МАКЕДОНСКО-ОДРИНСКИ КОРПУС

Генералот Фичев, со наредба од 26 септември 1912 година сите партизански чети и одреди формациски ги вклучил во составот на Македонско-одринското ополчение. Со тоа македонските партизански одреди и чети станале дел од бугарската армија и ја примиле нејзината организациона структура - одделенија, водови, чети. Со истата наредба, Штабот на партизанските одреди бил преименуван во Штаб на ополченските дружини, односно во Штаб на доброволни баталјони. За главен командант на Штабот е поставен генерал-мајор Никола Генев. Негов помошник е потполковник Александар Протогеров, а мајорот Петар Дрвингов е поставен за началник на Штабот. До 26 септември во 1912 година, Штабот на доброволните баталјони располагал со 6.500 доброволци и само со шест офицери.

Формацијата на доброволните баталјони ја изработил Дрвингов. Бројната состојба на баталјонот требало да изнесува 1.079 лица. Во еден баталјон имало четири чети од по 215 души, една неборбена чета и органи за опслужување. Борбените чети се состоеле од четири вода по 49 души и органи за опслужување. Водот се состоел од шест одделенија со по осум души. До крајот на септември во 1912 година, од македонската емиграција биле формирани пет баталјони: Дебарски, Скопски, Битолски, Охридски и Солунски. Од вкупниот број на формираните чети во Бугарија при крајот на септември во 1912 година, во Македонија биле префрлени 52 партизански чети, од кои 17 во Битолскиот округ, осум во Скопскиот итн. Во текот на октомври во 1912 година биле формирани уште пет доброволни баталјони: Кумановски, Костурски, Велешки, Прилепски и Серски.

Во почетокот на ноември 1912 година биле создадени три бригади и штабови на бригадите. Во секоја бригада влегувале по четири баталјони. За команданти на бригадите биле поставени: на првата бригада потполковник Стефан Николов, на втората потполковник Антон Пчеларов и на третата бригада потполковник Александар Протогеров. Во целост, Македонско-одринското ополчение се состоело од штаб, од три бригади од по четири баталјони, музика, воена болница, интендантска чета, огненострелачки парк, снабдувачки транспорт и инженерско-технички дел.