Некои специфичности на колективизацијата на селото во Република Македонија 1949-1953 година

Колективизацијата на македонското село, спроведувана според советскиот модел на аграрот и со опробаните сталинистички методи, била една од мерките на југословенската аграрна политика која предизвикала далекусежни негативни последици во целокупниот развој на Република Македонија по Втората светска војна. Македонскиот селанец, по остварувањето на неговите национални (државност) и социјални права (праведна аграрна реформа), во годините на судирот на КПЈ со Информбирото, се соочи со суровоста на новопечените «народни» претставници за кои исполнувањето на партиската директива беше услов за напредузањето во државно-партиската хиерархија. Овие новопечени «народни» претстаници газеа врз честа и достоинството на селанецот и со примена на психолошка и физичка тортура го принудуваа да се откаже од својот вековен сон – парчето сопствена земја. Засилената колективизација се спроведуваше во периодот 1949–1951, односно 1953 година, а нејзиниот биланс беше бегство на селанството и од селото и од земјоделството и негово населување во приградските и градски населби, на градилиштата на првата петтолетка. Селата остануваа празни, а градовите се поселанчуваа.

Македонија го дочекува крајот на Втората светска војна како типично селанска земја, со три четвртини селско население, со екстензивно земјоделство и неразвиена индустрија кои, во текот на војната претрпеа огромни штети. Проектираната комунистичка визија на социјализмот требаше да се изградува врз недовршената капиталистичка индустријализација, врз неразвиени производни сили, т.е. како еден примитивен комунизам, оскуден во сите животни потенцијали. Ваквата објективна состојба, како и влијанието на општо прифатената тактика и стратегија на комунистичкото движење, го наметнувале прифаќањето на сталиновата шема на идентификација на социјализмот со индустријализацијата. Притоа, индивидуалните земјоделци биле ставен во арсеналот на «класните остатоци» кои, «партиската држава» на моменти селективно, а на моменти фронтално бара начини да ги надмине или во краен случај да изврши нивно економско осреднување во рамките на постоечката филозофија на егалитаризмот и тврдата уравниловка.

Во ситуација кога обновата на земјата и проектираната индустријализација директно зависеа од масовната подршка на селанството и од способноста на земјоделството, во недостаток на друга акумулација, да ги алиментира овие зафати, државно-партиското раководство покажува доза на реалност определувајќи се за аграрна реформа во која земјата се доделува во сопственост на земјоделците, т.е. на оние кои ја обработуваат. Со тоа, државата која се прогласи за «народна» излезе во пресрет на барањата на најшироките слоеви на селанството и ја обезбеди во неопходниот момент неговата подршка. Притоа, во ниеден момент, КПЈ не се откажала од планираната «социјалистичка преобразба на селото» во чии рамки, основни клетки на преобразбата беа Селските работни задруги (СРЗ).

Селските работни задруги, веднаш по војната, биле «самоникната појава» [1]. Во Македонија, тие се формирале на иницијатива на самите селани, помогнати од поедини активисти на Партијата, под името колективи. За разлика од некои други делови на Југославија, првите СРЗ во Македонија се формирале претежно на селанската ситносопственичка земја, а не на аграрно доделената [2] според Законот за аграрна реформа и внатрешна колонизација на НРМ [3]. Затоа, до крајот на 1947 година, СРЗ во Македонија се претежно мали, задруги на сиромашни, малуимотни селани. Во текот на 1948 година се формираат повеќе СРЗ кои во својот состав имаат околу 100 домаќинства, но нивниот просек главно изнесува околу 30 домаќинства [4]. Во 1945 година во НРМ биле формирани само 6 СРЗ, во 1946 година 31 СРЗ, во 1947 – 79 СРЗ. Меѓутоа, ако го следиме порастот на бројот на СРЗ во текот на 1948 година, може да видиме дека до 31. 07. 1948 бројот на СРЗ изнесува 106 што е незначителен пораст во однос на 1947 година, додека до крајот на 1948 нивниот број пораснал на 237, односно за повеќе од 100 новоформирани СРЗ [5].

Формирањето на колективите било една од главните задачи на Партијата и успехот во таа работа се идентификувал со изведување на «револуцијата до крај на село». Борејќи се за таа долгорочна цел, во периодот од ослободувањето до судирот со ИБ, КПЈ настапува мошне претпазливо, сообразувајќи ја својата тактика според дадените објективни општествено-економски услови и според расположнието на селанството кое не било подготвено да се откажува од својот приватен посед во интерес на колективите. Заостанатоста на селото, длабоко вкоренетиот ситносопственички менталитет на селаните, конзервативизмот и недовербата кон секој нов начин на обработка на земјата, тешкотиите во обезбедувањето со посовремени средства за производство, отпорите и тоа не само на побогатите селани како што официјално се оценувало, биле само дел од причините кои наметнувале постепеност во мерките на планираната «социјалистичка преобразба» на земјоделството. Таа постепеност била конкретизирана во постоењето на разни типови на задруги кои, секоја на свој начин, требало да делуваат во правец на унапредување на земјоделството и да им овозможат на селаните да се запознаат со «предностите на заедничката работа и на крупните земјоделски стопанства». Она што се случи по Вториот пленум на ЦК КПЈ од јануари 1949 година [6], како одговор на сталиновите критики на југословенската аграрна политика, претставува крајно лево свртување од таа глобална политика. Нешто подоцна, на 25. 04. 1949 бил одржан и Вториот Пленум на ЦК КПМ, кој на македонските комунисти им ги дал истите насоки за работа на село како и Пленумот на ЦК КPJ [7].

