НЕВОЛНО СОГЛАСУВАЊЕ

Јане Сандански веднаш по дознавањето за српско-бугарската спогодба на своите соборци им изјавил дека не е можна спогодба меѓу Србите и Бугарите доколку не се работи за поделба на Македонија. Поради тоа, а следејќи ја и мислата на Гоце Делчев дека за Македонија е подобро да остане под турска власт отколку да ја распарчуваат соседите, Сандански бил против Балканските војни доколку тие не се водат за создавање на една балканска федерација. Таквиот став Сандански го искажал со зборовите: Тие што ќе дојдат да не’ ослободат, всушност ќе не’ поробат.

Покрај Јане Сандански, односно Серското крило на ВМРО, против Балканските војни биле и македонските социјалисти, Учителската организација и други. Тие ослободувањето на Македонија го гледале во можноста за создавање обласна самоуправа во Македонија во демократизирана Турција и во можноста за создавање независна македонска држава во слободна демократска заедница на балканските народи. Таквата идеја кај наведениве македонски сили била застапувана уште од периодот на Младотурската револуција.

Меѓутоа, непосредно пред Балканските војни, овие сили под влијание на соседните пропаганди во Македонија биле потиснати. Со оглед на тоа што во српско-бугарската спогодба, Бугарија се откажала од прелиминарниот Санстефански договор и поради тоа што на Македонија двете потписнички и’ ветувале автономија, сите македонски сили (ВМРО и МВК), па и Јане Сандански одлучиле да учествуваат во Балканската војна под бугарска Врховна команда. Сандански ги вклучил своите чети под команда на бугарската 7. Рилска дивизија.

Иако на договорите и на ветувањата на соседите не им верувал, Јане Сандански ги започнал подготовките за војна во услови кога Младотурците ги отфрлиле надежите и очекувањата и го заостриле теророт, и кога друга можност не постоела. Освен тоа, македонското револуционерно движење било разединето, па Серската група не можејќи да остане во средината, решила од сите зла да го избере најмалото да ја помогне бугарската царска армија. Според некои извори, Сандански се определил, во крајна линија, за соработка со Бугарија поради претпоставката дека Бугарија имала најголеми изгледи да ја заземе цела Македонија, со надеж на тој начин да ја зачува нејзината целост и единство, не откажувајќи се притоа од принципот Македонија на Македонците и од остварувањето на истиот. Меѓутоа, неговата определба за Бугарија и самите бугарски офицери ја сметале како сојузничка, односно како сила што ги координира содејствата со бугарската армија и што соработува во полза на заедничката победа врз турските сили.

Согледувајќи ја новонастанатата состојба, Серската револуционерна група: Јане Сандански, Александар Бујнов, Тодор Паница, Таската Серски и други, во почетокот на јуни во 1912 година одржале советување во Солун. На советувањето, покрај другото, било решено да земат активно учество во војната и за таа цел да заминат за Источна Македонија и да ги започнат подготовките. До септември во 1912 година веќе биле извршени организациските и логистичките подготовки. Во почетокот на септември, во Мелник било одржано второ советување, на кое се расправало за воените прашања.