МЕМОРАНДУМ ЗА МАКЕДОНИЈА, ОД ПОЛИТИЧКО ИСТРАЖУВАЧКИОТ ОДДЕЛ НА ФОРИН ОФИС

МЕМОРАНДУМ ЗА МАКЕДОНИЈА, ОД ПОЛИТИЧКО ИСТРАЖУВАЧКИОТ ОДДЕЛ НА ФОРИН ОФИС

ТАЈНО Секција 6. (16652) 26 август 1944.

R 1009/1009/67

МАКЕДОНИЈА [Со мапа]

КРАТОК ПРЕГЛЕД

1. Географија.- Македонија е воглавно планинска земја со ретки површини на плодна земја, со зелени висорамнини и големи минерални резерви. Низ нејзината територија поминуваат два историски главни пата, еден од Дунав до Солун и друг од албанскиот брег преку Солун за Цариград. Солун е нејзината природна метропола. (пара/граф/1-3).

2. Население.- Населението од грчка и бугарска Македонија од 1938. стана грчко и бугарско по национално чувство. "Македонското прашање" оттогаш е ограничено само на југословенска Македонија. Населението на Македонија, како целина, со векови е измешано. Објавените статистики не се сигурни. Состојбата во 1938. беше како што следи: (а) Грците се скоро ограничени на грчка Македонија каде од 1922. тие формираат надмоќно мнозинство. (б) Поголемиот дел од Словените кои не можат потполно да се идентификуваат било како Срби или Бугари се во југословенска Македонија. Овде тие станаа помалку Бугарофили отколку што беа. (ц) Албанците се застапени во западниот дел. (д) Турците претставуваат прилагодливо малцинство во југословенска Македонија. (е) Евреите се воглавно концентрирани во Солун. (ф) Власите водат селски живот на запад и ги има во некои градови. (пара/граф/4-11). Направен е обид да се пресмета бројот на овие елементи (пара/граф/12).

3. Историја.- Средновековна Македонија била населена од неколку племиња и управувана од многу различни владетели. Од 1372. до 1912. политички таа била под контрола на султанот; христијаните беа под цивилна јурисдикција на Грчката цариградска патријаршија (по 1453). Современото македонско прашање се појави со формирањето на Бугарската егзархија и натпреварувањето на Бугарите, Грците и Србите за придобивање на населението (пара/граф/13-15). Во 1878. Русија се обиде да и ја даде скоро цела Македонија на Бугарската држава која беше во фаза на формирање; но договорот од Берлин и ја врати Македонија на Турција. Од 1800. датираат две револуционерни движења: едно, чија цел беше инкорпорирање на Македонија кон Бугарија и второ, чија цел беше добивање автономија. Српско-Бугарскиот договор од 1912. и го осигура поголемиот дел од Македонија на Бугарија. Немаше грчко-бугарска распределба на територии. Во 1912. балканските држави ја нападнаа Турција, а во 1913. Бугарите се бореа против Србите и Грците. Со наметнатиот договор на Бугарија, Србија го доби поголемиот дел од северна Македонија, јужна и источна Македонија и припадна на Грција и само мал и планински дел на Бугарија. Во 1915. Бугарија, приклучувајќи и се на централните сили ја доби цела Србија и источниот дел од грчка Македонија. Во 1919. тоа и беше вратено и Бугарија тогаш ја изгуби Струмица која и припадна на Југославија (пара/граф/ 16-22). Набрзо потоа Грција се ослободи од поголемиот дел од нејзините Словени со размена на населението со Бугарија, при што грчките бегалци од Азија ја комплетираа еленизацијата на грчка Македонија. Југословените полагаа право дека нејзините македонски Словени се навистина Срби и би можеле брзо да се едуцираат за да се чувствуваат така. Македонските револуционери со помош на Бугарија жестоко се спротивставија со што југословенско-бугарските односи беа многу затегнати се до 1934. кога беше направено приближување меѓу двете земји. Во 1941. Бугарија ја доби цела Македонија, освен дел од југозапад, некои области од северо-запад и Солун. Бугарските суровости ја дееленизираа источна Македонија и не се покажа разбирање за автономистичките аспирации во Југословенска Македонија (пара/граф/23-38).

4. Економски и социјални фактори.- Македонските комуникации се лоши. Постојат неколку железнички пруги и сите водат од Солун (пара/граф/ 29). (а) Во југословенска Македонија земјоделството е примитивно; има малку индустрија; одгледувањето стока и обработувањето тутун и афион се главните производи за трговија. Политичките аспирации пред 1941 беа воглавно за автономија или комунизам (често погрешно дефиниран) или и за двете (пара/граф/ 30-31). (6) Општите работи со населувањето на 600.000 бегалци во грчка Македонија и предузимливоста на бегалците ја направија оваа област на Грција главна житница и економски ја унапредија областа на повеќе начини. Политичкото чувство на поголемиот дел од населението изгледа дека е потполно грчко, со малку комунизам во индустрисксите центри (пара/граф/ 32-33). (ц) Бугарска Македонија е сиромашна и планинска област која изгледа станала интегрален дел на Бугарија (пара/граф/ 34).

5. Конфликтни интереси.- (а) Вардарската долина го осигурува патот од Србија кон морето. Србите сметаат дека излезот на слободна зона во Солун не ги задоволува нивните аспирации и тежнеат за поседување на Солун и од економски и од стратегиски причини. Српските аспирации кон Македонија на етничка или историска подлога, со исклучок на северо-запад се неосновани, но жестоко се поддржувани (пара/граф/ 35-39). (б) Сегашниот предоминантен грчки карактер на населението на грчка Македонија и чувството на бегалците таму и даваат на Грција основни етнички аспирации на оваа територија. Областа е исто така од голем економски интерес за Грција, иако Солун загуби со одделувањето на некои делови од неговата внатрешност. Грчките стратегиски интереси лежат во обезбедувањето на одбраната на границите и спречување на доминацијата на Балканот од словенска сила (пара/граф/ 39-41). (ц) Бугарскиот интерес кон Македонија е пред се етнички. Бугарија има интерес за стекнување на економски и стратегиски излез на Егејот од западна Бугарија преку Македонија. Но Грција, веројатно подржана од Турција, ќе одбие секаков предлог за отстапки на било кој дел од нејзиниот брег на Бугарија (пара/граф/ 42-44). (д) Албанија има етнички аспирации на дел од западна Македонија; но само мал планински дел е на нејзина страна (пара/граф/ 45). Револуционерните движења во денешна Македонија може да ја променат политичката ситуација. Нивната сила се уште е непозната и делумно ќе зависи од политиката на големите сили (пара/граф/ 46).

