Македонија во билатералните и мултилатералните договори на балканските држави 1861-1913, документ бр.16

КОНВЕНЦИЈА за поврзување на железничките мрежи, склучена помеѓу Србија, Австро-Унгарија, Османлиското царство и Бугарија, 9 мај 1883 година1


Владата на Неговото Величество Кралот на Србија, Владата на Неговото Величество Императорот на Австрија, Крал на Чешка итн и Апостолски Крал на Унгарија, Владата на Неговото Царско Величество Султанот и Владата на Неговото Височество Кнезот на Бугарија, одушевени со желбата да го олеснат и регулираат прометот меѓу своите држави со поврзување на железничките линии, предвидено со членовите X, XXI, и XXXVIII од Берлинскиот договор, решиле да склучат конвенција и за тоа именувале свои полномошници и тоа:

Неговото Величество Кралот на Србија:Господинот Милан М. Богичевиќ, својот вонреден пратеник и ополномоштен министер кај Неговото Императорско и Кралско Апостолско Величество, Неговото Императорско и Кралско Апостолско Величество:Господинот Густав гроф Калноки од Кереш-Патак, таен советник на својот министер на императорскиот дом и на надворешните работи, генерал на својата војска и Господинот Ладислав од Сеќени-Марич и Солгаегхаза прв таен советник на првиот началник во одделението на Министерството на императорскиот дом и надворешните работи, Неговото Царско Величество Султанот: Садулах-паша, својот вонреден и ополномоштен амбасадор кај Не-говото Императорско и Кралско Апостолско Величество, Неговото Височество Кнезот на Бугарија: Господинот Никола С. Стоичов, поранешен министер и господинот Константин Стоилов, поранешен министер,

Кои, откако ги претставиле еден на друг своите полномоштва и констатирале дека се добри и во ред, ги утврдиле овие членови:

Чл. I

За извршување на одредбите од членовите: X, XXI иXXXVIII од Бер-линскиот договор, договорните страни се обврзуваат да ги изградат, да ги поврзат и да ги предадат во експлоатација истовремено, на 15 ок-томври 1886 година, железничките линии определени во наредните членови: 2, 3, 4 и 5, според одредбите од оваа Конвенција.

Чл. II

Императорската и кралската влада на Австро-Унгарија се обврзува дека ќе ја изгради, поврзи и предаде во експлоатација, во исто време на договорениот датум, 15 октомври 1886 година, железничката линија Будимпешта - Земун до унгарско-српската граница во Белград.

Чл. III

Царската Отоманска влада се обврзува дека ќе изгради, поврзи и предаде во експлоатација во исто време, на погоре определениот датум, 15 октомври 1886 година:

1. Железничката линија за поврзување Цариград - Белово, што постои, со железничката линија што ќе се изгради од Ниш преку Софија до отоманско-бугарската граница.

2. Еден железнички крак што ќе се оддели од постоечката железничка линија Солун-Митровица во околината на Приштина или на било која друга точка што царските отомански власти ќе ја сметаат за погодна и, по таа траса што со заеднички договор ќе се определи како најпогодна, ќе стаса до отоманско-српската граница каде што ќе се поврзи со српската железничка линија, одбележена под бр. 3 во членот IV.

Чл. IV

Српската кралска влада се обврзува да ги изгради, поврзе и предаде во експлоатација во исто време, во погоре определениот датум, 15 октомври 1886 година:

1. Железничката линија од Белград до Ниш што се соединува, кај Белград, со унгарската железничка линија.

2. Железничката линија од Ниш до српско-бугарската граница, преку Пирот и Белово кон Цариград.

3. Железничката линија од Ниш, преку Врање, до една точка на српско-отоманската граница, што ќе се определи со заеднички договор. Таа железничка линија ќе биде поврзана со отоманската железничка линија одбележана со бр. 2 во членот III.

Чл. V

Кнежевската бугарска влада се обврзува да ја изгради, поврзе и предаде во експлоатација во исто време, на погоре определениот датум, 15 октомври 1886 година, железничката линија што ќе се поврзе со железничката линија што Србија ќе ја изгради од Ниш преку Пирот до српско-бугарската граница и која што оди од именуваната граница преку Цариград и Софија, до бугарско-отоманската граница каде ќе се спои со железничката линија Цариград-Белово и ќе води до таа точка.

