Македонија во билатералните и мултилатералните договори на балканските држави 1861-1913, документ бр.47
ПРОТОКОЛИТЕ НА МИРОВНАТА КОНФЕРЕНЦИЈА ВО БУКУРЕШТ, 17-ТИ/ЗО-ТИ ЈУЛИ ДО 28-МИ ЈУЛИ/10-ТИ АВГУСТ 1913ГОДИНА
ПРОТОКОЛ БР. 1 од седницата одржана во среда на 17-ти/30-ти јули 1913 година, во Букурешт во Министерството за надворешни работи
Присутни:
За Бугарија:
Н.Е. г. Димитар Тончев - министер на финансии, генералот Иван Фичев - Шеф на Генерлштабот, г. Симеон Радев и Константин Станчов - генералштабни полковник.
За Грција:
Н.Е. г. Елефтерос Венизелос - претседател на владата, Н.Е. г. Д. Панас-ополномоштен министер, г. Николас Политис-професор по меѓународно право на Парискиот универзитет и капетанот К. Пали.
За Црна Гора:
Н.Е. г. Јанко Вукотиќ - генерал сердар, претседател на министерскиот совет и воен министер и г. Јован Матановиќ - поранешен вршител на работите.1
За Романија: . Н.Е. г. Т. Мајореску - претседател на министерскиот совет и мини-стер за надворешни работи, Н.Е. г. Алекс. Маргиломан-министерот за финансии, Н.Е. г. Таке Јонеску - министер за внатрешни работи, Н.Е. г. К. Дисеску - министер за просвета и црковни прашања, К. Коанда- дивизиски генерал аѓутант, главен инспектор на артилеријата и К. Кристеску - заменик Шеф на генералштабот.
За Србија:
Н.Е. г. Никола Пашиќ - претседател на министерскиот совет и ми-нистер за надворешни работи, Н.Е. г. Михаило Ристиќ - вонреден пратеник и ополномоштен министер на Србија во Букурешт, Н:Е: г. Д-р Мирослав Спалајковиќ - ополномоштен министер, полковникот К. Смиљаниќ и потполковникот Д. Калафатовиќ.
Делегатите влегуваат, седницата започнува денес 17/ 30 јули, во 16 часот.
Господинот Пашиќ предлага г. Мајореску да претседава на Конференцијата. Предлогот е примен со живо одобрување на сите делегати. Господинот Мајореску го прифати да претседава додавајќи:
“Господа, Си земам слобода да Ви ги предложам: за шеф на секретаријатот на Конференцијата г. А. Писоски - помошник министер, дипломатски агент на Романија во Каиро, за втор секретар г. Ј. Филитил - шеф на Политичкото одделение на Министерството за надворешни работи и, за нивни помошник, г. Н.Е. Лаховари - секретар на пратеништвото. Секретарите на делегациите на другите завојувани држави ќе им помагаат во нивната работа. А тоа се господата: Д. Свилкосиќ - прв секретар на пратеништвото, д-р М. Гавриловиќ - секретар на Министерството за надворешни работи, Т. Папазов - правен советник на Бугарската делегација и Михаило Цамадос - секретар на Грчката делегација.
Откако беше прифатен предлогот членовите на Секретаријатот беа воведени и претставени на Конференцијата. Претседателот ги повика своите колеги да ги предадат своите полномоштва на шефот на Секретаријатот за верификација до следната седница.
Господинот Мајореску го чита својот говор:
“Господа, Мојата прва и најпријатна должност е да Ви посакам добредојде во името на Кралот, мојот возвишен господар, и да Ви заблагодарам на срдечноста со која го прифативте предлогот да дојдете во Романија и овде да се обидете да разрешите сериозни прашања што ќе имаат решавачко влијание за иднината на државите застапени на оваа конференција.
Јас сум убеден дека сите ние сме вдахновени со желбата корисно да го приведеме до крај делото за кое што сме собрани и да обезбедиме на христијанските народи, со прелиминарна Конвенција или со дефинитивен договор, траен мир заснован на правична рамноправност меѓу нашите држави. Добар знак дека ќе ја извршиме својата задача ќе биде ако уште на оваа прва седница се договориме за една претходна мерка: најитна и најважна. Мислам на потребата за запирање на непријателствата. Во моментот кога се собравме да преговараме за условите за мир, прифатливи за сите страни во војната, верувам дека извршувам човечка должност ако Ви предложам запирање на непријателствата за најмалку 5 дена."
Во името на сојузниците зема збор г. Венизелос:
“Господа, Во името на делегациите на сојузничките држави се заблагодарувам на Н.Е. г. претседател на изразите за добредојде што ни ги искажа. Го молам да го пренесе на Н. В. Кралот со изразите на нашето длабоко почитување на неговата возвишена личност и уверувањето за нашата благодарност за гостопримството со кое што сме почестени. Среќни сме што се собравме во оваа убава престолнина и сме трогнати од симпатиите со кои што сме примени од Владата и романскиот народ. Во Букурешт дојдовме со силна желба брзо да склучиме траен мир заснован, како што многу убаво рече г. претседател, на правична рамнотежа. Делегатите најдобро ќе одговорат на чувствата со кои се вдахновени прифаќајќи го дадениот предлог за моментален прекин на непријателствата. А тоа ќе биде добар знак за подоцнежната работа на Конференцијата."
Бидејќи предлогот на г. Мајореску беше примен едногласно, воените делегати се замолени веднаш да ги утврдат потребните поединости за извршување на оваа одлука на Конференцијата и за тоа да состават записник.
Збор зема г. Тончев, делегатот од Бугарија:
"Господине Претседателе, Ви благодарам на желбите за добредојде и на вашите љубезни зборови. Бугарската делегација, што имам чест да ја претставувам, овде дојде со цврста и искрена желба да склучи мир. Со наша добра волја ќе излеземе во пресрет спонтано на секоја иницијатива што би водела кон тоа на Балканот да се воспостави траен поредок. Среќни сме што за оваа работа сме повикани во престолнината како што е Букурешт во кој што секогаш доминантно било европското сфаќање на работите. Се надевам дека сите ние ќе се погрижиме тоа сфаќање да превагне и во нашите преговори како гаранција за правичност и трајност на нашите одлуки."
Седницата е прекината за да им се даде можност на воените делегати да состават записник за запирање на непријателстата.
На продолжението на седницата генералот Коанда го чита записникот што е одобрен од Конференцијата и приложен кон овој Протокол.
Седницата заврши во 17 часот и 15 минути.
Потписници: Т. Мајореску, Д. Тончев, генерал Фичев, С. Радев, потполковник Станчев, Е.К. Венизелос, Д. Панас, Н. Политис, Пали, генерал Сердар Вукотиќ, Јован Матановиќ, Ник. П. Пашиќ, М. Г. Ристиќ, М. Спалајковиќ, пуковник Смиљаниќ, потпуковник Д. Калафатовиќ, А. Маргиломан, Таке Јонеску, К. Г. Дисеску, генерал аѓутант Коанда, пуковник К. Кристеску.
(Уговор о миру од 28 јула (10 августа) 1913. Српско- црногорски споразум од 30 октобра 1913. Српско - грчки споразум од августа 1913, Београд,1914 с.1-5)
1 Вршител на работите во Цариград.