6. Можни солуции.- (1) Обединета и независна Македонија. Ова се чини е застарено откако јужната област сега конечно е Грција, а не Македонија. (2) (а) Обединета и автономна Македонија во Балканска федерација. Ова исто така ќе наиде на истата пречка, настрана од неверојатноста од таква федерација. (б) Автономна негрчка Македонија во јужнословенска федерација. Тоа можеби би бил најдобриот начин да се стави крај на српско-бугарскиот антагонизам и веројатно би имал најголема поддршка во Југославија, Бугарија и СССР; и покрај тоа што тоа би го зголемило грчкиот страв. (ц) Истото во Балканска федерација. Кога би се формирала таква федерација, овој предлог, би ги имал одликите на (б) едновремено со економските и реобединувањето на Солун со целата негова внатрешност. (III) Отстапување на дел од југословенска Македонија на Бугарија и размена на населението. За ова постојата многу големи пречки. (IV) Такво отстапување и размена може да се реализира во рамките на јужнословенска федерација вклучувајќи ги Југославија и Бугарија. (V) Елиминирање на македонското прашање преку контрола на Балканскиот Полуостров од надворешна сила на пример СССР. Тоа би предизвикало многу несигурности на Балканот и на други места. (VI) Реставрација на status quo-to од 1940. Можно смирување со меѓународна контрола на пристаништата и главните комуникации на Македонија но не донесувајќи конечна солуција. Но новите фактори можат да предизвикаат непредвидливи солуции (пара/граф/ 47-53).

МАКЕДОНИЈА

Географија

1. Македонија ги вклучува следните области кои ги наводнуваат реките и притоките: Вардар и Вистрица14 на запад и Места и Струма на исток. Нејзините приближни граници се Родопските планини и планината Рила северо-источно и северно од Скопје Шар Планина, на југ се протега кон езерото Охрид и Преспа и венецот на Пинд, планината Камвуниа, планината Олимп и Егејското Море.

2. Македонија е предимно планинска; единствените плодни рамнини се наоѓаат во низинските делови на главните реки. Исто така има помали облагородени рамнини во соседството на Тетово, Скопје и Битола. Има големи зелени висорамнини погодни за пасишта. Се верува дека минералните ресорси се големи; железо, олово, магнезит и манган се пронајдени во многу делови, а пред се се претпоставува дека резервите за хром се големи. Посебно треба да се нагласат две работи: (а) Областа лежи во центарот на Балканскиот Полуостров. Низ нејзината територија, сечејќи го Вардар, поминуваат два од главните пата преку Полуостровот - северо-јужната рута од Дунав до Морава и продолжува до Вардар и до Егејот и западно-источната рута од албанскиот брег покрај северниот брег од Егејот до Цариград. (6) Сите македонски патишта водат кон Солунскиот залив. Ова е целосна вистина за западна и јужна Македонија каде планините ги блокираат сите други патишта и дури северо-источна Македонија тежнее да обезбеди трговија преку Солун што се должи на недостигот од пристаништа во непосредна близина на брегот.

Население

4. Во однос на Македонија треба да се спомене една сегашна карактеристика. Од 1938. се чини дека е воспоставен национален грчки карактер на населението на грчка Македонија (види пара/граф/ 6, 23, 39, 47) и исто така бугарски карактер на бугарска Македонија (види пара/граф/ 34). Прашањето за македонската автономија, оттогаш, се однесува само на југословенска Македонија; иако тоа е комлицирано со присуство на словенското население во границите на западна грчка Македонија и проблемот за морскиот пристап кон Солун.

5. Населението со векови е мешавина на раси кои зборуваат различни јазици. Оттука кулинарската импресија une macedoine, за мешавина од различни делови. Никогаш не постоела веродостојна лингвистичка или расна статистика за Македонија. Тоа се должи пред се на неписменоста на многу од населението и на незапирливоста на националното непријателство што било причина властите да ги прилагодуваат бројките спрема нивната сопствена желба и селаните да се идентификуваат себеси таму каде што се чувствуваат сигурни. Очигледно во многу случаи самите селани не знаат што се.

6. Главно шест народи ја населуваат Македонија. Имајќи ја во предвид нивната, веројатна, бројчана големина во 1938. тие се: Грци, Словени, Албанци, Турци, Евреи и Власи. (а) Грците од југословенска и бугарска Македонија, кои до 1912, сочинуваа голем дел од градското население, до 1938. станаа бројчано безначајни. Од друга страна голем дел од егејскиот брег беше грчки-населуван континуирано уште пред христијанската ера. Грчките елементи во Македонија се зголемија меѓу 1919. и 1928. со околу 600.000 бегалци од Мала Азија и Источна Тракија. До 1938. предоминантното мнозинство во грчка Македонија го сочинуваа Грците по религија православни и национално свесни, вклучувајќи и бегалци, во помал број, кои зборуваа турски но беа православни и со грчко чувство.

7. (6) Словените во 1938. формираа големо мнозинство во Југославија и бугарска Македонија и мали остатоци во грчка Македонија. Пред 1870. тие беа само дел од сиромашно христијанско население кое зборувало словенски од кои поголемиот дел беа православни; исто така имаше и муслиманско малцинство кое зборуваше турски. Во 1870. беше формирана Бугарската егзархија и тоа создаде шизма меѓу нејзините приврзаници и оние на грчката патријаршија (види параграф 15). До 1912. поголемиот дел од властите изразуваа спремност овие Македонци кои зборуваат словенски и се припадници на Егзархијата да бидат асимилирани пo чувство кон Бугарија; иако на север беа оние чие чувство беше српско.а насекаде постоеја некои кои отворено се изјаснуваа само за Македонци. Дваесет и три години од југословенско (српското) управување ја намали врската со Бугарија но политичкото чувство на македонските Словени беше прикриено.

