Македонија во билатералните и мултилатералните договори на балканските држави 1861-1913, документ бр.61

ЗАПИСНИК од состанокот на воените делегати на завојуваните држави за склучување примирје на неопределено време1, 25 јули/7 август 1913 година


Согласно со одлуката на Конференцијата, донесена на претпладневната седница од 25 јули (7 август) 1913 год., за склучување примирје на неопределено време, воените делегати се спогодиле за следните услови:

1. Примирјето ќе стапи во сила од петок 26 јули (8 август) на пладне (по средноевропско време). Единиците на страните во војната ќе се повлечат на подолу одбележаните линии: за Грција, Црна Гора и Србија. Демаркационата линија ќе биде линија на новите граници утврдени со записникот од 21 јули (3 август). Демаркационата линија за делот запоседнат со оперативни единици ќе биде одбележана со линијата: Систов - Ловча - Турски - Извор - Глозен - Златица - Мирково - Араба - Конак - Орханија - Мездра - Враца - Берковица - Лом.

2. Единиците на страните во војната што се наоѓаат надвор од овие линии ќе се повлечат, веднаш по потпишувањето на договорот.

3. Месните власти во окупационите зони ќе продолжат со работата под контрола на централната власт на државата на која ќе и припаднат тие места.

4. Воените власти во окупираната зона ќе ги користат железниците до целосното повлекување на единиците, без надоместок на државата на која што железничките линии и припаѓаат.

5. Болните и ранетите војници ќе бидат под заштита на воените власти на државата што ја имаат контрола над таа област.

6. Одредбите од 1 и 2 ќе станат извршни единствено во случај ако со договорот за мир се предвиди прво демобилизација на бугарската војска.


Во потврда на тоа што е презентирано е составен и потпишан овој записник на 25 јули (7 август) 1913 год., во Букурешт.


Потписници:

Генерал Коанда.

Генерал сердар Јанко Вукотиќ.

Генерал Фичев.

Потполковник Станчов.

Капетан Пали.

Полковник К. Смиљаниќ,

Потполковник Д. Калафатовиќ,

Полковник К. Ќристеску.


( Уговор о миру.., 50 )


1 Документот е прилог Е кон Протоколот бр. 9.