Македонија во билатералните и мултилатералните договори на балканските држави 1861-1913, документ бр.2
ТАЕН ДОГОВОР за сојуз и обединување на Кнежевството Србија и на Кнежевството Црна Гора, 23 септември 1866 година
Во името nа Светото Тројство
Неговата Светост Кнезот на Србија и Неговата Светост Кнезот на Црна Гора земајќи ги предвид од една страна своите свети должности а од друга страна жалната положба на српскиот народ во Турција1 и одушевени од еднаква патриотска желба со искрен договор да работат на ослободување и обединување на својот народ, се спогодија со овој таен договор да се регулираат сите прашања во врска со тоа и однапред да го определат делокругот на својот заеднички потфат.
За таа цел:
Н.С. Кнезот на Србија го одредил за свој полномошник г. Милое Лешјанин, началник на Министерството за надворешни работи, а Н. С. Кнезот на Црна Гора војводата и сенатор Петар Вукотиќ, кои на средбата откако ги прегледале полномоштвата и констатирале дека истите се добри и регуларни, ги договориле следните точки:
Чл. 1
Нивната Светост кнезот на Србија и Кнезот на Црна Гора се обврзуваат и едниот на другиот си даваат збор дека ќе работат во најголема искреност и согласност што побргу да се подготви востание против Турција за да се ослободи од турскиот јарем целиот српски народ и да се обедини во една српска држава.
Чл. 2
Ако овој потфат биде крунисан, со божја помош, со целосен успех односно целиот српски народ во Турција да се ослободи и се обедини во идната голема српска држава, тогаш, под тој услов, Кнезот на Црна Гора свечено ветува дека Црна Гора ќе и пристапи и ќе се обедини во таа голема држава, признавајќи го кнезот Михаило за владетел на таа целокупна српска држава.
Чл. 3
Во таков случај Кнезот на Србија, ценејќи го високо благородното и патриотско жртвување на Н.С. Кнезот на Црна Гора, најсвечено ветува во свое име и во името на Србија дека на Н. С. Кнезот на Црна Гора и на неговото семејство не само што ќе го задржи своето кнежевско достоинство туку и дека ќе биде и негова лична грижа да му обезбеди на сегашниот владеачки кнез на Црна Гора, сјаен морален и материјален статус во новата српска држава.
Чл. 4
На сегашниот владеачки кнез на Црна Гора посебно му се обезбедува ранг на принц на владеачкото семејство, првенство пред сите други по владетелот и неговиот законит син и наследник, доколку има таков, како и споменувањето на името во црквите после владетелот. Освен тоа на Кнезот на Црна Гора му се обезбедува износ од 20 илјади дукати годишно, со можност, подоцна, кога во заедничката држава ќе се определува апанажата на владетелот да се размисли и за посјајна позиција на Кнезот Никола. Исто така ќе се среди и за одлична морална и материјална положба на сите блиски сродници на Н.С. Кнезот на Црна гора. За кнежевска блиска роднина ќе се сметаат од семејството Петровиќи само по Степановата линија.
Чл. 5
Ако Црна Гора се обедини со Србија Н.С. Кнезот на Србија ветува сите старешини и чиновници кои ќе се затекнат како старешини и чиновници на Црна Гора за време на обединувањето ќе имаат еднаков третман како и српските старешини и чиновници, еднакви плати и материјална положба, и со нив поеднакво ќе се постапува.
Само по себе се подразбира дека и целиот црногорски народ ќе ги ужива сите права и слободи што ги има српскиот народ.
Чл. 6
Имајќи ги предвид; од една страна љубовта и приврзаноста на црногорскиот народ на сегашниот владеачки кнез на Црна Гора и неговите сјајни предци а од друга страна природното сиромаштво на Црна Гора и сакајќи на црногорскиот народ да му даде доказ на благодарност за жртвите што со векови ги поднесувал во борбите против заедничкиот непријател, Н.С. Кнезот на Србија му ветува на Кнезот на Црна Гора дека спрема црногорскиот народ ќе ги имаат во предвид сите можни погодности кога ќе се определуваат државните трошоци во обединета Србија.
Со оглед на тоа дека црногорскиот народ не е навикнат на регрутација и живеење во касарни туку секогаш се борел против непријателот како народна војска, Н.С. Кнезот на Србија, прифаќајќи ја со задоволство желбата на Н.С. Кнезот на Црна Гора, ветува дека црногорскиот народ за време од 25 години ќе се обучува и ангажира само како народна војска и дека за тоа време во Црна Гора нема да се спроведува никаква регрутаци ја бидејќи ќе се земаат само доброволци во постојаната војска.
Чл. 7
Со оглед на тоа денес во Црна Гора постои орден Данило I, што е посебно воведен за воени заслуги, Кнезот на Србија, од почит спрема споменот и заслугите на Кнезот Данило и од почит кон секогашната црногорска храброст, ветува дека истиот орден ќе биде прифатен во обединета Србија со сите степени, како прв за војнички заслуги и за храброст пред непријателот и дека за таа цел секогаш ќе постои. Само по себе се подразбира дека на тие кои се и ќе бидат наградени до обединувањето ќе им се признаат и ќе бидат почитувани како и тие кои се наградуваат во обединета Србија.
Чл. 8
Двајцата кнезови се обврзуваат дека ќе работат договорно и секој во границите на своите можности да се реализира спогодувањето со народите во Турција, за да се придобијаат сојузниците за нашата намера (курзив-ММ) да се создаде добро расположение во дипломатија. Посебно се обврзува Кнезот на Црна Гора пред Кнезот на Србија дека од своја страна ќе направи се за да надвладее потребното убедување дека помеѓу Србија и Црна Гора постои целосна согласност во желбите и намерите.
Чл. 9
Кога ќе дојде времето за востание Н. С. Кнезот на Црна Гора ветува и дава збор дека на повик од Србија, заедно се неа, ќе влезе во војна против Турција со сите свои сили. За да може да даде што поголема помош на заедничкото дело тој ветува дека, според расположливите средства, ќе се подготви за војна колку е можно подобро и побрзо. Во тоа Србија од своја страна ќе и даде на Црна Гора секаква помош и олеснување.
Чл. 10
Како што Србија никако не мисли да ја одделува својата судбина од судбината на Црна Гора и Кнезот на Црна Гора се обврзува дека без Србија и договор со српскиот кнез нема да започнува ништо против Турција ниту ќе започнува сепаратни преговори откако непријателствата ќе започнат. Чл. 11
Кнезот на Црна Гора ветува дека и за време на војната ќе работи во најголема согласност со српскиот кнез и дека по усвојувањето на воениот план според истиот ќе дејствува и доследно ќе го спроведува.
Чл. 12
Овој Договор е напишан и потпишан во два еднакви примерока, ќе се чуваат во најголема тајност а ќе почнат да важат откако ќе бидат потврдени од двајцата владетели и тогаш ќе се разменат потврдените егземплари, кои ќе се направат во Белград најдоцна за три недели или ако тоа е можно и порано.
Договорено на Цетиње на 23-ти септември 1866 година.2
Милоје Лешјанин
Петра Вукотић, војвода.
(Г. Јакшић - Војислав Вучковић Спољна политика Србије.., 486-489)
1 Под српското име тука беа класифицирани и Македонците односно македонскиот народ.
2 Истиот ден договорот бил потврден и потпишан од кнезот Никола.