8. (ц) Албанците, иако се наоѓаат по на исток се воглавно концентрирани по западната граница на Македонија. Поголемиот дел од овие Албанци се мохамеданци, иако извесен број на север се католици, а некои од нив во грчка Македонија се православни.

9. (д) Турците од Македонија се патетични остатоци на некогашната доминантна класа. Турците изчезнаа од грчка Македонија со размената на населението меѓу Грција и Турција. Исто така поголем дел ја напушти југословенска Македонија но во 1938. се уште имаше турски елементи кои живееја по течението на реката Вардар и во градовите. Се чини дека тие се без национални амбиции и се предаваат на нивните подредени услови.

10. (е) Евреите од Македонија во 1938. беа скоро сите концентрирани во Солун. Во југословенска Македонија имаше неколку илјади Евреи во градовите.

11. (ф) Власите или Куцо-Власите се остатоци од некогашните романизирани Трачани или Илири. По религија тие се православни. Тие водат сточарски живот во планините на западна Македонија и во Грција и во Југославија и се посебен затворен свет. Исто така има влашки елементи во градовите но тие се на пат да исчезнат од асимилацијата на нивните градски соседи.

12. Проценката на различните раси во Македонија во 1912., според Прирачникот на Форин офис Бр. 19 Македонија од 1920., е како што следува:- Словени 1,500.000 Турци 400.000 Грци 300.000 Власи 200.000 Албанци 120.000 Евреи 100.000 Големите промени во грчка Македонија се случија потоа. Она што следува е обид да се процени бројот на овие расни елементи за 1938., имајќи ги предвид забелешките во параграф 5 (лингвистичките бројки според последниот попис се дадени во загради).

ТАБЕЛА

Грчка Македонија (1) Југословенска Македонија (2) Бугарска Македонија Вкупно

Грци 1,250,000 (1928:1250,000) 10,000

1,260,000

Словени 120,000 (1928: 82,000) 750,000 (1921: 553,000) 220,000 1,090,000

Албанци 40,000 (1928: 2,000) 130,000 (1921: 124,500)

170,000

Турци

100,000 (1921: 116,000)

100,000

Евреи 70,000 (1928: 60,500) 7,000 (1921: 5,000)

77,000

Власи 45,000 (1928: 20,000) 50,000 (1921:7,800)

95,000

Вкупно 1.525.000 1.047.000 220.000 2.792.000

Поспедниот попис 1928:1,411769 1931: 950.435 1934:207.065

(1)Грчките пописни бројки за 1928. изгледа дека го преценуваат бројот на Грците и ги потценуваат другите елементи. (2) Последниот југословенски лингвистички попис кој дава податоци е оној од 1921. Се чини дека се потценети албанскиот и влашкиот елемент. Од 1921. словенскиот елемент е зајакнат со емиграција; а турскиот и албанскиот елемент ослабнат со емиграција.

Историја

13. Македонија била еленизирана околу деветтиот век пр. н.е. од грчки колонисти, и од внатрешноста и од грчките градови-држави околу јужниот Егеј. Во четвртиот век пр. н. е. Филип и Александар Велики, кралеви на Македонија, ги ставија под своја управа грчките градови-држави на македонскиот брег и на јужна Грција. Оваа проширена Македонија стана римска провинција во вториот век пр. н. е. При крајот на четвртиот век од н.е. таа беше вклучена во источната т.е. византиската половина од империјата. Оттогаш цела Македонија зборува грчки, освен северниот дел во близината на Скопје кој зборува латински. Новиот елемент пристигна во шестиот век со словенските освојувачи кои во голема мера го истиснаа населението кое зборуваше грчки и латински од внатрешноста и се распространија на брегот на устието на Вардар. Во текот на десеттиот век бугарскиот цар (словенизиран Турчин)15 ја прошири својата доминација преку цела Македонија, освен брегот и формира бугарска патријаршија во Охрид16. Во 1019. императорот Василиј II ја загуши бугарската моќ и Македонија остана византиска провинција до 1186. От тогаш до 1372. Македонија беше предмет на несогласувања меѓу Византија, Бугарија и Латините и на крајот беше инкорпорирана во краткотрајната српска империја на Стефан Душан чиј главен град беше Скопје. Во 1372. на сцената стапија Османлиите и во 1430. со заземањето на Солун, кој беше грчки за целиот период на словенската управа на крајбрежниот појас, тие го завршија Турското поробување на Македонија.

14. Повеќе од пет векови Македонија беше дел од Отоманската империја. Од 1453. па натаму нејзиното православно население од сите националности беше колективно класифицирано како "народи на Румелија" и сите беа подведени (сепак не сите) под црковна јурисдикција на екуменскиот патријарх од Цариград. Отоманското ропство ја збогати Македонија со два нови додатоци: воените муслимански турски колонисти од Анадолија и еврејските бегалци кои зборуваа турски, протерани од Кастиља на кои Отоманската влада им даде нови домови во Солун.

15. Со настапувањето на западната идеологија на национализмот во деветнаесеттиот век народите во Македонија се раздвижија. Селаните сакаа да се ослободат од некомпетентноста и злоупотребите од последните остатоци на отоманскиот режим, Христијаните сакаа да се одслободат од муслиманската доминација, негрчкото население да избега од уцените на грчкото свештенство, кои од 1767. станаа нивни црковни како и цивилни старешини. Современата форма на македонското прашање беше последица на формирањето на Бугарската егзархија во 1870. Отоманската влада, под дипломатски притисок на Русија, го одобри формирањето на автокефална бугарска црква со скоро сите територии кои од 1885. беа вклучени во Бугарија со придодавање на Ниш и осигурувајќи си дека и други области можат да бидат анектирани кон Егзархијата ако две третини од нејзините жители изразат желба. Грчкиот патријарх од Цариград се спротивстави на оваа иновација и на крајот го екскомуницира егзархиско свештенство како шизматичко. Потоа следуваше 40 годишна војна на нож меѓу патријаршистите и егзархистите во поголемиот дел на Македонија. Грците и Бугарите употребуваа свештеници, учители и вооружени банди на "комити" (збор произлезен од комитетите кои ги организирале) во борба за формирање на нивни етнички аспирации, очекувајќи го колапсот на Европска Турција. Омразата кон Турската управа стана помала отколку омразата кон христијанските соседи.

