачка, а Македонците во сите три војски биле свесни дека биле измамени, дека војната, всушност, се водела за распарчување на нивната територија и за нова окупација.
Покажаниот хероизам против Турците кај Македонците, се претворил во омраза кон Бугарите, кон Србите и кон Грците. Поради тоа, моралната состојба во ниту една армија не била добра. Дезертерствата добивале масовен карактер, а бунтовите станале секојдневна појава. Во многу места биле организирани демонстрации на жените, што го зголемувало психолошкиот ефект.
Материјално-техничките подготовки поради краткиот период од 17 мај кога е потпишан Лондонскиот мир, па до 17 јуни, кога почнала Втората балканска војна не можеле целосно да се спроведат. Поради тоа, главниот товар во снабдувањето го носело веќе крајно осиромашеното македонско селско стопанство. Недостигот на работна сила за копање ровови, утврдување и други потреби бил пополнуван од месното селско население. Воениот потенцијал во жива сила, со луѓе и со крупен добиток, главно бил пополнуван од новоослободените места. Со оглед на тоа дека војната се водела речиси во целост на територијата на Македонија, македонското население и селското стопанство повторно биле максимално ангажирани од секој аспект на војната. Завојуваните страни за меѓусојузничката војна, покрај постојните ангажирале и нови сили.
Во Бугарија, покрај веќе ангажираното македонско население кое во Првата балканска војна се борело во состав на бугарската војска, непосредно пред Втората балканска војна во новоослободените земји, односно во Македонија, била извршена мобилизација на младинците од 20 до 26-годишна возраст, од кои биле формирани Серската, Драмската и Одринската бригада. Најголемиот број од овие војници тргнале во војна без дотогаш да видат пушка. Бројната состојба на новомобилизираните младинци изнесувала 40.000 души. Од нив биле формирани 12. и 13. пешадиска дивизија и една самостојна бригада. Во секој новоформиран полк имало по еден баталјон искусни борци од Првата балканска војна.
Србија ангажирала 10 пешадиски и една коњаничка дивизија со вкупно 350.000 луѓе. Црна Гора во состав на српската војска испратила една дивизија со 12.000 војници, а Грција располагала со 11 пешадиски дивизии и со една коњаничка бригада со вкупно 230.000 души. На фронтот од Дунав до Егејското Море во должина од 500 километри биле распоредени на бугарската страна 13 дивизии, 296 баталјони, 186 батерии, 1.228 орудија, 48 ескадрони, вкупно 500.000 луѓе. Во составот на противничките војски (српската, грчката и црногорската) имало: 23 дивизии, 287 баталјони, 119 батерии, 774 орудија, 43 ескадрони со вкупно 530.000 луѓе. Нешто подоцна во војната против Бугарија се вклучиле: Романија со армија од 500.000 души и Турција со армија од 250.000 души. Со нив сојузничките сили имале 1.330.000 луѓе, односно во секој воен аспект односот бил 1:3 за сојузниците.