Македонија во билатералните и мултилатералните договори на балканските држави 1861-1913, документ бр.1

НАЦРТ НА СРПСКО - ГРЧКА КОНВЕНЦИЈА за поделба на балканските владенија на Османлиското царство, респективно и Македонија, на сфери на пропагандно дејствување, 1861 година 1


Во името на Светото Тројство.

Неговото Височество грчкиот крал и Неговата Светост српскиот кнез согледувајќи ја состојбата на пропаѓање и последните издишувања на Турското Царство, сметајќи дека продолжувањето на сегашната состојба на статус-кво претставува постојан камшик за христијанските народи што е и непосредна опасност за нивната иднина, следствено на тоа нивно право и обврска е самите да најдат соодветни средства за да се доведе состојбата на работите во согласност со желбите и правата на овие народи, одлучија, со општа согласност, да уредат се што се однесува на овој предмет, од заемен интерес, со една специјална конвенција и ги именуваа:

Н.В. Кралот на Грција Н..., а

Н.Св. Кнезот на Србија Н ...

Кои, откако едниот на другиот ги претставиле своите полномоштва и констатирале дека се во ред, ги утврдиле и потпишале следните членови:

Чл. 1

Страните потписнички се обврзуваат непосредно по ратификацијата на оваа Конвенција да дејствуваат заеднички кај кнезовите на Влашко и Црна Гора да прифатат да го потпишат приложениот проект договор за соработка.

Чл. 2

Во случај двете влади да не го прифатат проектот на споменатиот договор, двете страни договорнички сепак ќе го потпишат овој Договор и ќе настојуваат, на начин како што е набележан, да придобијат една од големите сили да го признаат принципот на неинтервенирање во работите на Исток. Чл. 3

Откако една од големите сили ќе го признае овој принцип и ќе вети да направи да биде респектиран и од другите сили, двете договорнички страни ќе настојуваат да ги извршат секоја своите обврски предвидени со чл. 2 од Договорот.

Чл. 4

Согласно тоа, Владата на Н.В. елинско се обврзува:

1. Да ја зголеми својата редовна војска на 30.000 луѓе,

2. Да вооружи што е можно побројна флота,

3. Да го обезбеди потребното оружје за вооружување на народот на Тесалија, Епир, Македонија и Тракија, во кои што би пламнало револуционерното движење.

Чл. 5

Владата на Н. Св. српска се обврзува:

1. Да ја зголеми својата редовна војска на 12.000 луѓе,

2. Да организира во најголема можна бројност народна војска,

3. Да обезбеди оружје и да ги снабди со другите потреби провинциите: Босна, Херцеговина и Бугарија, во кои би можело да се подигнат револуционерни движења.

Чл.6

Ако се оствари предвиденото со чл.З од Договорот, двете договорни страни се обврзуваат да ја продолжат борбата и нема да го оставаат оружјето се додека не успеат на Исток да воспостават состојба на работите адекватна на моралните и материјалните потреби на народите на Исток, како и на нивните свети и незастарени права. Тие едната на другата си ветуваат заемна помош и поддршка како за време на траењето на војната исто така и при договарањето на мирот за одредување на границите на респективните држави, согласно со начелната определба во чл. 3.

Чл. 7

Страните договорнички се согласни дека нема да преземаат никакво движење се додека доволно не се подготват. Во секој случај по взаемна согласност.

Чл. 8

Оваа Конвенција ќе остане тајна.

Дополнување 2 на чл. 3:

1.Елинското кралство ќе ги анектира: Тесалија, Епир, Македонија, Тракија и островите на Архипелагот.

2. На Српското кралство, составено од сегашното Српско кнежевство, ќе се придодадат: Босна, Херцеговина, Горна Албанија и Црна Гора (во случај ако /последното/ трајно не би останало на тоа да претставува самостојно и независно кнежевство).

3. На Бугарското кралство границите ќе му се определат подоцна.

4. Кралство Дакија, составено од Влашка и Молдавија.


Кажано:3

Српските агенти ќе дејствуваат до линијата почнувајќи од морето (Јадранско) што ги зафаќа подрачјата наДрач, Елбасан, Охрид, Прилеп, Велес, Штип, Кратово, Џума(ја) до (пл.)Балкан (северно). Грчките агенти ќе ги обработуваат подрачјата на: Берат, Горица, Битола, Демир-Капија, Радовиш, Разлог до (пл) Балкан (јужно).

Толкување на "Хартиите":4

1. Грчкиот предлог. Има природни граници: планините Балкан и Шара. Но, Грција добива 2-3 милиони Словени и станува поголема од Србија и Бугарија зедно. Воедно истите би претставувале премногу долга и тесна држава. Србија добива многу малку море.

2. Српскиот предлог. Посоодветен на народносниот принцип. Бугарија претставува посебна држава и сите три држави би биле приближно подеднакви, Србија добива доволно море. Но, границите претежно не се природни. Грција станува тесна во средината.

3. Во случај Цариград да не може да се освои, од какви и да е причини, Тракија до Балкан (Планина) останува Турска. Постојната пречка помеѓу Грците и Бугарите се отстранува. Поделбата на Албанија и Македонија меѓу Србија и Грција (како под 2) е лесна, бидејќи Грција е согласна. Двете активни сили се прошируваат приближно подеднакво. Грција без Цариград нема изгледи за надмоќност,

4. Ако Бугарија не влезе во комбинацијата и останува на Турција. Но, Србија се проширува до Искар, а средна Албанија и ја препушта на Грција. Добрите страни на овој предлог се исти како и под 2. Но, Србија повремено, да цели на турските - бугарски земји.

5. Најскромен но, можеби, и најповолен план за идните планови на Србија. Двете држави, засега, малку да се зголемат со зафаќање на чисто српските односно чисто грчките провинции и така да дојдат до првите природни граници. Со време Србија може да ја напушти Грција и да го гледа само својот интерес и да недопушти да се грцизираат на пр., Битола, Воден, Дојран и тд., (курзив-ММ), како ни Пловдив, Казанлак, Загора.

6. Според Лежеановата карта на принципите на народноста и природните граници најадекватен план е планот за конфедерација од повеќе држави. Бидејќи грчките држави според природните особености се мали, и словенските се поделени на повеќе држави поради нивните различности.5 Но, сомнително е дека овој српско-грчко-арнаутски бунт би бил доволна гаранција за Европа против плановите на своите соседни големи сили.


(Гргур Јакшић и Војислав Вучковић, Спољна политика Србије за владе кнеза Михаила (Први балкански савез), Београд, 1963, 474-477)


1 Нацртот на конвенцијата беше предложен од Грција.

2 На договорот за сојуз, предпог на грчката страна.

3 Српската верзија (на Гарашанин) за договорената поделба на подрачјата на пропагандното дејствување.

4 Текстот на толкување на документите од Илија Гарашанин.


5 Тука не станува збор и за Македонија.