16. Неуспешниот мировен договор од Сан Стефано (3 март 1878.) наметнат од Русија на Турција обезбедуваше формирање на Бугарско кнежество во кое требаше да влезат делови од денешна Албанија и Србија и цела Македонија, освен долината на Бистрица, Солун и полуостровот Халкидик. Меѓутоа, во Берлин силите вознемирени од руската политика, драстично го променија односот од Сан Стефано и го потврдија турското поседување на цела Македонија, каде продолжи анархијата под Турците во наредните 34 и повеќе години. Бугарите не можеа да заборават дека во Сан Стефано на нивната држава и беа ветени територии кои би ја направиле доминантна на Балканот, со што би ги анулирале грчките амбиции во Македонија.

17. По 1878. Бугарите привлекоа македонски Словени и успеаја да добијат неколку бискупии за нивната Егзархија. Кон крајот на векот и Србите се приклучија кон борбата и дури оддалечената Романија ги помагаше Куцо-Власите. Во оваа борба на сите против сите, Отоманската империја можеше да се потпре само на лојалноста на три елементи: Албанците (освен кога тие беа огорчени од намерата да бидат управувани), Турците и Евреите. Тие го возобновија пазарењето на една раса на сметка на друга и освен Русите другите големи сили не се интересираа за тоа.

18. Во 1895. во Софија од македонските бегалци (кои беа многубројни во Бугарија и формираа близу половина од населението на градот ) се формира "Врховен комитет" кој бараше анексија на Македонија кон Бугарија. Во 189618. беше формирана Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО), чија цел беше автономија на Македонија и чии лидери, иако Словени, со години се обидуваа да одржат пријателски односи со сите нацоналности, дури и со Турците, во Македонија. И покрај збунувачките промени во овие две организации во последните 40 години, овој раскол стана постојан. Врховистите го застапуваа бугарскиот национализам, ВМРО се до неколку години по 1919. се застапуваше за автономија на Македонија и некои членови од ор-ганизацијата никогаш не се откажаа од тоа додека други преминаа на страната на "врховистите" (види долу параграф 25).

19. Обидите на силите да постигнат мир со меѓународна контрола на финансиите и на жандармеријата стори малку за да ги спречи внатрешните расни борби. Големите надежи полагани во Младотурската револуција (1908), која промовираше слобода и еднаквост на сите раси и религии во Турција набрзо предизвика разочарување. Борбата на националностите беше обновена. Но во 1912. балканските држави, за прв пат, одлучија самите да го решат македонското прашање. Резултатот беше Балкански сојуз од 1912. и војната што следуваше.

20. Привремениот српско-бугарски договор од 13 март 1912. ако не ги покажа искрените аспирациите на двете држави, во секој случај ја покажа нивната спротивставеност. Од турската територија која имаше намара да ја анектира, Србија и го призна на Бугарија правото источно од Родопските планини и Струма; додека Бугарија и го призна правото на Србија северно и западно од Шар Планина. И во врска со главниот дел од Македонија линијата беше повлечена. Србија немаше аспирации југоисточно од таа линија. Бугарија во внимателен договор ја прифати линијата со тоа што и двете се согласија да реши за нив арбитражата на рускиот цар. Така Србија се задоволи себеси со пристојниот дел од северна Македонија вклучувајќи го и Скопје; додека Бугарија, требаше да го добие остатокот од Македонија и стекна право да протестира за линијата која ги дели. Изјавата за правото на Србија на запад од Шар Планина покажа дека таа има намера да ја анектира територијата населена со Албанци преку која таа се надеваше да излезе на море. Во сличниот грчко-бугарски договор од 29 мај 1912. не беа направени никакви договори. Не е познато дека бил склучен српско-грчки договор. Бугарија беше лидер и стожер на Сојузот.

21. Во Првата балканска војна (1912-13) бугарските трупи беа воглавно насочени источно и поради тоа окупираа малку од Македонија но речиси цела Тракија; додека Србија ја прегази долината на Вардар и северна Албанија, а Грците ја окупираа јужна Македонија се до, и повеќе од посакуваното солунско пристаниште. Меѓутоа, големите сили се согласија да се формира албанска држава, на што како последица Србија беше исфрлена од албанскиот брег. Само што беше склучен мирот со Турција (30 мај 1913) започна расколот меѓу балканските сојузници. Србија докажуваше дека исфрлена од северна Албанија, која таа се надеваше да ја добие, мора да има поголем дел од Македонија. Бугарија застана против Србија во заштита на нејзиниот дел од договорот, потенцирајќи дека Грција добила многу повеќе од пленот отколку што тоа го покажува нејзината војничка јачина. Србија и Грција, поседувајќи ја Македонија, склучија договор за меѓусебна помош; не беше направена никаква молба до царот за арбитража; сојузниците се подготвуваа да се борат меѓусебно. Бугарите ги нападнаа Србите и Грците, но беа отфрлени и, исто така, мораа да ја издржат турската и романската инвазија во нивната позадина. Со Букурешкиот договор (10 август 1913) Македонија беше поделена по должината на линијата на сегашната окупација (види ги границите обележани со зелено на картата)19. Србите ја добија скоро целата Вардарска котлина заедно со Охрид и ветување од Грција за економски излез на море, на Солун. Грција ја доби цела јужна Македонија, Солун и егејскиот крајбрежен дел, се до над Места. Од Македонија, Бугарија доби само мала и планинска област опфаќајќи ги речните котлини на Струмица, средна Струма и горна Места. Огорчени од неуспехот на сите нивни планови, Бугарите чекаа погодна прилика да ја променат одлуката од 1913. Исто така и нивните македонски соработници беа огорчени. Автономистите, со поделбата на нивната земја увидоа дека нивните надежи се уништени. "Врховистите" ја видоа Македонија одделена од "мајката земја" Бугарија.

22. Повторна прилика на Бугарија и се укажа во 1915. кога таа им се придружи на централните империи и беше наградена со окупирање на цела Македонија и источниот дел од грчка Македонија. Државата беше бугаризирана. Бугарски свештеници и учители беа донесени и словенското население мораше да ги промени презимињата од иќ во ов. Во 1919. сето тоа беше уште еднаш променето. Србите и Грците повторно се вратија, ов му отстапи место на иќ и Бугарија мораше да и ја отстапи струмичката долина на Србија (сега Југославија).