Чл. VI

Соседните влади се обврзуваат дека преку посебна комисија, што тие ќе ја именуваат и ќе ја испратат на теренот, ќе преземат технички проучувања потребни за определување на граничната точка на која што ќе се изврши поврзувањето на нивните железнички линии.

Овие претходни работи ќе се завршат и односните влади ќе ги определат предметните точки најдоцна пред изминувањето на една година од денот на размената на ратификационите документи на оваа Конвенција.

Договорните страни исто така се обврзуваат дека, во определениот рок, ќе поднесат докази дека ја обезбедиле изградбата, со дефинитивна концесија или со лицитација на работите, на железничките линии што тие треба да ги изградат на својата територија, до 15 октомври 1886 година.

Чл.VII

За да се поедностави царинската контрола и прегледот на патниците и стоките, колку што тоа е можно, соседните држави си го задржуваат правото да определат, со меѓусебен договор, заеднички гранични станици за размена на локомотивите така што тука да се состануваат пограничните бироа на соседните заинтересирани земји и органите. на споменатите бироа да можат да ја обавуваат својата служба веднаш едни по други.

Во случај да се изградат заеднички гранични станици за размена на локомотиви утврдено е експлоатацијата на железничките линии за поврзување од заедничките станици со територијалните граници да се предадат на онаа администрација која ја експлоатира железничката линија за поврзување на соседното земјиште. Надоместокот што ќе го плаќа таа администрација ќе се определи со заеднички договор, но истиот не смее да биде поголем од 5% од капиталот вложен за нејзината изградба.

Чл. VIII

Железничките линии што ќе се градат врз основа на оваа Конвен-ција мора да бидат изградени и експлоатирани, ако тоа се наметнува од интересот на заедничкиот промет, под исти правила:

1.Железничката линија ќе има ширина на обичен коловоз, 1.436 метри помеѓу шините, соодветно на железничките линии со кои што се врзува.

2. Материјалот за поврзување мора да биде под еднакви прописи така што да може слободно да циркулира не само од железничките линии на сопствената територија по железничките линии на соседната земја туку и по железничките линии на спојувањето на другите договорни страни.

3. Сигналната служба што треба да се воведе на железниците за кои станува збор ќе биде сообразена со системот што важи на австро-унгарските железнички линии за поврзување.

Чл. IX

На железничките линии што ќе се изградат на основа на оваа Конвенција нема да се прави разлика во иста земја помеѓу државјаните на договорните страни во цената на транспортот и по однос на јавните давачки, како и времето и начинот на користењето.

Исто така и за увезените стоки од едната во другата земја, наменети за истата или за транзит, нема да се постапува понеповолно од домашните стоки.

Чл. X

Што се однесува на тарифите за промет на стоките и другите раз-лични предмети за пренос со железниците што ќе се изградат на основа на оваа Конвенција, се договорени овие одредби:

1. Секоја договорна страна си задржува целосна слобода да ги определува тарифите на месниот промет на својата територија. Се подразбира дека не може да се смета како месен промет, во смисла на горните одредби, пренос на стоките или било какви други предмети што ја минуваат границата и се претоваруваат.

2. Тарифите за меѓународен промет ќе се определат врз основа на начелото за најпривилегирана држава, како што следува:

а) Високата Порта се обврзува дека за прометот со трета држава нема да применува, посредно или непосредно, помали единечни километарски такси, ниту олеснувања или други погодности од тие што се применуваат за истите производи во прометот со Австро-Унгарија. Високата Порта ги презема истите обврски и кон Србија и Бугарија. Меѓутоа, се разбира дека споменатите одредби ќе се применуваат на веќе постоечките отомански спојни железнички линии, ако не се во спротивност со стекнатите права врз основа на поранешните концесии.

