Нов пораз на турската војска

По речиси четиридневни тешки борби, на 19 ноември 1912 година, српските пешадиски сили влегле во Битола, а Коњаничката дивизија влегла во Лерин.-На тој начин била завршена Битолската битка, во која покрај српската војска, голем придонес за победата дале и македонските чети,месната милиција и особено народот

На 14 ноември по пристигнувањето на Моравската од вториот повик кај селото Жван, командантот на дивизијата добил извештај дека на правецот на Војувалиштенската Река се наоѓаат извесни турски единици. За осигурување на десната страна бил упатен Вториот. прекуброен полк (во чиј состав главно биле Македонци) со ридската батерија како десна колона по Војувалиштенската Река, а со главнината го продолжил движењето согласно наредбата на Штабот на армијата. Десната колона наишла на турска колона кај село Војувалиште, каде што се задржала, а дивизиската претходница преноќила кај село Мургашево.

Во текот на ноќта командантот на армијата наредил главниот дел на дивизијата во текот на 15 ноември да ги запоседне позициите село Црноец-село Лисолај кон Бел Камен, а десната колона да го пресече патот помеѓу Битола и Охрид. По забележувањето на движењето на турските трупи од Охрид кон Битола, командантот на дивизијата ја засилил десната колона со еден пешадиски полк. Таа ги совладала ослабените турски единици кај манастирот Св. Петар и тука преноќила. Левата колона го продолжила движењето и во текот на денот избила кај село Мраморица. Нејзиниот 2. пешадиски полк ги протерал турските сили и преку Самарница ја преминал река Шемница и до квечерината пристигнал кај село Облаково. Тука се задржал, подготвувајќи се во текот на ноќта на 15-16 ноември да го нападне Бел Камен. Командантот на дивизијата се согласил со таквата одлука и му испратил засилување од еден баталјон.