Конечно прекин на воените дејства

На 30 јули 1913 година почнува мировната конференција во Букурешт на која присуствувале претставнци на завојуваните земји и на шест големи сили.-Поделбата на Македонија - најтежок проблем на конференцијата

Во меѓувреме и турската војска ја поминала бугарската граница. Царот Фердинанд не сакал директни преговори со Србија и со Грција, чекал помош од големите сили, а во Софија состојбата станувала си’ потешка, дури хаотична. Во таква состојба, царот Фрањо Јосиф го известил царот Фердинанд дека Австро-Унгарија нема да дозволи иднината на Бугарија да зависи од воената среќа, а неговата Влада предложила колективен демарш од големите сили до Белград и Атина за завршување на војната.

Во исто време, Австро-Унгарија барала големите сили да извршат поделба на територијата на Македонија меѓу балканските земји и да ги присилат таа поделба да ја прифатат. Англија го прифатила овој предлог под два услова: да се воспостави заедничка граница меѓу Србија и Грција, и Бугарија да добие излез на Егејското Море. Германија сметала дека е најдобро претставниците на завојуваните страни да се состанат во Букурешт и во присуство на претставници на големите сили да склучат мир. Русија ги прифатила предлозите и веднаш барала од бугарската Влада да испрати свој претставник во Ниш, кој ќе се сретне со Пашиќ и со Венизелос и да го потпише прелиминарниот договор. Бугарската влада го прифатила овој предлог и на 20 јули 1913 година ги испратила во Ниш генералот Паприков и д-р Иванчев, а со нив допатувал и рускиот воен аташе во Софија, полковник Романовски.

Меѓутоа, Србија и Грција не сакале да ги прекинуваат непријателствата додека Бугарија не потпише мир, а не прелиминарно примирје. Потоа, Бугарија морала да даде гаранции дека нема да ги повторува воените дејства, а на Романија и’ ја отстапила бараната територија, со што романските воени цели биле исполнети, па дури тогаш претседателот на романската влада Титу Мајореску, ги замолил Пашиќ и Венизелос да ги прекинат воените дејства и да дојдат на преговори во Букурешт.