23. По 1918. Грција и Југославија водеа различна политика спрема македонските немири кои скоро секогаш беа дело на Словените. Грција, со договорот во Неј (1919), договори размена на населението со Бугарија, на тој начин, обезбедувајќи преместување на сите, освен на неколку илјади, Словени од источна Македонија. Словените од западна Македонија таа ги остави во нивните села обезбедувајќи ги нив со грчки школи. Огромното навлегување на грчки бегалци од Мала Азија брзо ја комплетираа еленизацијата на грчка Македонија.

24. Но Србија тврдеше дека нејзините македонски Словени се Срби на кои им се потребни неколку години "воспитување" за да бидат свесно благодарни за тој факт. Искуството од југословенската влада, меѓутоа предизвика Македонците жестоко да се жалат до Лигата на народите и пошироко во светот. Тие изјавуваа дека управата е неспособна, корумпирана и брутална, средствата за комуникација жалосни како никогаш дотогаш. Државниот тутунски монопол беше угнетувачки за одгледувачите, владините служби затворени за школуваните Македонци. Владата, неверувајќи им на Македонците, во 1920. им испрати службеници, доктори, правници од Србија, исто така ја примени аграрната реформа во корист на колонистите од Србија. Бидејќи платите на службениците беа мали, условите за живот примитивни, а шансите за унапредување зависеа од партиските интриги, најнепожелните лица во српските граѓански служби беа испраќани во Македонија.

25. Природниот ефект од ова "воспитување" е тоа што се предизвика силен отпор на ВМРО (види пара/граф/ 18) при што Југославија беше "непријател бр. 1.". Делумно од сожалување кон ВМРО, делумно од неспособност во скоро демилитаризирани услови да ја контролира ВМРО, Бугарија и даде на организацијата одврзани раце да оперира во и надвор од областа Петрич. Во самата ВМРО во оптек беа две тенденции. Едно крило, предводено од Иван Михајлов, очигледно соработуваше со бугарските шовинсти. За возврат на таа помош тие делуваа како терористи на бугарската политичка полиција и ги отстрануваа видните луѓе кои се залагаа за либерална политика или покажуваа знаци на добра волја спрема Југославија. Другото, предводено од Тодор Александров, се залагаше за македонска независност со акција. Во 1924 трето движење беше формирано од страна на Влахов, Македонец во врска со Советската влада, со кое извесно време беше близок Александров, кое работеше за автономија на Македонија во рамките на Балканската федерација и во Виена излегуваше периодичното списание Балканска федерација кое ја пропагираше таа програма. Ниту автономијата, ниту советското влијание им одговраа на бугарските националисти. Од тие причини Александров беше убиен во 1925. Генерал Протогеров, кој политички го наследи и кој фактички ја уживаше поддршката на големиот дел Македонци во јужна Југославија, исто така беше убиен во 1928. Историјата на ВМРО што следуваше претставува очајнички отпор кон југословенскиот режим и крвава внатрешна борба. Во време на Михајлов, кој одржуваше врски со Павелиќ и хрватските терористи и се зборуваше дека бил финансиран од Италија, нападите на ВМРО во Југославија беа толку жестоки што југословенската влада мораше да изгради систем од бодликава жица и безброј бараки по должината на бугарската граница и дури ги ангажира локалните селани да ги одбиваат нивните "ослободители" се додека на крајот тие не ја победија организацијата.

26. Ситуацијата претставуваше еден маѓепсан круг. Југословенската влада истакна дека тие не можат да дозволат поголема слобода на Македонија додека е присутна опасноста од ВМРО. Бугарската влада одговори дека нивното јавно мислење нама да им дозволи да ја забранат ВМРО додека Македонија стенка под тиранија. Кралот Александар, по 1929, се обиде да го реши проблемот. Многу југословенски службеници беа сменети, а други од кои поголемиот број од некогашните австроунгарски земји беа донесени, платите беа зголемени, месното македонско свештенство доби парохии, крајот на партиските политики на некој начин ја подобри атмосферата. Здравствената служба направи чекори во сузбивањето на маларијата. Кредити им беа дадени на селаните кооперанти. Тие подобрувања беа подготовка за патот на кралот да стапи во контакт со бугарскиот крал Борис во 1933. Тие беа пропратени со формирање на владата на Георгиев во Софија во 1934, забраната на ВМРО во Бугарија и крајот на затворените граници. Се покажа дека бугарското јавно мислење станува се повеќе и повеќе помирено со губењето на Македонија. Во меѓувреме Михајлов побегна во Турција, но ја носеше сатисфакцијата од сознанието дека еден од неговите атентатори го уби кралот Александар во октомври 1934.

27. Причина за несмалените поплаки на Македонците од Југославија беа невработувањето на интелектуалците и малите трошоци за јавните работи, освен во Скопје. Иако политичкиот криминал беше отстранет, идејата за автономија остана. Британскиот вицеконзул во Скопје заклучува, во ноември 1940, дека мнозинството од Словените и Турците на југословенска Македонија се автономисти, само мал дел од Словените се уште се надеваат за анексија од Бугарија.

28. Во 1941, Бугарија уште еднаш ја окупира цела југословенска Македонија, освен горниот тек на вардарската долина, над Скопје како и источниот дел на Грција и некои делови од западна грчка Македонија. Поголемиот дел од западна Македонија беше окупирана од Италијаните, а Солун цврсто беше под германска контрола. Илјадници Грци беа масакрирани во источна Македонија, други беа депортирани во Бугарија и уште повеќе побегнаа во јужна Грција. Бугарската влада започна систематско заменување на мртвите, депортираните или избеганите Грци со Бугари. Во југословенска Македонија такви суровости не беа преземени. Но Бугарите не покажаа обѕири спрема македонските аспирации за автономија и поставија бугарски службеници, учители и свештеници, не само Македонци кои долго живееле во Бугарија, туку и луѓе кои немаа никакво македонско потекло. Илјадници Срби побегнаа во Србија. Населението доби право да се одлучи за бугарска или нивната претходна националност. Ако ја избереа последната алтернатива, тие требаше да емигрираат. Од Солун и југословенските градови имаше депортации на Евреите во непозната дестинација.

