Македонија во билатералните и мултилатералните договори на балканските држави 1861-1913, документ бр.63

НАЦРТ НА ЧЛЕН ИЛИ ПРОТОКОЛ за репарации предложен од грчката делегација, 1913 година1


Бугарската влада прифаќа на териториите на Македонија анектирани од Грција да ја надомести штетата што ја направиле нејзините оружени сили; регуларни и нередовни, на градското население и на приватните и јавни имоти, спротивно на законите и обичаите на сувоземната војна.

Во рок од ... месеци, сметано од денот на размената на ратификациите на Договорот за мир, ќе се пристапи кон формирање на анкетна и арбитражна мешовита комисија која на теренот ќе ги утврди и процени штетите што, според одредбите 1 и 2 ќе се надоместат. Оваа комисија ќе биде составена од 5 членови определени како следува: владите на Бугарија и Грција ќе одредат по 1 член, а 3 владите на државите од средна или северна Европа, освен владите на Големите сили, кои ќе бидат замолени од владата на Романија, во името на високите договорни страни, секоја од нив да именува по еден од трите членови.

Членовите именувани од владите на третите држави, ќе изберат со ждрепка еден од нив за претседател на комисијата.

И ако една од високите договорнички страни задоцни со именување свој член или ако тој се воздржи, комисијата ќе продолжи со својата работа и ќе ја изврши својата должност до крај.

Комисијата ќе има целосна слобода во истрагата и во одредувањето на износот што едната на другата страна би и била должна.

Комисијата ќе се придржува, колку што тоа ќе биде можно, на одредбите од Хашката конвенција од 18 октомври 1907 година за мирно регулирање на меѓународните судири што се однесуваат на меѓународните анкетни комисии и за куса арбитражна постапка.

Секоја од високите страни во договорот ќе може да има по еден свој повереник при комисијата кој ќе ја претставува.

Комисијата ќе пристапи, ако за тоа има место, кон компензација на утврдените износи и ќе го определи денот и модалитетите на исплатата.

Секоја од страните ќе го плаќа својот член и повереникот. Наградувањето на третите членови и сите трошоци на комисијата ќе се стават со извршната пресуда на товар на секоја од високите страни во договорот пропорционално на износот со кој комисијата ќе ги задолжи.

(Уговор о миру ...60 – 61)

1 Приложен кон Протоколот бр. 10