Македонија во билатералните и мултилатералните договори на балканските држави 1861-1913, документ бр.6
ВОЕНА КОНВЕНЦИЈА склучена помеѓу Кралството Грција и Кнежевството Србија, на 16-ти февруари 1868 година во Атина
Врз основа на чл. XIV од Договорот за сојуз, потпишан на 14 август 1867 година помеѓу Кралството Грција и Кнежевството Србија, двете влади, бидејќи се договорија да склучат воена конвенција за извршување на споменатиот договор, именуваа ад-хок двајца свои делегати; грчката влада г. Николас Манос - генералштабен мајор а од српската влада г. Фрањо Зах - артилериски потполковник, кои се спогодија како што следува:
Чл. 1
Средства.
Според чл. II од споменатиот договор и протоколот од 10 јануари
1868 година Србија ќе има, кон крајот на август 1868 година, војска од 60.000 луѓе воено подготвени и резервен состав од 20.000 луѓе. Војската ќе биде составена од пешадија, коњаница, артилерија, инжинерија и соодветен санитетски и административен персонал. Во редот на тие различни видови оружја во артилеријата ќе има по два одделни топа на 1.000 луѓе од кои што секој ќе биде снабден со по 250 топовски зрна. Коњаницата ќе брои 1/20 -тина а инжинеријата 1/30 -тина од војската. Пешадијата и резервниот состав ќе бидат вооружени со пушки со по 120 куршуми на човек и храна за 4 месеци што ќе биде готова во моментот при започнувањето на војната.
Грција од своја страна ќе има, во исто време, војска од 30.000 луѓе, сметајќи го тука и резервниот состав со, исто така, различни видови оружја чија што артилерија ќе биде во сооднос од два одделни топа од 1.000 војници од кои што секој ќе биде снабден со по 250 топовски зрна. Војската ќе биде снабдена со потребната храна и оружје.
Чл. 2 Офицери и мисии. Грчката и српската влада ќе именуваат офицери кои ќе бидат испратени во Белград и во Атина чија што задача ќе биде да го обезбедат извршувањето на договорените воени подготовки а во исто време да служат како посредници во меѓусебните комуникација на двете влади пред и во време на војната.
Чл. 3 Времето за почеток на војната. Точното време на започнувањето на војната ќе биде определено со заемен договор на двете влади, според одредбите од Договорот за сојуз и протоколот.
Чл. 4 Востанички чети. Организирањето на востаничките чети ќе биде вклучено во подготовките за војна. Грција и Србија ќе организираат, во најголема тајност секоја од своја страна, доброволни корпуси од по, приближно, 5.000 луѓе.
Чл. 5 Почеток на војната. Борбата ќе ја започнат востаничките чети. Истите ќе имаат за задача да им дадат потребни средства на Христијаните и да ги поттикнат на општо востание. Тие одреди подоцна ќе водат четничка војна против турската војска.
Чл. 6 Ненадејно и итно поаѓање на четите Во сличај предвиден со чл. III од споменатиот Договор, кога територијата на едната од договорните држави ќе биде нападната од Турција, пред објавувањето на војната или пред моментот определен за почеток на борбите, другата, ненападнатата страна, ќе биде должна, покрај мерките што ќе треба да ги преземаат според одредбите од тој член, против напаѓачот да испратат востанички чети или веќе организирани доброволци или ако такви не се организирани да преземаат најитни мерки за нивно организирање и за нивно влегување во борбата.
Чл. 7 Воиште Според одредбите од чл. III на споменатиот Договор целата Европска Турција ќе биде општо заедничко воиште за комбинирани акции на двете сојузнички војски, со исклучок на поморската војна што Грција ќе ја води сама според свое наоѓање.
Чл. 8 Стратегиски операции. Бидејќи стратегиските операции на грчката армија во Епир и Тесалија како и стратегиските операции на српската армија во Босна и Херцеговина не можат да бидат однапред утврдени ниту уредени со оваа конвенција, е постигнат договор секоја од договорните страни да дејствува според воениот план што ќе и се чини поповолен и попристапен за постигнување на поставената цел.