Врз основа на Одлуката на Вториот пленум на ЦК КПЈ, во Македонија биле формирани Комисија за село при Централниот комитет на КПМ [8] и комисии за село при околиските и месни комитети по градовите [9]. Основна задача на Комисијата за село при ЦК КПМ била да го контролира правилното спроведување «на линијата» на партијата на село и да им помага на надлежните државни и задружни органи во нивното извршување на задачите во «социјалистичката реконструкција на земјоделието по пат на земјоделско задругарство» [10]. Меѓу другото, таа добила задача да се грижи и за чување на принципот на доброволност при создавањето на СРЗ, да «внимава и да не секташи» при изборот на типот на задругата [11] и «будно» да го следи «држењето на партиските организации и членови на Партијата во однос на селските работни задруги». Притоа, не можеле да останат во редовите на Партијата, не само оние што го спречувале создавањето и омасовувањето на СРЗ, туку и оние кои не влегле во задругата во своето село. Влегувањето на комунистите во СРЗ било задолжително и во спротивно «таквите луѓе треба да се искључуват од Партијата» [12].

Силната, сестрана кампања и притискок врз селаните за влегување во колективите е општата рамка во која можат да се стават сите настани на селото во текот на 1949 година. Со крајна необјективност се даваат оценки за успесите на социјалистичката преобразба, која ете, токму во тој момент, во «созреани» услови ќе го преведе селанецот во «комунизмот». Квантитативниот растеж на бројот на задругите и бројот на членството е основниот критериум со кој се поткрепуваат «големите успеси» во реализирањето на партиската линија на Вториот пленум. До 10 март беа формирани 414 СРЗ, до почетокот на април 528 СРЗ [13], до почетокот на мај 723 СРЗ [14], до крајот на јули 1949 година 764 СРЗ [15], а до 12. 10. 1949 година 837 СРЗ [16]. Според Комисијата за село при ЦК КПЈ, до 31. 12. 1949 година во НРМ имало вкупно 833 СРЗ со 53.470 домаќинства или 41% од вкупниот број на домаќинствата во Републиката, со вкупно 339.014 членови [17]. Оттука може да се види дека во НРМ, просекот на членови на едно домаќинство во СРЗ изнесувал 6,24 члена и бил највисок во рамките на ФНРЈ, пред Босна и Херцеговина со 5,4 члена, Србија 5 и Црна Гора 4,72 члена [18] Овие 833 СРЗ располагале со површина од 284.642 ха земја [19].

Една од специфичностите во спроведувањето на колективизацијата на македонското село, неоспорно беше различниот однос на властите кон македонското селанство и кон селанството на малцинствата со муслиманска вероисповед. Само кусо свртување кон статистиката за националниот состав на формираните СРЗ ја потврдува оваа наша констатација. Како што наведовме, во 1948 година во НРМ имало 237 СРЗ со 8.633 домаќинства, од кои 8.350 или 96,96% биле македонски, 139 или 1,51% турски, 22 или 0,25% шиптарски и 79 или 0,80% цигански домаќинства. Од тука бил изведен и заклучокот дека «најконзервативно се држи малцинството Шиптари» [20].

Податоците од 1949 година зборуваат дека во НРМ имало 200 села населени исклучиво со шиптарско население и 110 национално мешани села, односно вкупно 310 села населени со овој национален елемент. Покрај шиптарските, постоеле и 95 чисто турски села, а 139 мешани во кои живееле Турци и Македонци, односно вкупно 234 села во кои живееле исклучиво национални малцинства – Турци и Шиптари [21]. Ако извршиме сумирање се добива бројка од 544 села каде живееле Македонци, Шиптари (Албанци) и Турци. До крајот на 1949 година, СРЗ биле формирани во „чисто шиптарски села 12, во турски 7, во мешовити Македонци и Шиптари 49 и Македонци и Турци 78. Значи од 544 села, СРЗ има формирано во 146, а во останатите 398 села нема формирано СРЗ [22].

Од вкупно 13.592 турски домаќинства во СРЗ влегле 1.687 или 12,5%, додека од вкупно 26.092 шиптарски домаќинства (за Скопска област без домаќинствата во градовите) во СРЗ влегле 1.269 или 4,8% од вкупниот број на шиптарски домаќинства [23]. Овие податоци јасно зборуваат дека учеството на малцинствата во СРЗ било доста слабо [24]. Како основни причини заради кои во малцинските средини најтешко продирале мерките на новата власт се сметале нивната културно-просветна заостанатост и «верската затуцаност». Новиот дух на егалитаризмот, рамноправноста помеѓу половите, ослободувањето од религиската свест итн., не можел да го сруши тој традиционален свет во муслиманската средина така брзо, како што го рушел во селата со македонско христијанско население. Прва причина за тоа е што пораките кои ги носела НОБ биле далеку поприфатени во македонската средина, соодветно и на учеството во таа борба насочена помеѓу другото и кон рушење на «старото», а во тие рамки и на стариот затворен рурален начин на живот. Второ, улогата на религијата и нејзината инкорпорираност во животот и опстојувањето на одредени етноси бил различен во муслиманската и христијанска средина. Додека христијанската црква во Македонија (свештенството од македонско потекло) била дел од национално-ослободителните стремежи на македскиот народ, а со тоа и на еманципаторските процеси кои од тука произлегувале, дотогаш муслиманството се наметнувало како арбитер над целокупниот живот и делување на верниците со силна тенденција на конзервирање на односите. Низ сето ова, сепак ни се наметнува и заклучокот дека малубројното учество на малцинствата во редовите на НОД 1941-1944 година покажува дека голем дел, посебно од шиптарското население во Западна Македонија, не ги идентификува своите политички цели со ослободителната борба на македонскиот народ, а по војната покажува најразличен вид отпор против новиот дух на времето, борејќи се против сеопштата еманципација, а посебно еманципацијата на жената [25].