29. Недостигот од железнички пруги заедно со рамнодушниот однос кон патниот транспорт е делумната причина за сиромаштијата во Македонија. Неколкуте железнички пруги во Македонија водат од Солун. Тие се: главната линија за Србија по Вардар и долу по Морава со споредни пруги за Охрид и Штип и спојни пруги за Флорина и Битола кон Велес; главната линија од Грција од Солун за Атина и две линии кои водат источно од Солун за Драма од каде единечна линија води преку Тракија. Во Бугарија две линии од Софија водат до границата во близината на Ќустендил и Петриќ. По април 1941. беа направени планови за продолжување на овие линии низ Македонија. До јуни 1944, линијата до Ќустендил беше продолжена до Куманово (на главната линија Солун-Белград) и се очекува да биде отворена за сообраќај за неколку недели, додека теснолинејката за Петрич ќе се прошири за да се приклучи на грчката железничка пруга во Сидерокастро (Демир Хисар) и почетокот (првите 25 милји јужно од Горна Џумаја) се направени со конверзија на линијата со нормални шини.

30.( а) Во југословенска Македонија земјоделството е примитивно и покрај тоа што има релативен мир во неа од 1930., и се воведоа, во мала мера, методи за унапредување. Како додаток на житарицата главната култура е тутунот (на чии одгледувачи државниот монопол исплаќа смешна цена) и афионот; со малку ориз и памук. Индустријата беше ограничена на неколку пивари, фабрики за сапун и мелници за брашно и рудници за хром и традиционалните ракотворби. Голем дел од населението живее од одгледување овци и крави.

31. Пред 1912. близината на морето и контактот со странските школи и меѓународниот живот на Солун и Цариград формираа мала, но интелегентна, образована класа Македонци од сите националности. Во југословенска Македонија, по 1919., мешани делови од оваа интелигенција која беше намалена со исчезнувањето на поголемиот број Грци, даваат докази за заедничката кооперативност. Нивните главни барања беа за чесна и образована влада која ќе им даде на образованите Македонци шанса за вработување и ќе им го направи пристоен животот на селаните. Македонското јавно мислење, се чини, ако може да се направи мала генерализација, бара реализирање на овие бенефиции или преку автономија во рамките на демократска федерација или преку комунизам (често парадоксално идентификуван од балканските Словени со она што некогаш беа нормални европски слободи на личноста) под Русија или друга странска заштита. Се чини дека двете аспирации не ретко се подржуваат истовремено.

32. (б) Грчка Македонија е комплетно променета по 1918. со населување на грчки бегалци од турска Тракија и Анадолија. За да им угоди на овие емигранти големите поседи беа поделени како и остатокот од општинските пасишта. Големи делови од мочуриштата и маларизираното земјиште беа исушени во долината на Вардар и Струма и се преземени мерки за обезбедување вода од артешки извори и се поставија доводни и одводни цевки. Комисијата за бегалци подели јаки животни и овци. Бегалците беа, воглавно, вешти, решителни, работливи и интелигентни. Тие енергично се посветија на обработување на необработливата земја прифаќајќи нови земјоделски методи и произведувајќи нови како и стари житарици. Македонија со нејзините парчиња од плодна земјата стана главна житница на Грција. Пред доаѓањето на бегалците тутунот беше одгледуван воглавно во источна и централна Македонија. Новите колонисти го проширија одгледувањето и во западна Македонија така што на крајот се произведе толку многу тутун што ја надмина побарувачката и требаше да се ограничи. Бегалците, исто така, започнаа со успех да се занимаваат со градинарство во близината на големите градови и со производство на коноп и свила.

33. Економската асимилација на бегалците се чини беше успешно завршена, но тие настојуваа во одделни делови да водат одвоен живот во своите села. Во градовите беше спротивно бидејќи беше тешко да се најде вработување за некои стручњаци. Во секој случај, се чини, не постоеше сомневање за националното чувство на бегалците. По раса тие беа Грци и национално свесни. Индустрискиот пролетеријат од центрите за производство на тутун од источна Македонија, се известува, дека е приклонет кон комунизмот, но што тој разбира под тоа или колку ќе потпадне под Руско влијание е многу тешко да се претпостави.

34. (ц) Бугарска Македонија е сиромашна и планинска област. По 1919. лидерите на врховистичката ВМРО од неа направија главен штаб во кој дури и бугарските власти не се осмелуваа да влезат без нејзино одобрување. Во 1934 нивната управа исчезна со зачудувачка совршеност. Оттогаш областа, по се изгледа, целосно е интегрирана во Бугарија.

Конфликтни интереси

35. (а) Југословенски интереси.- Југословенскиот интерес во Македонија е српски, без удел на Хрватите и Словенците освен индиректно. За Србија, моравско-вардарскиот пат до Солун е географски природен пат до морето, блокиран со грчкото поседување за излез. По долги дискусии договорот од 1929. и даде на Југославија мала слободна зона во Солун со слободна употреба на железничката пруга кон Гевгелија, но под зависност на грчката сувереност за одржување на зоната и железничката пруга. Но како и да е југословенската трговија, северно и западно, скоро целосно беше насочена по суво и таа имаше мала корист од слободната зона. Нејзиниот извоз беше ограничен на рудите од Трепча и рудниците на Алатини. Увозот беше занемарувачки. И понатаму, се чини југословенските власти ја сметаа зоната во грчкото пристаниште назадоволителна и таеја надеж да го добијат Солун целосно; надеж која беше моментално реализирана на 25 март 1941. кога Хитлер им го вети Солун за нивното пристапување кон неговиот "Нов поредок". Изгледа неверојатно дека земјоделските производи на Србија и југословенска Македонија ќе најдат пазар преку море. Но нивните рудни ресорси ќе најдат такви пазари и ќе бидат се повеќе и повеќе експлоатирани. За извозот на руди и за увоз (во случај светот да се врати на слободната меѓународна трговија) Југославија би имала интерес да го поседува Солун. Но ако слободната зона се прошири разумно би можело да ги задоволи нејзините барања.

