Македонија во билатералните и мултилатералните договори на балканските држави 1861-1913, документ бр.5

ДОГОВОР за сојуз помеѓу Кралството Грција и Кнежевството Србија од 26-ти август 1867 година


Во името на Светото Тројство.


Неговото Височество кралот на Грција и Неговата Светост кнезот на Србија земајќи во предвид дека состојбата на работите на Исток создава за нив права и обврски, дека положбата на христијанските народи на Исток е неподнослива, дека тие народи мораат да се ослободат и да ја решат својата иднина дејствувајќи заедно независно од секаква надворешна интервенција, дошле до убедување дека треба да се постигне согласност за средствата и да се постише спогодба меѓу христијаните, за мерките што треба да се преземат за да се остварат нивните легитимни желби. Затоа Неговото Величество кралот на Грција и Неговата Светост кнезот на Србија, согледувајќи ја несредената ситуација во Османлиската империја која може да доведе и до оружена агресија на турски сили против Грција и Србија, сметаа за своја должност да се договорат со оглед на таквата евентуалност. Затоа се одлучија за склучување договор за сојуз и заради тоа именуваа свои полномошници:

Неговото Височество кралот на Грција:

Господинот Петро А. Занос, пратеник во парламентот.., а

Неговата Светост кнезот на Србија:

Господинот Милан А. Петронијевиќ, државен потсекретар во Министерството за правда...

Кои, откако ги размениле своите полномоштва и констатирале дека се е во ред, склучија Договор за сојуз како следува:


Чл. 1 Високите договорни страни се обврзуваат дека ќе работат постојано на тоа да се реализира целта на сојузот, користејќи ги за тоа сите средства што им стојат на располагање. Освен во случај предвиден во чл. 3 - објавување војна на Турција, што ќе се направи по заедничка согласност и договор.

Чл. 2 Високите договорни страни се обврзуваат да ги забрзаат своите воени подготовки за да обезбедат успех на делото за кое што сакаат да работат. Србија се обврзува да има подготвени 60.000 луѓе, без резервите, и тоа во месец март 1868 година. Грција се обврзува во истото тоа време да има под оружје и подготвени 30.000 луѓе и што посилна флота.

Чл. 3 Во случај територијата на едната од високите договорни страни да биде нападната од страна на Турција, пред терминот определен во чл.2 односно пред март 1868 година, ненападнатата страна е должна, без да влезе формално во војна со Турција, да и даде поддршка на другата, нападната страна со сите други можни средства, дејствувајќи така како кога би била во непријателство со владата на Турција. А кога ќе настапи определениот термин и двете страни се обврзани да влезат во војна во случај ако Турција би нападнала само една од нив.

Чл. 4 По започнувањето на непријателствата високите договорни страни се обврзуваат да дејствуваат со сета сила за ослободување на сите христијански народи во Европска Турција и на островите од Архипелагот. Ако се појават тешкотии што би го спречиле остварувањето на целите за кои што е склучен сојузот, секоја од договорните страни може да се повлече од војната и да го остави оружјето само ако на својот сојузник може да му ги обезбеди следниве резултати:

За Неговото Величество кралот на Грција: ослободување и присоединување на Кралството Грција: Епир и Тесалија.

За Неговата Светост кнезот на Србија: ослободување и присоединување кон Кнежевството на Босна и Херцеговина.

Чл. 5 Доколку се појават околности од претходниот член сојузот меѓу Грција и Србија ќе остане ненарушен и нераскинлив. Двете држави, кога околностите тоа ќе го допуштаат, веднаш ќе го земат оружјето и ќе влезат во војна, според заедничкиот договор, што ќе трае до целосното остварување на целта на нивниот сојуз.

Чл. 6 Двете договорни страни се обврзуваат по започнувањето на војната да не склучуваат мир ниту примирје пред да се постигне целта на сојузот,освен во случај на посебен меѓусебен договор. Сепак, на двете високи страни ќе им биде дозволено да склучат прекин на борбите.

Чл. 7 Ако во случај со војната целосно се реализира целта или се постигне повеќе од предвиденото со чл. 4, високите договорни страни го задржуваат правото посебно да се договораат и да склучуваат специјален договор за определување на нивните граници и за натамошните нивни взаемни односи, за на тој начин со траен сојуз да се обезбеди делото на нивните заеднички напори. Меѓутоа, уште сега е договорено дека нема да се испушта од предвид респектирањето на волјата на народите кои, бидејќи припомогнале во борбата со оружје в раце, свечено да изразат желба да се присоединат на едната или на другата од високите договорни страни или да формираат самостојни или конфедерални држави. Во последниов случај Уставот, според кој што би се управувала конфедерацијата, ќе биде разгледуван и утврден со заедничка согласност на Грција и Србија и земјите кои што ќе членуваат во Конфедерацијата.

Чл. 8 Високите договорни страни заедно и одделно да работат, секоја со средствата со кои располага, на тоа големите пријателски сили да го присратат принципот дека христијаните на Исток си припаѓаат себе си. Следствено на тоа тие се обврзуваат да се спротивстават со сите расположиви сили и средства што заеднички ќе ги комбинираат, на било какво распарчување на Европска Турција кога и било кој дел од оваа територија би преминал под власта на некој странски суверен.

Чл. 9 Високите договорни страни ветуваат дека ќе дејствуваат за подигнување на ослободителниот дух кај христијанските народи со кои секоја од нив респективно е поповрзана со цел нивно придобивање во сојузот и нивно подготвување за борба. Исто така се обврзуваат дека во дадениот момент ќе ги снабдат, секоја според своите можности, со оружје и со боева муниција.

Чл. 10 Двете страни се обврзуваат истовремено да работат и, со средствата со кои што располагаат, за успехот на потпирањето на сојузот на Албанците.

Чл. 11 Двете страни исто така ќе работат заеднички за придобивање на Романија во сојузот. Србија презема на себе посебна обврска да ја придобие Црна Гора да пристапи кон сојузот.

Чл. 12 Високите договорни страни заемно си ветуваат помош и поддршка, како за време на војната така и за време на преговорите за мир.

Чл. 13 Ниту една од договорните страни не ќе може да склучува сојуз со некоја странска држава што би се однесувал на предметот на овој договор, без знаење на другата страна.

Чл. 14 Двете договорни држави ќе се договорат да склучат што побргу воена конвенција со која посебно би се регулирало се што се однесувало за воените дејства на сојузничките армии, како и линиите што, заради општиот интерес, мораат да се држат.

Чл. 15 Овој договор ќе остане таен.

Чл. 16 Овој договор ќе стапи во сила од денот кога ќе биде ратификуван од Н.В. грчкиот крал и од Н. С. кнезот на Србија.

Чл. 17 Ратификациите ќе се разменат во Атина во рок од 6 седмици.


Така респективните полномошници го потпишаа овој договор и ги ставија своите печати.


Составен во Веслау, близу до Виена, на 14/26-ти август 1867 година.


М. А. Петронијевиќ П. А. Занос


(Г. Јакшић-В. Вучковић, Спољна политика Србије.., 510 - 513)