Среќавајќи се со силниот отпор при формирањето на СРЗ во шиптарските и турски средини, поедини партиски комитети настојувале да формираат СРЗ прво во македонските села, запоставувајќи ја работата во селата со шиптарско население [26]. Покрај тоа, бројни биле случаите на несогласици помеѓу селаните во мешаните села и заострувањето на нивните меѓусебни односи [27].

Борејќи се против постојните меѓунационални нетрпеливости и шовинизмот, ЦК на КПМ настојува да ги амортизира заострените меѓунационални тензии, барајќи од своите членови идеолошко-политичката работа да доминира над сите други мерки (28[28]. Тоа значело воспоставување на курс на попустлива политика и потолерантен однос кон малцинствата со цел да не се заоструваат и понатаму меѓунационалните односи [29] Ваквиот нееднаков третман на македонското селанство и она на малцинствата, имаше трајна последица во тоа што шиптарското малцинство си ја сочува земјата и стоката и беше поштедено од силни миграции. Од друга страна, со пропаѓањето на СРЗ, пропаднаа и имотите на македонските селани коишто беа принудени да бараат егзистенција надвор од земјоделството и надвор од селото. Истовремено, во почетокот на педесеттите години, турското национално малцинство во НРМ, погодено од мерките на експропријација и национализација, од колективизацијата и Законот за забрана носење зар и фереџе [30], почнаа процес на помасовно иселување од Македонија во Турција. Наместо македонскиот народ и турското малцинство, се населуваше албанското национално малцинство и со тоа се вршеше позасилена албанизација, посебно, на Западна Македонија.

Интензитетот на кампањите за формирање на СРЗ и одлучното опстојување на таа партиска линија, продожило и во текот на 1950 година. Во средината на 1951 година, СРЗ во Македонија со број од 981 го достигнуваат својот максимум. Според податоците од 30. 06. 1951 година, селските работни задруги биле од следните типови во различните делови на Југославија. Типови на СРЗ во републиките на ФНРЈ Тип ФНРJ Србија Хрватска Словенија БиХ Македонија Ц. Гора I 1.014 219 197 262 332 4 II 2.146 979 597 64 448 22 36 III 3.436 627 734 30 723 923 399 IV 368 238 46 25 2 36 1 Вкупно 6.964 1.574 1.574 381 1.505 981 440


Од горниот преглед може да се види дека доминирал третиот тип на СРЗ во рамките на ФНРЈ како и во републиките Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија. Општа е оценката дека «постоела тенденција сите задруги да се претворат во трет и четврт тип додека за прв и втор тип воопшто не се исплатувале закуп и камата на внесената земја или се исплатувале сосема мали симболични износи» [31]. Ваквата состојба е посебно карактеристична за НРМ каде што нема ниту една формирана задруга од прв тип, 22 се од втор тип, 923 од вкупно 981 СРЗ се од трет тип, додека 36 се од четврт тип. Во НРМ воопшто не бил почитуван принципот на доброволност при изборот на типовите по кои ќе работат овие задруги [32] и очигледна е тенденцијата за создавање на поголем број СРЗ од трет тип и нешто од четврт тип, како повисоки, социјалистички облици на задруги, зашто се верувало дека првиот и вториот тип, набрзо ќе прераснат во повисоки типови [33].

Во наведента табела веднаш паѓа в очи различниот пристап што го имало словенечкото раководство кон спроведувањето на колективизацијата. Иако Словенија била најразвиено стопанско подрачје во ФНРЈ, сепак таму се тргнало постепено, од најнискиот тип на СРЗ. Со тоа селанецот наеднаш не бил принуден да се откаже од сопственоста на земјата, а повисокиот тип на здружување бил оставен да се развива со самиот општествено-економски развој, без форсирање на тој план.

Еден од основните принципи при формирањето на задругите во Македонија, декларативно, беше принципот на доброволното стапување на селаните во задругите. Во периодот од 1945 до 1948 година, со извесна пренагласена пропагандна дејност и перманентна «класна» борба на село, покрај одделни исклучоци, главно, бил почитуван овој принцип [34]. Судирот со ИБ и ригорозната идејно-политичка диференцијација во редовите на КПМ – «за» и «против» ИБ од 1948 година и натаму, уште повеќе ја замрси и така тешката положба на село, каде што отпорите на селанството против мерките на аграрната политика почнале да се објаснуваат како непријателско делување поврзано со «надворешни, мрачни сили». Најголемиот број селани во првиот момент, ниту ја сфаќале, ниту сакале да ја прифатат оваа мерка на «народната држава» која во името на «нивната посреќна иднина» ги принудувала да се откажат од нивниот вековен сон – парчето сопствена земја. Бројни се сведочењата за «терањето» на селаните да стапат во колективите, со најразлични средства и примена на насилство [35]. Низ документацијата мошне нагласено се зборува за појавата на «непријателски елементи» со кои УДБ-а и другите органи бескомпромисно се пресметувале. Со оглед на тоа што новата власт во селанството имаше дотогаш голем и лојален сојузник, врз чии плеќи лежеше целокупниот развој, мошне е индикативна појавата на толку многу «непријатели на социјализмот» на село.

Во прилог кон сето горе кажано, зборуваат и ригорозните казни во многубројните судски процеси против земјоделците за нивното истапување против задругите. Така, во една анализа на судските процеси се вели дека «не ретка појава е да се изрекуваат казни во размер од 10-20 години лишување од слобода и конфискација на имотот [36], покрај низата претходни малтретирања – психички и физички изживувања на кои биле изложени поединци затоа што одбивале да влезат во колективите [37]. Со употреба на оружје и сила, биле загушени и организираните масовни бунтови од страна на селанството во Радовишко, во повеќе села во Кичевско, Кумановско и други места, додека пак селаните од своја страна барале најразлични други начини да се извлечат од влегувањето во колективите и при тоа да ги избегнат казнените санкции [38].