Чл. 9
Стратегиското гледање на земјите што се наоѓаат помеѓу Грција и Србија.
Бидејќи оделените позициите на секоја од двете сојузнички војски на почетокот од војната, а може и за целото времетраење на првите борби, да ја наметне потребата претходно и продлабочено да се испита стратегиското значење на земјите што се наоѓаат помеѓу Грција и Србија што ги формираат долините на Вардар и Дрим, се согледува дека:
а) Турците, најверојатно, во тие подрачја ќе создадат свои бази за операции против Грција и против Србија, дејствувајќи со сите три дивизии: северната, што го покрива Косово Поле и Овче Поле, средната, што ја покрива долината на р. Црна (притока на Врадар) помеѓу Пелистер и Бабуна и јужната, која го покрива рамничарското подрачје помеѓу устијата на Вардар и Бистрица.
б) Главни стратегиски точки се Солун, Битола, Велес (мостот пре-ку Вардар), Скопје (Мостот преку Вардар), Куманово, Призрен и Приштина, чиј што главен центар е Битола.
в) Според тоана/голема важност требада седаде на комуникациите што водаткон Битола, посебно на патиштата што водатод Солун, Велес и Охрид.
Врз основа на ова се дојде до следниве заклучоци:
а) На Грција и се паѓа делот да се погрижи за јужната дивизија а пред се да ги прекине патните комуникации кај Солун што оттаму водат кон Битола.
б) Србија има обврска да ги прекине патните комуникации што водат кон Велес.
в) Албанија со својата местоположба е повикана да ги затвори патните комуникации што водат од Јадранско Море кон Вардар и Дрим (Црн и Бел Дрим) а посебно тие кон Битола.
Чл.10 Значењето на Албанија. Бидејќи е признато големото значење на соработката на Албанија со оваа конвенција е договорено дека грчката и српската влада ќе настојуваат со сите можни и практични средства да се реализира чл. X од договорот.
Чл. 11 Востанието на Бугарите. Бидејќи исто така е призната ползата од востанието на балканските Бугари договорено е Србија да влијае со сите средства на споменатото население да го поттикне дасе крене со оружје и на тој начин да изврши една посилна диверзија што, неспорно, би имала многу значајно влијание за успехот на војната.
Чл. 12 Запирање на борбата. Врховните команданти на сојузничките армии ќе имаат право да склучат запирање на борите и тоа само локално и со многу ограничено времетраење. Таквото запирање на борбите во никој случај нема да има карактер и важност на примирје што, според чл. VI од договорот, може да биде склучено само со заемен посебен и претходен договор.
Чл. 13 Телеграфските линии. Грчката влада се обврзува сета своја телеграфска мрежа да ја поврзи со телеграфската мрежа на Италија.
Чл. 14 Тајност на конвенцијата. Оваа Конвенција ќе остане тајна.
Чл. 15 Ратификација на конвенцијата. Оваа Конвенција ќе стапи во сила и ќе има важност од денот на ратификувањето на истата од воените министри на Грција и Србија.
Чл. 16 Размена на ратификациите. Ратификационите документи ќе бидат разменети најдоцна во рок од 3 месеци од денот на потпишувањето на оваа Конвенција.1
Двајцата делегати ад-хок ја потпишаа оваа Воена конвенција и на истата ги ставија своите печати.
Во Атина, на 16-ти февруари 1868 год.
Фр. Зах
артилериски потполковник
Н. Манос
генералштабни мајор
(Гргур Јакшић, Из новије српске историје. Абдикација Краља Милана и друге расправе, Београд, 1953, 51 - 53)
1 Воената конвенција била ратификувана во Белград на 4 мај 1868 година и со тоа бил означен почетокот на стапувањето во сила на истата.