Мелас е натажен до смрт

Мелас е натажен до смрт

Многу сум преморен - пишува – опинците ми ги изранија нозете, имам болки во грбот, моите фишеклаци, ранецот, револверот, притискаат и страшно ме боли половината, појасите од двогледот и од чантата ми ги сечат рамењата. Но, идејата да се качи на коњот, сепак, не ќе му излезе на добро. Бев качен на коњот, ама по малку се урнав сосе него на каменливиот пат недалеку од с. Крања. По сево ова, тој и се исповеда на жена си, велејќи дека многу посакува да завршат неговите маки и да се врати кај своето семејство: Си се замислувам себеси дека се враќам во своето гнездо, признава тој. Поминуваат надвор од Крања, ја минуваат реката Венетико и на крајот застануваат да се одморат по 13-часовно пешачење.

НЕДЕЛА, 29 август

Заробуваат двајца овчари Саракачани и се договараат со нив да купат а) дваесет оки пченкарно брашно и сирење; б) да ги префрлат до некое друго бачило каде што ќе најдат месо да јадат и нов водич за да го продолжат патот; б) со задоцнување Саркачаните да им дадат абер на Турците (што значи да го предадат минувањето на одредот), така што да не посака единицата за прогон да излезе во потера! Рано вечерта еден старец, овчар ги носи во друго саракачанско бачило, три часа понатаму, каде што ќе купат, ќе испечат и ќе изедат две овци. Потоа се одмораат во подножјето на една планина.

ПОНЕДЕЛНИК, 30 август

Напладне пак купуваат јадење од бачилото и се договараат од двајца овчари да ги водат, откако откриле дека ограбувачот Танасис Вагијас, калаузот што го беше примил Мелас, дезертирал и го зел со себе и оружјето што му било дадено. Подоцна се дознало дека Вагијас отишол во Гревена и ги предал на Турците.

Мелас разочаран од нивната состојба ѝ пишува на својата жена: Принудени сме при секој наш марш да се обраќаме до овчарите. До денешен ден околу 20 луѓе знаат за нашето постоење. Изминаа 4 дена и се наоѓаме уште многу далеку од Самарина. Под вакви услови може да ни се случи нешто непријатно. Чувствувам дека моиве момци почнаа да се разочаруваат и го губат својот морал, а и имаат право. Ниту еден час не сме оделе по каков било пат. Постојано се качуваме и се спуштаме по планини, долини итн., нашите нозе, прстите и посебно нашите колена не си ги знаеме, Кацамакас, воопшто не го знае патот што води до Самарина.

Тргнуваат рано попладне и на полноќ заробуваат четворица овчари Власи. Им рековме, пишува Мелас, дека сакаме водич за да ни покаже некој пат кон местата на Епир. Сите се преправаат дека не им е познат теренот. Тогаш Кацамакас им рече: -Ќе земам еден од вас со мене и ако не го знае патот, ќе го заколам и ќе се вратам да ја заколам и вашата стока. И веднаш ни најдоа еден млад човек. Го продолжуваат патот со нов водич и застануваат да се одморат на разденување.

ВТОРНИК, 31 август

Купуваат храна (месо, леб и сирење) од конаците на некој Влав, голем сточар, познат на Кацамакас и изнајмуваат двајца овчари за местата околу Самарина. Тргнуваат рано напладне, но по петчасовно пешачење, водичите запират и им велат дека не им е познат патот понатаму. Ме опфати револт поради нивната магарштина забележува Мелас, затоа што сигурно добро го знаат патот, но сакаат да ја избегнат маката. Запленуваат еден бичкиџија, кој ги води близу до селото Бразја, каде што ќе останат до пред разденување.

СРЕДА, 1 септември

Рано утрото кога ќе се разбудат, ќе видат дека го нема Јанис Каравитис. Тој заспал во текот на некој одмор на групата, претходната вечер, без никој да знае за тоа. По повеќечасовно скитање, во потрага на другите, тој стигнал кај некои влашки конаци, каде што заканувајќи се со оружјето го изразил својот патриотски идентитет и почнал со националистичката проповед:

Започнав со појаснување на целта на мисијата на единицата на Мелас. Потоа им реков дека ја загубив единицата, но сточарот без возбуда од мојата патриотска реторика ми рече: - Смирете се, бре деца, оставете го народот да живее во мир. Потоа го слушнал сточарот како зборува со своите на друг јазик. Изнервиран од однесувањето на Власите Каравитис, избувнува викајќи: Кажи ми бре, куче, што сте вие и дали има Грци на ова место? Бев веќе надвор од себе, продолжува, затоа што сум тргнал да загинам за Грците во Македонија, а сега каде и да се појавував сакаа да куртулат од мене и да ме предадат.

