Македонија во билатералните и мултилатералните договори на балканските држави 1861-1913, документ бр.32

ДОГОВОР ЗА СОЈУЗ склучен помеѓу Бугарија и Србија, 29 февруари 1912 година1

Неговото Величество Фердинанд I, цар на Бугарите, и Неговото Величество Петар I, крал на Србија, проникнати од убеденоста за заемноста на интересите и единственоста за судбината на нивните држави I на двата братски народа; бугарскиот и српскиот, решиле, солидарно, со заедничка сила, да ги бранат тие интереси и да се погрижат за нивното сестрано напредување, се договорија за следното:

Чл. 1. Царството Бугарија и Кралството Србија си ја гарантираат едната на другата државната независност и целоста на државната територија, обврзувајќи се апсолутно и без никакво ограничување да си притекнуваат на помош едната на другата со севкупната своја сила, во секој случај кога едната од нив ќе биде нападната од една или повеќе други држави.

Чл. 2 Двете договорни страни исто така се задолжуваат да си помагаат едната на другата со својата севкупна сила во случај било која голема сила да се обиде да присоедини или да окупира или со војска заземе, макар и привремено, каков и да е дел од балканските територии што денеска се наоѓаат под турска власт, ако едната од нив тоа го смета за спротивно на своите животни интереси како cazus belli.

Чл. 3 Двете страни се задолжуваат да склучуваат мир заеднички, само по претходна спогодба.

Чл. 4 За потполно и целосно исполнување на овој договор ќе се склучи Воена конвенција во која што исцрпно ќе се предвиди, се што е потребно, да се превземе од едната и од другата страна, во случај на војна. А така и се што, со оглед на војската и односните врховни команди, би требало да се утврди во мирно време за подготвување воена положба и за успешно водење на војната.

Воената конвенција ќе се смета за составен дел на овој договор. Со нејзиното изработување ќе се започне најдоцна 15 дена од потпишувањето на овој договор, а за нејзиното изработување се остава рок од најмногу два месеца.

Чл. 5 И овој договор и воената конвенција ќе влезат во сила од денот на нивното потпишување до 31 декември 1920 година заклучно. Само по дополнителна спогодба, изречно утврдена од двете договорни страни истите можат да продолжат и по овој рок. Но, во случај, на денот на истекувањето на договорот и конвенцијата, страните да се затекнат во војна или со уште не ликвидирана положба по војната, договорот и конвенцијата имаат сила се додека мирот не се склучи, а положбата што довела до војна не се ликвидира.

Чл. 6 Договорот ќе се потпише во два еднакви примероци, и двата на бугарски и на српски. Истиот ќе го потпишат владетелите и министрите за надворешни работи. Воената конвенција, исто така во два примероци и двата на бугарски и на српски, ќе ја потпишат владетелите, министрите за надворешни работи и специјални воени полномошници.

Чл. 7 Договорот и конвенцијата можат да се објават или да им се соопштат на други држави само по претходна спогодба на двете договорни страни и тоа заедно и истовремено. Исто така, само по претходна спогодба, ќе можат да се примат во сојуз и друга држава.


Составен во Софија, на 29-ти февруари 1912 година


Ив. Е. Гешов М. Миловановиќ


(Уговор о пријатељству и савезу измеѓју Краљевине Србије и Краљевине Бугарске и тајни додатак томе уговору, 29 II 1912,-Архив Војно-историјског института-Београд.)


1Види: Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава, том први, Скопје, 1981, 533-535.