б) Бугарија се обврзува да не применува на прометот со трети земји, ниту посредно ни непосредно.помали единечни километарски такси, ниту други олеснувања или било какви погодности освен оние што се применуваат за исти производи во прометот со Австро-Унгарија. Бугарија ги презема истите обврски кон Турција и Србија.

в) Согласно начелото на заемност Турција и Бугарија ќе ги уживаат истите погодности на српските железници. Тие погодности исто така им се загарантирани и на сојузната железничка линија што ќе стасува до Будимпешта, како и на железниците што ги поврзуваат Будимпешта и Виена, доколку, запослените, не се пречка правата добиени порано врз основа на концесија.

Чл. XI

Администрациите на железниците што ќе се изградат врз основа на оваа Конвенција ќе воведат непосреден сообраќај за пренос на производи помеѓу своите главни станици, подразбирајќи ги тука Солун и Цариград. Непосреден сообраќај исто така ќе се воведе помеѓу споме-натите главни станици, Цариград и Солун од една страна, а Виена и Будимпешта од друга страна. Администрациите на заинтересираните же-лезници ќе мораат да се договорат за потребните спогодби за правил-ниците и тарифите што ќе се применат во меѓународниот промет.

[...]2

Овие непосредни тарифи и останатите спогодби постигнати помеѓу администрациите истите ќе ги поднесат за одобрување кој своите влади.

Чл. XII

Бидејќи задачите на железниците, што ќе се изградат врз основа на оваа Конвенција, е да се воспостави не само непосреден сообраќај помеѓу Србија и Австро-Унгарија од една страна и европска Турција и Бугарија од друга страна, туку и посредна комуникација на овие земји со другите европски држави. Заинтересираните влади ќе се грижат администрацијата на овие железници, да воведат договорна служба на возови, патнички и товарни, што ќе вршат транзитна служба на овие железнички линии да имаат директна лесна врска помеѓу себе и со железничките линии со кои се спојуваат. Високата Порта ќе им обезбеди на овие возови таква врска и на веќе постоечките железнички линии до Цариград и до Солун.

Што се однесува за бројот на транзитните патнички возови од Виена и Будимпешта до Цариград и Солун, посебно е утврдено да оди барем по еден воз секој ден во секој правец, најмалку по еден воз за пренос на поштата и превоз на патници, со брзина од најмалку од 35 километри на час, подразбирајќи го тука и стоењето на станиците. Оваа најмала брзина може, првата година од експлоатацијата, да се сведе на 30 км на саат (подразбирајќи го тука и стоењето на станиците).

Чл. XIX

Секоја договорно страна си го задржува правото на својата територија да ја контролира експлоатацијата на железниците што се предмет на оваа Конвенција за истата да одговара, во секое време, на потребите на меѓународниот промет и спогодбите меѓу односните Влади.

Чл. XX

Во случај некоја од договорните страни да сака ревизија на оваа Конвенција, по истекот на рокот од десет години од денот на размената на ратификационите документи, полномошниците на договорните страни ќе се состанат во Виена, на покана на Императорската и Кралска Влада.

Се разбира, договорните страни си го задржуваат правото, во секое време со заеднички договор, да направат измени во оваа Конвенција чија што корисност би била докажана од практично искуство.

Чл. XXI

Оваа Конвенција, ако се јави потреба, ќе биде поднесена до зако-нодавните тела и ќе стапи во сила веднаш по размената на ратификационите документи, што ќе се изврши во Виена најдоцна на 1 октомври / 19 септември/1883 година.

Како потврда на тоа полномошниците ја потпишале оваа Конвенција и на истата ги ставиле своите печати.


Составена во Виена, во четири примероци, на деветти мај 1883 година.


М. М. Богићевић

Калноки

Сеѓени

Садулах

Никола С. Стоичов

К.Стоилов


(Уговори и конвенција измећу Србије и страних држава, од проглашења независности.., 327-338)


1 Оваа Конвенција ги допрецизираше обврските утврдени со Конвенцијата од 1880 година (Док, бр. 14) за изградба на железничките линии за поврзување со европската железничка мрежа, регулирањето на прашањето на транспортот, тарифити и сл.

2 Се однесува на начинот на утврдување на тарифата во зависност од конфигурацијата на теренот.