Создавањето на нови СРЗ и проширувањето на веќе постојните, според партиските информации «се одвивало напоредно со борбата против непријателските елементи кои настојувале да ги разбијат постојните задруги и да го оневозможат формирањето на нови» [39].

Најчесто непријателската дејност на «кулачките» елементи во СРЗ се поврзувала со делувањето на Информбирото, балистите и ВМРО [40], кои ширеле пропаганда против колективите користејќи наводно «некои малки несредовености во СРЗ» [41]. Вака формулиран – како дејност на непријателски елементи, отпорот на селанството кон колективизацијата бил полесно кршен, без да се сфати неговата суштина и да се утврди за какви «непријатели» се работи. Земјоделците кои давале отпор за стапување во СРЗ, како «непријатели» на «социјалистичката преобразба на селото» биле одведувани во бројните тогашни логори, најчесто без судски процес, изложени на милост и немилост на самоволието на «народните» власти [42]. Прогласувањето на непријатели на СРЗ, било само повод да се врши репресија над посмелите и повлијателни селани чиј отпор се кршел со различни методи и претставувал пример за другите селани, кај кои, се сакало да се сосече во корен идејата за спротивстатвување на официјалната партиска линија [43].

Поединечното повикување ноќно време, заплашување, држење во притвор без објаснување, тепање, понижување и газење врз човечкото достоинство, држење вперено оружје и најразлични други начини на «убедување»" со кои се кршел отпорот на селанството [44], создале во периодот 1949-1951 година заострена ситуација на село, а успехот од колективизацијата изостанал, посебно нејзините економски предности.

Излегувањето на Упатството на ЦК КПЈ за натамошниот развој и унапредување на задругарството од крајот на 1951 година, со кое се бараше пореално приоѓање кон задругарството, односно да не се форсираат СРЗ онаму каде што за тоа нема услови, им даде на селаните реална основа да бараат излегување од СРЗ заради пасивноста на нивното село. Меѓутоа, органите на теренот во Македонија, не покажале слух за ваквата неминовност и не согледале дека тоа е погоден момент да се ослободат од нерентабилните СРЗ [45]. Карактеристично при тоа е што најнапред барале растурање оние СРЗ кои биле формирани во текот на 1949 и почетокот на 1950 година. Овој факт јасно зборува за начинот на нивното создавање зошто голем број од нив биле само формално формирани и «воопшто не заработиле како такви» [46]. Според официјално мислење на Партијата во Македонија, во 1951 година, барањето на селанството да излезе од колективите, генерално, се оценува како «последица на работата на непријателските елементи» [47]. Сепак веќе во текот на 1952 година интензивно се спроведува процесот на реорганизација на пасивните СРЗ [48] иницирана со Упатството на ЦК КПЈ. Оваа реорганизација добила нов импулс со Уредбата за имотните односи и реорганизација на СРЗ од март 1953 година [49], со која формирањето на задругите се врзува со стриктното почитување на принципот на доброволност[50] .

Најголемиот број на СРЗ во Македонија не поседувале ни минимум општествени и економски услови за да се развијат во модерни и крупни социјалистички стопанства. Со механичкото спојување на ситните индивидуални селани биле создадени задружни стопанства кои располагале со заостанати средства за производство и каде воглавно се работело на екстензивен начин. Заради тоа и економските резултати што ги остварувале СРЗ во најголем дел биле незадоволителни. Идеолошката определба за интензивна колективизација не можела долго време да ги крие вистинските ефекти од задружното производство – неекономичноста, незаинтересираноста и нерентабилноста [51].

Одделувањето на селанецот од неговиот приватен посед, во време кога тој воопшто не бил подготвен да се откаже од него, како и објективните услови во кои не можела практично да се докаже некаква предност и супериорност на колективната обработка на земјата, биле основните причини за неуспехот на колективизацијата во Македонија. Со мерките на аграрната политика по 1945 година во Македонија не беше направен оној пресуден еманципаторски чин на укинувањето на селанецот и негово претворање во модерен земјоделец. Замената на економската логика со административно-политичка принуда создаде услови за постојано заостанување на земјоделството во однос на другите стопански гранки. Земјоделството донекаде беше и свесно жртвувано на индустријализацијата на земјата, а селанецот беше претворен во објект на првобитната акумулација на државниот капитал. Планската индустријализација, од своја страна, го отвори процесот на наглата и стихијна урбанизација во НРМ, чија основна карактеристика беше поголем прилив на селска работна сила од потребите на индустријата. Односот кон индивидуалното земјоделство како подрачје на зафаќање на вишокот на трудот предизвика брз егзодус на селанството. На другата страна, наместо да биде изложена врз нужноста да создава сопствен доход, индустријата се навикнувала на «дотации» од земјоделството. Неекономскиот однос помеѓу земјоделството и индустријата го забрза процесот на растење на македонските градови врз крајно нееквивалентна основа. Настана индустриска пренаселеност на жителите со маргинална продуктивност. Се случи спротивното од патот кој требало да се оствари и кој значел модернизација на земјоделството и селото, т.е. изедначување на условите за живот и работа на релацијата град-село.