36. Србите тежнеат за поседување на Солун од стратегиски причини. Тоа би ја обезбедило Југославија со алтернативен излез на Медитеранот (со еден најбизу до Србија) во случај Јадранското Море да се наоѓа под контрола на непријателска сила. Во случај Србија да биде одделена од хрватската и словенската територија таа српска желба ќе биде засилена. Од друга страна, се додека, југословенските односи со Бугарија не се пријателски, југословенската анексија на Солун, која би ја поделила грчката територија и целосно би ја отстранила Грција, би ги уништила дефанзивните југословенски балкански сојузници и нејзината граница би била опкружена со непријатели. Единствено, ако во случај Југославија и Бугарија политички би се обединиле, или ако врз основа на најпријателски односи таа основна пречка за југословенското поседување на Солун ја изгуби својата важност и тогаш југословенските политичари треба да размислат дали ќе биде исплатливо да се добие Солун на сметка на грчкото и исто така и на турското непријателство.

37. Српските етнички и историски барања кон Македонија иако жестоко подржувани се слаби. Србите не заборавија дека Скопје беше главен град на Српското царство во XIV век. Но тоа царство беше мултирасно и со краток век. Единствено на север, во близината на Скопје, може да се каже дека македонските Словени се предоминантно Срби по национално чувство.

38. (б) Грчки интереси.- Прво, Грција има етнички интерес. Солун и поголемиот дел од областа беа населени со Грци уште пред христијанската ера (види пара/граф/ 13 горе). Во 1913. Грција го доби поголемиот дел од внатрешноста населена со негрчко население. По 1919. карактерот на населението се промени со преместување на муслиманите кои зборуваат турски и најголем дел на Бугари и со прилив на огромен број грчки бегалци, грчка Македонија во 1938. доминантно беше населена со Грци. Вековниот грчки карактер на брегот и успехот на Грција со помош на Друштвото на народите во населувањето на Грција од Мала Азија во областа и дава на Грција неспорно силни права за нејзиниот дел од Македонија.

39. Второ, грчкиот економски интерес е голем. Несомнено, дека Солун отсечен од северните граници на Грција од големиот дел на Македонја од 1918. не напредува, иако неговите економски тешкотии мора, исто така, да се припишат на војната од 1914-1918., поразот во Мала Азија и светската економска криза. Грчка Македонија е најбогата од грчките провинции и е од голема важност за Грција поради нејзините житарици, пасиштата, тутунската индустрија, се уште целосно неискористените минерални ресурси и нејзиното цврсто селско население.

40. Трето, солунската област е важна за одбраната на Грција. Грчкиот стратегиски интерес е да има прикладна позадина која ќе служи како заштита за Солун и за пасиштата кон Флорина, Касторија и Тракија, против било кој непријател кој не е голема сила. Исто така грчки интерес е Бугарија да не се прошири (како во 1941.) со вклучување на југословенска Македонија и не треба да се дозволи формирање на една словенска сила која ќе ја држи цела негрчка Македонија и ќе го доминира Балканскиот Полуостров.

41.(ц) Бугарски интереси.- Добивањето на поголемиот дел од Македонија е традиционална аспирација на бугарскиот народ. До 1919. Бугарија можеше да се повикува на чувството на мнозинството од македонските Словени. По 1919. населението кое беше наклонето кон Бугарија од грчка Македонија беше редуцирано на мал број, а поголемиот број од оние од југословенска Македонија се чини постепено ја напуштија надежта за анексија од страна на Бугарија и ја прифатија онаа за автономија во југословенска или балканско-словенска или Балканска федерација.

42. Бугарскиот основен економски интерес во Македонија лежи во добивање на прикладен излез на Егејското Море, кој, истакнуваат Бугарите бил затворен за нив пред 1 939. поради непријателството на грчките власти. Можеби е точно дека Бугарија ќе најде пазари за нејзините производи само во централна Европа, но додека светот да се врати на слободата на меѓународната трговија, Бугарија ќе има потреба да увезува стоки од прекуморските земји. Најдобриот излез за западна Бугарија би бил Солун, или ако не Кавала. Алтернативно таков излез би можел да се оствари не во Македонија туку во Дедеагач (Александрополис) во Тракија. Како и да е, не земајќи го предвид сигурното спротивставување на Грција и Турција на отстапување на територии на било кој дел од егејскиот брег на Бугарија, треба да се потсетиме дека Бугарија има голем дел од брегот на Црното Море.

43. Бугарскиот стратегиски интерес, се чини, е двоен. Прво, поседувањето на Вардарскиот басен би и овозможило да ја одвои Грција од Југославија и да добие заедничка граница со Албанија; ситуација која во случај Југославија да се дезинтегрира би ја направило Бугарија доминантна на Балканот. Второ, поседување на умерен дел од Македонија, во кој би било вклучено и пристаниште од Егејското Море, би ја ослободило Бугарија од зависноста од пловните патишта на Црното Море - Дарданелите и Дунав за снабдување. Повторно, такво пристаниште би можело да се обезбеди во Дедеагач. И повторно спротивставувањето на Грција и Турција кон отстапувањето територии на пристаниште во Егејот ќе биде неминовно. ( Во врска со пара/графите/ 43 и 44 види: Територијални проблеми меѓу Бугарија и Грција31 параУграф/12-16).

44. (д) Албански интереси.- Албанија може да има етнички барања чија валидност би била тешко да се процени на областа Тетово, Гостивар, Кичево и Охрид. Но првите од овие три области лежат во вардарскиот басен и географски припаѓаат кон Македонија. Охрид е зад планините во басенот на Дрин32. Од економска и стратегиска основа 6и било оправдано Охрид да и се даде на Албанија.(види албанско-југословенска граница33 пара/граф/18 (е) и (ф), 20 (е), 21, 25).

45. (е) Револуционерни движења.- Во спротивност со сите овие "традиционални интереси", таму се развија, особено од 1941, во и околу Македонија силни револуционерни тенденции кои се чини ги прекинаа историските граници и националните антагонизми на балканските Словени. Меѓу српските и македонско-словенските "партизани" и бугарските левичари во 1943. се чини имаше повеќе одушевеност за социјална револуција отколку за национални држави. Во Грција и Албанија имаше исти тенденции. Јачината на овие движења, во врска со силите кои ги претставуваат традициите од деветнаесеттиот век и последиците од нивниот судир со тие традиции, ќе зависи разбирливо од настаните на Балканот и во таа етапа ќе зависи од политиката усвоена спрема нив од Велика Британија, Соединетите Американски Држави и СССР. Овие движења стекнаа углед со нивниот активен отпор на германските сили. Но се додека политиката на големите сојузници во однос на Балканот е позната, тешко е да се процени релативната сила на спротивставените сили во Македонија освен дека грчкиот карактер на грчка Македонија е востановен.

