Мелас од Македонија сонува да се врати дома, во Атина

Мелас од Македонија сонува да се врати дома, во Атина

НЕДЕЛА, 22 АВГУСТ, (на грчка територија).

На сопругата Ната и го испраќа списокот на своите војници, за да им го даде на Балтаѕис и на Калапотакис. Препис од овој список денес се наоѓа во архивата на С. Драгумис. Освен горенаведените, во списокот се наоѓаат и имињата на Криќаните: Г. Стратинатис, Г. Зуридис, Марк, Папамаркакис, Ник, Халкиадакис, Јанис Каравитис, како и на луѓето од Сребрено: Димос Евангелу, Костис Нациос, Мицос Нолис, Г. Пападимитриу, на Кожанчаните Д. Плексас, К. Влаху. Т. Хараламбу, на Сјатистаните Д. Трапанѕас, Г. Лелекис, Андреас Каламбукас, Д. Трокас, на Г. Цанакас од Малатриа, на Д. Анастасиу од Зупани, на Г. Карајанис од Клиписти, на Г. Мацалис од Костенско, на Т. Стравонихопулос од Катафиги, Т. Веренѕиотис од Веренѕи, на Хр. Стефанопулос од Диската и на крај на познатиот Лакис Пирзас од Лерин.

Мелас од Ната, исто така, бара некому да не му ја покаже сликата што ја испраќа и ја преколнува да не се поколеба ако, не дај боже, се разболи или настрада некој од оние што ги сака, веднаш да го информира не само за да дознае туку за да остави сè и веднаш да се врати во Атина!

СРЕДА, 25 АВГУСТ (на грчка територија).

До својата сопруга испраќа едно писмо од Г. Цонтос (Вардас) коментирајќи: Те уверувам дека ова негово писмо многу ме охрабрува, затоа што првпат од туѓ човек (роднините не ги сметам) слушам дека нешто значи ова што го правам. Јас ти признавам дека никогаш не £ давав големо значење на оваа операција, и повеќе ја сметав за безнадежно движење и затоа толку многу се плашам. Но сега сè ми стана јасно и себеси се сметам за мошне значаен човек!

Паметот ми е уште во Атина. Со часовникот на рака се сеќавав, на сите соодветни моменти и часови од поминатиот вторник, односно на последниот ден што го поминав близу вас, моја Нато, мои дечиња златни! И уште еднаш плачам. Се бори интимно да биде самоуверен. Започнувам, -пишува, да имам поголема самодоверба во самиот себе. Но, сепак, останува повеќе подалеку од нив (од војниците) за да не се создаде голема блискост.

ПЕТОК, 27 АВГУСТ (манастир во Мерица, на грчка територија).

Ја облекува униформата на војвода и се појавува пред своите платеници да произнесе говор: Ја облеков мојата страшна долама и за првпат се појавив вооружен до заби пред војниците. Впечатокот беше добар, затоа што до тој момент ја носев одвратната капа од трска и панталоните на Рецинас и, секако, не им се допаѓав. Ги повикав веднаш и им говорев со сета страст и со сето срце за нашата кауза.

Јанис Каравитис во своите мемоари го опишува впечатокот што го остави говорот на Мелас кај монасите: Наспроти теориите за татковината на нашиот водач, калуѓерите овие негови говори ги сметаа за смешни, а нас, пак, за банда разбојници.

Во своето писмо од 27. 8., во постскриптум забележува дека претходната ноќ го запрел движењето на единицата, затоа што му било потребно еротски да размислува за својата жена!

Вчера точно во 8,30 часот вечерта издадов наредба за одмор за да седнам и да мислам на вас. Во тоа време вие сите сте околу масата и го славите твојот празник. Пиев за твоето здравје, се разбира, во тој момент и те бакнував и те благословував.

САБОТА, 28 АВГУСТ.

Ноќта на 27 кон 28 август единицата на Мелас ја преминува границата. Неговите момци по настојчиво барање како аванс добиваат една месечна плата. Од тројцата водичи што ги имал обезбедено Мелас, едниот воопшто не дошол, вториот се разболел и останал во манастирот, додека третиот, ајдукот Танасис Вагиас од селото Спилео изгледа дека не го познава добро теренот. И згора на тоа, на постојаниот водич Кацамакас во последен момент му текнува дека не го памти добро теренот. По долго многучасовно пешачење во густа шума, изутрината откриваат дека се вратиле назад на грчка територија на 600 метри од турската станица Острово! Се кријат до три часот попладне, а потоа продолжуваат пак. Во 5 часот попладне фаќаат некој селанец и го принудуваат да ги води до Крња. По 7 часа заробуваат некого од Божово и му ја земаат мазгата за да ги натоварат своите торби. Подоцна заплеснуваат и друг селанец кому му го одземаат коњот за да се качи на него Мелас и да се одмори оти не се чувствувал добро.