  1. Според некои автори, првата задруга во Македонија во која селаните започнале со заедничко обработување на земјата била формирана во есента 1944 година, во охридското село Љубаништа, каде што покрај сопствената, селаните ја обработувале и манастирската земја земена под закуп. Меѓутоа, официјалното почнување со работа на оваа СРЗ, можеме да го лоцираме во есента 1945 година, кога била одржана конференција на селаните заради поделбата на имотот на манастирот Св. Наум (Архив на Македонија, подрачно одделение – Охрид, фонд: Околиски комитет на СКМ – Охрид, к-1, 1944/47, Записник од конференцијата на селаните од с. Љубаниште, 26. 10. 1945). (Натаму, АМ. п.о.).
  2. Архив на Македонија, ф: ЦК СКМ, Организационо-инструктивно одделение, к-1, Реферат о стању и проблемима селјачких радних задруга у НРМ, 16. 03. 1947. (Натаму АМ)
  3. Законот е донесен на 25.12.1945 година (Документи од создавањето и развитокот на НР Македонија 1944-1946, Скопје 1949, 48-78).
  4. АМ, ф: Министерство за земјоделие и шумарство, к-120, Годишни извештаи за членството и фондовите во селските работни задруги. 1948.
  5. АМ, фонд: Министерство за земјоделие и шумарство, к-120, Годишни извештаи за членството и фондовите во селските работни задруги, 1948; АМ, исто, к-111, к-108, к-109, Решенија за формирање на СРЗ во 1948.
  6. Архив ЦК КШ, ф: Пленуми, 11/1-8, Материјали за Другог пленума ЦК КПЈ одржаног 28-30 јануара 1949.
  7. Резолуција од Второто пленарно заседание на ЦК КПМ… «Нова Македонија», VI, 1339, 27. 04. 1949.
  8. Комисијата за село при ЦК КПМ, формирана на 7. 04. 1949, била во следниот состав: Ристо Џунов-претседател и членови: Ристо Бајалски, Исак Сион, Петре Новачески, Стево Матески, Васил Ѓоргов и Никола Митровски.
  9. АМ, ф: ЦК СКМ, Комисија за село, к-37, Записник са одржаног састанка Комисије за село при ЦК КПМ, 07. 04. 1949.
  10. АМ, п.о. Скопје, ф: Околиски комитет ан СКМ - Скопје, к-1, док.бр. 199/5, До околискиот комитет на КПМ - Скопје, циркуларно писмо, 18. 03. 1949.
  11. Изборот на типот на задругата било едно од прашањата по кои ЦК КПМ согледува дека има «доста скршнување... Праксата покажа да селаните најмасовно влегуат во задругите од прв и втор тип, а нивното орагнизационо зацврстување и економското јакнење ќе создаде услови за преминување во трет и четврт тип» (АМ, п.о. Скопје, исто).
  12. АМ, п.о. Скопје, ф: Околиски комитет на СКМ - Скопје, к-1, док.бр.199/5
  13. 528 Селски работни задруги, «Нова Македонија», VI, 1318, 02. 04. 1949.
  14. Idem, ф: ЦК СКМ, Комисија за село, к-37, Записник са одржаног састанка Комисије за село при ЦК КПМ, 07. 04. 1949.
  15. «Нова Македонија», VI, 1427, 02. 08. 1949, Во 764 работни задруги е колективизирано околу 40 од сто од земјата.
  16. Архив ЦК СКЈ, XV 1/68, Извештај о извршеном прегледу сељачких радних задруга, 12. 10. 1949.
  17. Според податоците на Контролната комисија при Владата на НРМ, бројот на членови во СРЗ изнесувал 327.690 што е нешто помалку од бројот што го дава Комисијата за село при ЦК КПЈ (АМ, ф: Контролна комисија при Владата на НРМ, к-1, Извештај о раду Комисије државне контроле НР Македоније у 1950 години).
  18. Архив ЦК СКЈ, XV 1/127, Сељачке радне задруге - прегледи, 30. 06. 1951.
  19. АМ, ф: Контролна комисија при Владата на НРМ, к-1, Извештај о раду Комисије државне контроле НР Македоније у 1950 години.
  20. Idem, ф: Контролна комисија при Владата на НРМ, к-7, Извештај за работата на Сојузот на работните земјоделски задруги на НРМ во 1948 година; АМ, ф: Сојуз на трудови земјоделски задруги, к-1, Заклучение (материјал за развојот на СРЗ), 1949. Бројот на турските и шиптарски домаќинства не може да се прифати за точен, бидејќи во овој период многу често Торбешите и Турците ги вбројувале како Шиптари. Исто така, постоело силно движење кај Шиптарите да вршат притисок врз Турците на религиозна основа, овие да се определат како Шиптари. Така, на пример, во една анализа на ЦК КПМ од 1952 година, дадените податоци за шиптарското малцинство не се прифаќаат за точни бидејќи «во Кичево не се издвоени Торбешите»; «во прегледот за Гостиварска и Тетовска околија во горниот број» (37.967 и 48.643) «се урачунати и Турците (а во град Тетово према искажувањата од сите муслимани се преку 70% Турци)». (А М, ф: ЦК СКМ, Први конгрес на СКМ, к-27, Анализа за шиптарското малцинство во НРМ од 17.1 до 10. 11. 1952, 18. 02. 1952).
  21. Idem, ф: ЦК СКМ, Комисија за село, к-17, Преглед на селата во кои живеат малцинства и участвието на малцинствата во СРЗ.
  22. АМ, ф: ЦК СКМ, Комисија за село, к-38, Учество на малцинствата во СРЗ.
  23. Idem, ф: ЦК СКМ, Комисија за село, к-17, цит.док.
  24. На пример, во 1949 година, во Битолско работеле 82 СРЗ во кои биле зачленети 45 семејства од разни народности, 179 шиптарски, 216 турски и 4.796 македонски. (Фондови на селански работни задруги во Битолско, Историски архив-Битола, 1971).