Конечно групата ќе го пронајде Каравитис во конаците доцна вечерта. Таму Мелас дознава дека Власите ги беа известиле Турците во Самарина за случајот.

Разочаран Мелас ѝ пишува на жена си: Веќе цела недела сме во движење и сè уште се вртиме околу Самарина, а секој поминат ден и драгоценото загубено време сè повеќе нè изложува на опасност од предавство или поткажување. Кон сево ова треба да се додаде и ревматизмот на моето лево рамо, кој доста многу се заостри. А за својата душевна состојба ќе забележи: Натажен сум до смрт.

За видливата телесна истоштеност на Мелас и за проблемите што и ги создава на неговата група, разобличувачки се, исто така, коментарите на Каравитис:

Нашиот командант одвај ги влече своите нозе и тоа негово тешко движење е нешто очајно. Ако не начека некаде некој одред за прогон, ние сите сме осудени да загинеме неславно.

ЧЕТВРТОК, 2 СЕПТЕМВРИ

Еден старец Влав овчар оди во Самарина (растојание околу два часа пат) за да пренесе повик за помош до еден пријател на Кацамакас, но ќе се врати напладне без да постигне нешто. Не го нашол, вели, но верувам дека таму бил, коментира Мелас. Трагаат да запленат други овчари, кои го знаат патот за Костур. Наоѓаат двајца браќа Власи и го земаат едниот за водич, заканувајќи му се до смрт во случај да одбие. И згора на тоа држат заложник и еден млад овчар од кошарата каде што го беа нашле Каравитис. Тргнуваат кон север се до 3 часот наутро кога легнуваат да спијат.

ПЕТОК, 3 СЕПТЕМВРИ

На местото каде што се одморале до пладне го чекале водичот, кој претходната вечер отишол за да донесе некое животно на кое требало да ги натоварат своите работи. Иако му ветија една и пол лира, им стана јасно дека залудно се надеваат оти тој ќе се врати. Моите момци се меланхолични, пишува Мелас, а јас интимно веќе сум и натажен. Само тешкотии до овој час, не можам да мрднам од оваа благословена Самарина, иако пешачам веќе цели 7 дена.

Продолжуваат кон север се додека не пристигнуваат до една бичкија на погон со вода. Таму и покрај отпорот на работниците, и покрај заканата со оружје, земаат некој старец од селото Барбурскон (Барбурско) за водич и синот на сопственикот како заложник. И овие, како и сите водичи досега, во почетокот се преправаат дека не го знаат патот. Го продолжуваат својот пат и на разденување остануваат близу до селото Жупан.

САБОТА, 4 СЕПТЕМВРИ

Вечерта ќе заробат две жени и една група селани, кои отишле на некој панаѓур во околината. Тие ги воделе малку време додека не фатиле нови заробеници, еден Полјак и еден овчар, кои ќе ги донесат близу до селото Клепишта.

НЕДЕЛА, 5 СЕПТЕМВРИ

Рано навечер по дожд тргнуваат со цел да стигнат до една воденица близу селото Женско, каде што се наоѓало некое лице од нивна доверба, кое требало да им даде храна и да им укаже помош (воденичарот Анагностис Пападимитриу). Нивната мисија се крунисала со успех во 3 часот наутро, кога на крај го сретнале воденичарот и станале негови гости.

Бандата на Мелас се наоѓа на работ од физичката издржливост. Сите се намокрени до коска, повеќето ги зафати треска, пролив или настинка.

Јанис Каравитис за ова пишува во своите мемоари: Се случи да пешачиме десет дена во гркофона зона и да не можеме да видиме еден христијански пријател, освен еден воденичар, кој ни даде три леба и малку ракија и беше прогласен за рамноправен со пријателите.

Мелас им ја објаснува причината за непријателското однесување на христијаните во Македонија спрема нивниот одред, со некаква ретроспектива во минатото: Македонците имаат право да се сомневаат и да не им веруваат на андартите, исто како и на ограбувачите, односно да не прават разлика меѓу нив, затоа што секој пат кога Грција ќе тргне во војна против Турција, се создаваа и андартски единици, таканаречени орли, од кои на крајот, повеќето се менуваа во ограбувачи на богатите Македонци, кои требало да ги... ослободат. Сега кога ќе одиме во Вогацико (Богацко), ќе видите луѓе со исечени уши од прочуените ослободители.

Смртта на Мелас, која од страна на грчкиот национализам е користена како аларм за сеопшта агресија на банди од стара (јужна, з.н.) Грција против Македонците, во буквална смисла, претставува тотално исконструирана басна, голема историска лага што се репродуцира до денешен ден. Вистината ја кажува Петрос Хаѕитасис во 1927 година, како и старите македонски селани што со шепотење раскажуваат за убиството на Мелас од страна на неговите луѓе.