Балканските војни во 1912 и во 1913 година претставуваат трагичен исход на ослободителната борба што македонскиот народ ја започна со бројни буни и востанија во втората половина на XIX и во почетокот на XX век. Илинденското востание од 1903 година претставуваше врв на прогресот на националниот дух на македонскиот народ и највисока точка до која се воздигна свеста на македонскиот народ за својата национална посебност. Задушувањето на востанието, палежите, колежите и максималната бесчувствителност на османлиската војска и на башибозукот, како и отсуство на поддршка и помош од соседните земји и од големите сили биле причина македонскиот народ жестоко да се замолчи и да ја загуби надежта дека кога било ќе се ослободи. Тоа претставувало уште поголема загуба од самиот пораз на бојното поле.

Покрај тоа, македонскиот народ ја загубил вербата и во сопствените политички организации, во своите предводници кои пред Балканските војни биле во постојани расправии и жестоки судири, па му спласнале и желбите и силите да се брани од туѓите пропаганди. Така разочаран и под влијание на соседните пропаганди македонскиот народ почнал да верува дека до негово ослободување може да дојде само со помош од Бугарија, од Србија и од Грција, и тоа во една заедничка војна. Најголемите надежи на македонскиот народ биле свртени кон Бугарија. Егзархиската црква, а потоа Врховниот македонски комитет (ВМК), односно врховистите во текот на Илинденското востание успешно ја извршиле таа задача, па македонскиот народ најмногу верувал и очекувал од Софија. Поради тоа бугарската пропаганда наоѓала плодна почва и многу длабоко ја всадувала бугарштината кај македонскиот народ. Непосредно пред Балканските војни во свеста на Македонците главно била присутна бугарската доминација.