  25. Idem, ф: ЦК СКМ, Први конгрес на СКМ, к-27, Анализа за шиптарското малцин¬ство во НРМ, 18. 02. 1952; Исто, Записник од состанокот на Политбирото на ЦК СКМ, 29. 02. 1952; Како што зборуваат документите «агитацијата во шиптарските села за стварање на задруги се одвиваше малко различито од агитацијата во македонските села. Со оглед на това да отпорот во Македонските села иде повеќе од економска база тојест селаните го поставуват прашањето дали во задругата ќе им биде по добар живот или вон задругата, додека пак во шиптарските села овоа прашање не се поставува, ами стварање на задруги го поврзуат со верата, фереџето и жената». (АМ, п.о. Скопје, фонд: Обласен комитет на КПМ – Скопје, 1949/1950, к-2, док. бр. 325, Анализа за начините и формите кои се употребувани во формирањето на СРЗ); АМ, п.о. Скопје, ф: Обласен комитет на КПМ - Скопје, к-6, док.бр.824, Анализа од Петар Јанковски, инструктор во Комисијата за село при Обласниот комитет, 04. 10. 1949
  26. Силен отпор за формирање на СРЗ дале кичевските села, особено с. Зајас, каде што по сите «стеги» и «убедувања», од ова село и од селото Жубрино избегале во планините голем број лица. Пред таквиот отпор, Околискиот комитет бил принуден да ги повлече екипите и да ја сопре акцијата за формирање на СРЗ и во другите шиптарски села во Кичевската околија. (АМ, ф: Вариа, 11/123, Извештај за новоформираните селски работни задруги во Кичевска околија).
  27. АМ, ф: ЦК СКМ, Комисија за село, к-38, Материјал без наслов (за новите стопански мерки во ОКОЛРШТС на Источна Македонија), 1951; Така во еден извештај од терен на Обласниот комитет на КПМ – Скопје, меѓу другото стои: «Малиот број работни задруги во малцинските села, како и малиот број иницијативи за создавање на СРЗ доваѓа покрај другото и од таму што во тија села политичка работа е многу слаба и што се, поради небудност и аполитичност направени некаде крупни грешки при создавањето на СРЗ поради што нарочно во мешаните села кај што има задруги е создадена доста голема омраза помеѓу задругарите и незадругарите...Вакви карактеристични примери биле забележани во тетовските села Радиовце и Долно Палчшпте» (АМ, п.о. Скопје, ф: Обласен комитет на КПМ – Скопје, к-4, док.бр.66, Извештај, јуни 1949).
  28. Idem, п.о. Скопје, ф: Околиски комитет на СКМ - Скопје, 1944-1955, к-4, док.бр.118/2, До сите партиски организации (окружница на ЦК КПМ), 1951.
  29. Idem, ф: ЦК СКМ, Први конгрес на СКМ, к-27, Извештај екипе ЦК СКЈ ... 13 - 29 јуна 1951 године.
  30. Во настојувањето да се изврши еманципација на муслиманската жена, како успов за сеопшта еманципација на овие маси, покрај описменувањето и разни други културно-просветни и образовни акции, започнува и кампањата за симнување на зарот и фереџето. Овој чин, всушност, симболично го означувал отфрлувањето на долговековната улога на подреденост и нерамноправност на муслиманската жена, и уште повеќе, нејзино излегување од темнината на средновековието. Кампањата за симнување на зарот и фереџето во НРМ била мошне интензивна во текот на 1950 година, непосредно пред донесувањето на посебниот Закон во јануари 1951 г.. Симнувањето на зарот и фереџето како акција беше најнапред поттикнато во Босна и Херцеговина, а нешто подоцна и во другите републики (Говор на Авдо Хумо, потпретседател на Владата на НР Босна и Херцеговина во врска со Законот за симнување на фереџето, «Нова Македонија», VII, 1787, 03. 10. 1950).
  31. Архив ЦК СКЈ, XV 1/152, Организациона питања земљорадничког задругарства, 06. 3. 952.
  32. На теренот се јавиле «Појави на морално-политички притисок» и други мерки на принуда, без да се води «Сметка за нивото на свеста на поголемиот дел на селани - за типот на СРЗ»(АМ, п.о. Охрид, ф: Околиски комитет на СКМ – Охрид, к-7, Записник од состанокот на ОК КПМ – Охрид и секретарите на ОПО во СРЗ и секретарите на МК КПМ во Охридска околија, 08. 06. 1951).
  33. Пример, во с.Белимбегово, повеќе селани побарале да стапат во СРЗ изјавувајќи дека ним им одговара прв и втор тип, а не трет тип на СРЗ, каква што била постојната. Ваквата состојба ОПО точно ја познавале, но никогаш не го поставиле тоа прашање и не изнашле решение. (АМ, п.о. Скопје, ф: Обласен комитет на КПМ – Скопје, к-7, док. бр. 68, Анализа, 11. 08. 1949).
  34. Во својата упорност за стриктно следење на партиската линија, без оглед на условите, поединци од органите на теренот често претерувале во своето самодокажување, посебно ако се има предвид нивното ниско културно-образовно ниво и идеолошка ограниченост, барајќи и пронаоѓајќи «кулачки» и «шпекулантски елементи» внатре и надвор од СРЗ, а неуспехот на одредена директива веднаш го поврзувале со делувањето на «непријателските» елементи (АМ, п.о. Скопје, Ф: Околиски комитет на СКМ. Скопје, к-1, Информација, за политичката состојба во СРЗ во Скопска околија, 1950).
  35. Бројни се придружните писма на Комисијата за село при ЦК КПМ до околиските народни одбори, во кои таа одговара на тужби и жалби на задругари кои тврделе дека се присилени да влезат во СРЗ. Во најголемиот број случаи одговорот гласи: «Наводите во притужбата не се верни бидејќи задругата не е формирана со присилувања и разни застрашувања...». (АМ, ф: ЦК СКМ, Комисија за село, к-17, Придружни писма до ОНО).