Можни солуции

46. Изворната солуција застапувана од ВМРО беше независност за цела Македонија, базирана на еднакви права и однос кон сите нејзини жители без разлика на раса. Под претпоставка Македонија навистина да е независна, бугарскиот отпор кон оваа солуција можеби не би бил голем особено по изгубената војна. Непомирливо спротивставување, секако, ќе покаже Србија која по-лага право и смета дека југословенска Македонија е дел од Србија; освен ако власта во Србија во иднина помине во рацете на помалку националистички елементи. Но, и да е така, идејата за независна Македонија е застарена. Таква држава не може да егзистира без нејзиниот природен главен град Солун; и Грција нема доброволно да го отстапи тој голем грчки град, а ниту македонските Грци би прифатиле да бидат одделени од Грција. Уште повеќе, тоа би ја изолирало грчка Тракија од останатиот дел на Грција и може да ги стимулира бугарските, македонските и можеби турските претензии кон таа провинција.

47. Второ, може да се сугерираат неколку форми на македонска автономија во рамките на федерација. (а) Автономија на Македонија како целина во рамките на Балканска федерација. Тоа би ја вклучило и грчка Македонија во автономната држава и ќе наиде на истите пречки за тоа кои се истакнати во претходната сугестија. (б) Автономија на негрчка Македонија во рамките на федерација на балканските Словени што би можела да се оствари со доаѓањето на власт на нови елементи во Србија и Бугарија. Се чини тоа е најдобриот начин да се стави крај на меѓусебниот антагонизам меѓу Југославија и Бугарија кој ги влече своите корени од македонското прашање и на тој начин би се овозможило формирање на голема федерална држава на Јужните Словени што е и краен идеал на голем дел од интелигенцијата и помалку шовинистичките балкански Словени. Таква солуција за негрчка Македонија може да го има одобрувањето на СССР. Но формирањето на словенска федерација, која ќе се протега од Јадранското до Црното Море би предизвикала страв и кај Грција и Турција и може да биде во спротивност со британските интереси. (Ц) Автономија на негрчка Македонија во рамките на Балканска федерација. Солуцијата може да претставува комбинација на автономија за населението свесно за свјот посебен идентитет со економска слобода на поголема област и слободен излез на Солун. Сепак, таквата Балканска федерација, за нејзиното хармонично работење, ќе бара одреден степен на доверба меѓу сите балкански нации за што тие сепак даваат мали докази.

48. Трето, може да се направи возобновување на предлогот даден од силите на Антантата на Бугарија во 1915. за отстапување од Србија на Бугарија на неколку области источно од Вардар; зависи пред се од размената на делови од населението од југословенска Македонија кои сакаат да ја преминат новата гранична линија. Таков предлог може да биде поздравен од Бугарија како краен договор за нејзините претензии кон негрчка Македонија. Но тоа ќе повлече со себе преместување на југословенско-бугарската граница од планинските меѓи во речниот басен; Југословените тоа ќе го сметаат како загрозување на нивната главна комуникациона линија со Грција и Солун; не е многу вероватно дека многу од селаните ќе ја прифатат шансата да ја променат националноста, и исто не е веројатно дека двете држави би го спречиле емигрирањето на населението кое го сметаат за свое, со резултат дека иредентизмот нема да биде отстранет; изгледа скоро неверојатно дека Србите ќе се согласат да и отстапат територија на Бугарија за која тие четири пати се бореа во 30 години; и последно, предлогот сигурно 6и предизвикал спротивставување на Грција.

49. Четврто, во случај нетрадиционалните, лево ориентирани сили да станат предоминантни во Србија и Бугарија, можна солуција за негрчка Македонија може да се најде во комбинација на јужнословенска федерација, вклучувајќи ја Југославија и Бугарија (види пара/граф/ 48 (б) горе), заедно со неавтономија на негрчка Македонија, туку отстапување на Бугарија на неколку области од источна југословенска Македонија (види пара/граф/ 49). Делови од населението кои го сакаат тоа, би биле слободни да се префрлат преку внатрешните граници меѓу Србија и Бугарија и на српко-бугарскиот раскол може да се очекува да му се стави крај. Оваа солуција нема да ги има предностите на локалната автономија (за што тие може да се расправаат дека негрчка Македонија е премногу мала и сиромашна); а како што се навестува во пара/граф/ 48 (б) тоа би го зголемило стравот на Турција и Грција.

50. Петто, можно е, во случај Балканскиот Полуостров да се најде под контрола на голема сила, таа сила да стави крај на локалните непријателства и да ги смири расите во Македонија и на целиот Полуостров и нејзе да и бидат потчинети. Единствената сила способна и разбирливо подготвена да ја изврши оваа задача, се чини, би бил СССР. Оваа солуција би предизвикала силно спротивставување од Турција, Грција и на поголем дел од другите Балкански народи. Исто така тоа би предизвикало големи последици на меѓународно поле.

51. Шесто, можно е и реставрирањето на status quo од пред 1941. со неизбежното продолжување на напомирливиот национализам во Македонија. Таа ситуација, може секако, да биде нешто ублажена во случај ако слободни пристаништа и комуникации меѓу Солун и Кавала се востановат и ако тие слободни пристаништа и комуникции меѓу нив и главните центри на југословенска и бугарска Македонија се стават под меѓународна контрола. Таков еден аранжман економски може да биде корисен, а присуството на меѓународни власти може да послужи да се зголеми стандардот на локалната управна власт под услов да се воспостави ефективна меѓународна власт со можност да интервенира во спречување на неправдите докажани од нејзините органи. Секако би било наивно да се очекува да следува политичко смирување со овие мерки и мора искрено да се признае дека, додека овој начин можеби е единствено остварлив имајќи ја предвид политичката ситуација, тој секако не го дава крајното решение ниту за македонскиот ниту за балканските проблеми.

52. Последно, како и да е, балканската ситуација вклучува такви непредвидливи фактори (види пара/граф/ 46) што е можно и друго практично решение, кое во моментот не може да се предви-ди.

Истражувачки департмент, Форин офис, White Hall 26 август 1944.

FО 371/43649 НР 00201 R 1009/1009/67