  36. Да се наведат сите примери на насилство врз селанството во формирањето на СРЗ, потребен е далеку поголем простор. Овде ќе наведеме само некои. Така, на пример, Душан Божинов од с.Шопско Рударе, Кратовска околија, член на СРЗ, бил осуден на 20 години лишување од слобода и конфискација на целокупниот имот, затоа што истапил со паролата «Долу колектив – нејќеме колектив». За исто дело биле осудени: Милисав Трајков (20 години лишување од слобода и конфискација на целокупниот имот), Љубе Трајков и Томе Веселинов (12 години лишување од слобода и конфискација на имотот), Трајан Христов Стефанов (10 години лишување од слобода и конфискација на имотот), сите земјоделци од с.Владевци, Кратовска околија. Нивните «прекршоци» биле судени «како кривични дела со тешки високи казни", така што Врховниот суд, иако речиси ги преполовил, сепак тие и натаму биле доста ригорозни. (АМ, ф: Вариа, 11/191, Прегледи и анализа на судските процеси на земјоделците). Разни други казнувања и судења на селани заради СРЗ, можат да се сретнат и низ друга бројна документација. (АМ, ф: ЦК СКМ, Комисија за село, к-17, Преглед на задругарите кои се влезени во СРЗ, а казнети од народната власт во Скопската област; Придружни писма до околиските народни одбори во кои Комисијата за село при ЦК КПМ одговара на притужби и жалби на задругари итн). Покрај липувањето од слобода, забележани се случаи на пресуди на смрт со стрелање. Тодор Јаневски од Охрид, тогашен управен референт во Министерството за земјоделие во Скопје, се сеќава: «Насте Тасески од Косел беше осуден на смрт со стрелање. Кога е извршена казната-не знам, но оттогаш не се виде жив». На смрт со стрелање бил осуден и Боге Бакал од с.Требениште, но после поднесената жалба, казната му била преиначена на 15 години затвор. Во еден партиски извештај се наведува: «Во кочанскиот крај, во некои планински села, кон крајот на 1950 година имало масовни малтретирања на селаните за стапување во СРЗ (апсења, претепувања, мачење -два селани се неправилно осудени на смрт), сето ова знатно ја влошило политичката состојба во тие места...». (АМ, ф: ЦК СКМ, Први конгрес на СКМ, к-27, Извештај екипе ЦК КШ о обиласку партиске организације у Македонији од 13 до 29 јуна 1951 године).
  37. Таше Спироски од Битола, се сеќава на повеќе случаи на отпор на селаните на колективите. Меѓу нив би го издвоиле примерот на богатиот сточар од с.Трново, Ѓушу Пано, кој одбивал да влезе во колективот. За време на одржувањето на оснивачката конференција, бил внесен во друга просторија, легнат на подот, а врз него била ставена дрвена врата на која газеле «убедувачите». Така тој веднаш бил приморан да се согласи за влегување во СРЗ. Набрзо, Ѓушу Пано, заедно со својот син се обидел да пребегне преку граница, но бил фатен и затворен. По шест месеци, починал во затворот, а неговиот син се преселува во Црна Гора.
  38. Малку е комичен случајот за селото Горно Српци. Таму селаните дежурале секоја ноќ и штом ќе забележеле дека кон селото се приближува екипата за формирање на СРЗ, со удирање на камбаната им јавувале на сите селани да се соберат сред село. На таков начин, тие не и дозволиле на екипата да применува поединечни «ноќни убедувања» (Сеќавање на Таше Спироски од Битола).
  39. Во еден партиски извештај, меѓу другото стои: «Во околијата Радовиш каде што делувањето на непријателските елементи дошло до силен израз во мнозинството задруги... после раскринкувањето, а и превземањето остри мерки кон непријателските елементи, доста се консолидирале и средиле во однос на состојбата во која биле. Во останатите околии работата на непријателските елементи доаѓала до посилен израз во поедини СРЗ (Струмица, Куманово, Кратово), која исто така била откриена и на време раскринкувана. Делувањето на непријателските елементи се јавува во разни видови како што е отпорот СРЗ да ги исполнат своите задолженија кон државата, сокривање на засеаните површини, ширење фама за војна, за тоа како после три години задругите ќе се расформираат итн». (АМ, ф: ЦК СКМ, Комисија за село, к-37, Информација о стању СРЗ у НР Македонији, 17. 10. 1950).
  40. Во овој период делувале некои поединци и групи на некогашната Внатрешна македонска револуционерна организација (ВМРО), меѓутоа во март 1946 година била формирана нова организација ВМРО-СДРМА (ВМРО-Самостојна Демократска Република Македонија под протекторат на Америка), која во текот на 1949 година се трансформира и преименува во ВМРО-ПРАВДА. Оваа организација си постави за цел борба за обединета Македонија во рамките на било која федерација (југословенска, балканска итн.), но истовремено се бореше за демократизација на општеството и посебно против насилничките методи на колективизацијата на македонското село (Глигор Крстески, Отпори и прогони 1946-1950, «Матица Македонска», Скопје 1994, 75).
  41. Како непријателска дејност се сметале и разните уфрлени пароли, како на пример «Тито Затвор, Лазо Избегал», потоа ширењето на воена психоза: «Утре ќе биде рат», «Држте се уште три дена ќе се растурат» итн. (АМ, п.о. Охрид, цит.фонд, Записник бр.22, на ванреден састанак на ОК КПМ - Струга, 16.05.1950).
  42. Глигор Крстески, како член на ВМРО-Правда бил одведен без судење во логорот под планината Кајмакчалан, на регулација на коритото на реката Црна, во близина на селото Скочивар. Тој раскажува дека околу 90% од затворениците во овој логор биле земјоделци доведени без судење, заради отпорот што го пружале при формирањето на СРЗ во нивното село. Повеќе месеци (7-8 месеци) нивните семејства воопшто не знаеле каде се и дали се живи. Логорот бил поставен на една голетинка, на припек, заграден со бодликава жица и со четири кули-митролески осматрачници на четирите агли. Логорашите биле чувани од затвореници кои се покажале посурови од официјално вработените во логорот. Луѓето биле изложени на исцрпувачка физичка работа низ камењарот и перманентно гладни. Добивале 350 грама леб дневно и тенок оброк од неколку резанки нељупени компири како течно јадење. Постојано жедни, пиеле минерална вода од некои мали изворчиња во планината, која била измешана со песок. Како последица од тоа, најголемиот дел од затворениците добиле тешки бубрежни заболувања. Облечени во традиционалните опинци, газејќи по камењата, затворениците ги набивале табаните, при што, имало случаи на добивање гангрена и ампутации. Во есента 1950 година, логорот бил преместен во Струмичко, близу селотот Босилево, на дренажните работи на блатото Моноспитово. Тука наместо жега и припек, насекаде било блато, маларични комарци и нечиста вода за пиење. Овој логор, како и повеќето од ваков вид, бил укинат во март 1951 година.
  43. Биле одржувани бројни судења на одделни «непријателски елементи» за кои се сметало дека «организирано работеле против задругите и организирале испраќање на молби» за растурање на СРЗ. Ваквите судења привремено внесувале страв кај задругарите кои на овој начин биле принудувани» да останат во СРЗ (АМ, ф: ЦК СКМ, Комисија за село, к-17, Информација о станју селјачких радних задруга, 1951).
  44. Трајан Љубески и Павле Станоски од с.Велмевци - Кичевско (пасивно печалбарско село) се жалеле на Душан Мицковски «службеник од Криминалната во Кичево» кој им претел со зборовите: «Ќе ти ги скршам забите ако не влезеш во задруга», «Ќе ти изеди помрчина» итн. Во анонимната жалба до Маршалот Тито, селани од с.Велмевци наведуваат дека и покрај тоа што во нивното село немало услови за работа на СРЗ, таа била присилно создадена, а биле тепани Тодор Тасевски, Трајан Павлевски и Илија Љубевски. - "Истите другари ги биеше другарот Душан Мицковски, службеник во Криминалната милиција во Кичево». За применување на присилни мерки во селата Мидинци, Зајас и Осломеј се жалеле две анонимни лица кои навеле дека членот на одборот Бранко Велјановски го газел и му држел револвер во устата на лицето Милан Исајловски и така го принудил да влезе во задруга. Така бил измачуван и Трипун Велјановски, кој бил слеп уште од 1917 година, потоа Силјан Петровски, браќата Диловски од с.Зајас, како и стариот селанец од с.Зајас, Муарем Беќировиќ, за кого се сомневало дека починал итн. (АМ, ф: Вариа, 11/123, Извештај за новоформираните селански работни задруги во Кичевска околија).
  45. Македонските државно-партиски власти оцениле дека «со објавувањето на ова Упатство непријателските елементи во задругите нашле легална форма за работа против задругите», тие истапувале «отворено и смело» барајќи законски прописи во своите барања (Архив ЦК СКЈ, XV 14/9, Говор друга Казара Колишевског). Вакви обиди за растурање на задругите позабележителни се во Охридска околија, Кичевска, Бродска, Тетовска, Струшка, Битолска, Радовишка, Кочанска, Царевоселска и Струмичка, уште во текот на 1950 година, за во 1951 година да станат се побројни во цела Македонија (АМ, ф: ЦК СКМ, Комисија за село, к-17, Информација о стању сељачких радних задруга, 1951).
  46. Така, во Кичевска околија, од 13 новоформирани СРЗ, 8 воопшто не почнале да функционираат, а во 4 веднаш се јавиле обиди за нивно растурање. Ист случај има кај 6 од 10 новоформирани СРЗ во Кочанска околија итн. Речиси сите СРЗ, во 47 села во НРМ, кои барале да се расформираат во текот на 1950 година биле новоформирани - во текот на 1949/50. (АМ, ф: ЦК СКМ, Комисија за село, к-37, Информации, 06. 05. 1950)
  47. Архив ЦК СКЈ, XV 14/9, Говор друга Казара Колишевског.
  48. Во изразено пасивните краеви реорганизацијата се сведувала на едноставна ликвидација, во други делови од земјата еден дел од задружниот имот (земја, стока и др.) се пренесувал на земјоделските задруги од општ тип заради организирање на колективно производство, таму каде што за него постоеле услови, додека другиот дел се враќал на задругарите за индивидуално користење. Во текот на 1952 година реорганизацијата зафатила 1625 или скоро 24% од вкупниот број на СРЗ во Југославија (Ѕ1јераn Lоугепоуć, Ро1јорrivгеdni гаzvitak FNRJ – Веоgгад 1954, 75).
  49. Сојузниот извршен совет на 30. 03. 1953 година издава Уредба за имотните односи и реорганизација на СРЗ, чија основна цел била создавање услови за пробивање на елементарните облици на економска демократија содржани во принципите на доброволност и економска заинтересираност (Сл.лист ФНРЈ, 14/1953).
  50. Тito J. B. Govori i članci, knјiga X, 213, (Iz гаzgvora ѕа ѕlušaocima Edi Šervuda, Вrioni, 25. 06. 1955).
  51. Vasić V. Putevi razvitka sozijalizma u poljoprivredi Jugoslavije, Beograd, 1960, 55-59.